1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинални и други парчиња од македонскиот мозаик

13 март 2021

Директорот на „Фајзер“ изјави дека израелскиот премиер Нетанјаху му се јавил дури 30 пати додека не ги осигурал вакцините. За жал, македонската политика ја нема таа моќ и треба реално да гледаме на нашата немоќ.

Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Без оглед каква е политичката реторика во која било земја во жестоката корона криза еден факт е неумолив и ужасен за моралот на човештвото – вакциналниот национализам ги претвори државите во некаков вид гневни, бесни и себични групи, како да се дел од кастингот од првите продолженија на „Лудиот Макс“. Изгледа дека е важно само да се преживее самиот и оние околу него, а другите можат да причекаат. Тоа е грдата вистина и мора да ја прифатиме онаква каква што е – сурова и непријатна, на некој начин и дарвиновска. Послабите треба да бидат позагрижени во размислувањата за иднината. Македонија, секако, е меѓу тие послабите.

Вакцини нема. Тоа е факт. Би требало да стигнат. И факт е дека ќе стигнат. Но кога? Кога ќе биде премногу доцна или пак во некоја идна претпоставена ситуација – токму навреме. Кој би можело да знае уште колку бранови ќе предизвика короната, дали следните ќе бидат уште посмртоносни или пак ќе биде намалена вирулентноста. Не е никаква новост да се каже дека Македонија премногу веруваше во плановите, заедништвото и солидарноста на ЕУ (а веруваше и во системот на СЗО, Ковакс, а и вложи пари во него). Од тоа нема ништо. Најдобро поминаа оние земји од ЕУ кои најмалку веруваа во моќта и знаењето на Унијата. За на крај да се испостави дека овој состав на Европската комисија е веројатно е најнеусогласениот и најмалку способниот во генерација. Без оглед што е составена од неверојатно искусни политичари, Комисијата, едноставно, не знае да функционира. Дали е во прашање нејзината претседателка или нешто друго, нека размислуваат оние што ги предложиле и избрале.

Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Пред неколку месеци, кога се дозна дека научниците дошле до првите вакцини имаше општ повик во Македонија – особено од опозицијата – дека властите треба да се обидат на сите можни начини да стигнат до вакцини. Преку државни комуникации, преку тајни канали, преку контакти со големите фармацевтски компании, преку посредници, да се премине преку секој мост што може да нѐ доведе до вакцините. И сега, наводната афера што ја публикуваше „Ла Верита“ (весникот задолжен да објавува разузнавачки, доверливи и класифицирани информации од Македонија кои треба да ѝ наштетат на оваа власт), парадоксално треба да ги поништи сите повици што беа извикувани на сет глас. Претходно се бараше дружба и со црниот ѓавол ако треба да се стигне до вакцини, сега проблем е фирмата, фантомска или не, од Хонгконг преку која Македонија требаше да стигне до кинеските вакцини.

Повеќе на темата:

-Како да се издржи март, без вакцини?

-Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

-Трка по вакцини на сите страни - спас се бара во „Синофарм“ и „Спутник“

Професорот Никола Пановски пред извесно време зборуваше дека му се кренала косата на главата кога слушнал колку наеднаш пораснале цените на вакцините и дека ниедна работа во ова свовиедно „воено профитерство“, што од државите што од компаниите, не треба да нѐ изненади. И дека, сепак, колку и да се скапи вакцините тие се сепак поевтини од грижата за здравјето и ангажирањето на здравствениот систем. Секако дека враќањето на парите предвидени за аванс и откривањето дека набаваката одела преку фирма во Хонгконг е удар за министерот за здравство Венко Филипче, затоа што крајниот резултат е дека нема вакцини.

Две работи се интересни од овој случај – првата е дека Филипче и други надлежни структури да се замислат и да се обидат да откријат како строго доверливата кореспонденција за вакцините стигнала до некои раце кои потоа ја препратиле во Италија кај „Ла Верита“. И втората, што е причината за одолговлекувањето на Кинезите, кога во исто време испраѓаат милиони дози во Србија, потоа во Унгарија, а да не зборуваме низ други места во светот. Дали е тоа некоја „воспитна“ мерка чие ехо треба да се бара уште во признавањето на Тајван (кое Пекинг никогаш не го заборави), дали поради одлуката на македонската влада да ги прифати американските барања и да не ја прифаќа технологијата 5Г на „Хуавеј“. Или пак што Македонија ништо не им понуди на Кинезите во својата економија (освен што зеде голем кредит за изградбата на двата автопата и таму работат кинески работници). Србија им даде важни индустриски капацитети на Кинезите за евтини пари, тие ја градат пругата од Белград до Будимпешта, во српскиот главен град има цела кинеска енклава, Вучиќ го нарекува кинескиот лидер „брате Ши“ и еден куп други работи. И сето тоа се става на кантар кога треба да се одбере земјата преку која Пекинг треба да ја одредува точката за пробив во Европа.

Јупитер и Меркур

Па, сепак, тоа е недоволно објаснување. Факт е дека Македонија нема важни играчи во светот на кои може да се потпре во оваа глобална трка. Претседателот Стево Пендаровски некни на ТВ21 објаснуваше дека државата пробала на сите начини да го одоброволи раководството на „Фајзер“ за вакцините, па и преку нобеловецот Ферид Мурад, кој е во бордот на компанија, и не успеала затоа што наводно сме мал пазар.

Во истиот ден директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла, Евреин роден во Солун, чиј родител го преживеал холокаустот, во интервју за израелската телевизија Канал 12 објаснуваше како премиерот Бенјамин Нетанјаху успеал да ги издејствува испораките на вакцините од компанијата.

„Јас бев импресиониран од опсесијата на вашиот премиер. Тој ми се јави 30 пати. Зборував со повеќе шефови на држави. Зборував и со премиерот Нетанјаху и тој ме убеди дека Израел е местото со вистинските услови да биде одбрано како земја каде што ќе биде тестирана ефикасноста на вакцината на ‘Фајзер’“, рече Бурла.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Обединети нации на Македонија

-Кој може да биде задоволен од пресудата за Мијалков

-Судир на десницата: Апасиев против ВМРО-ДПМНЕ

Се разбира, моќта на премиерот на еврејската држава е неспоредлива со моќта на македонскиот премиер – тоа е како да ги споредуваш Јупитер и Меркур. Но оваа ситуација со вакцините го отслика на свој начин местото на малата и сиромашна Македонија на светската мапа. А и човечките ресурси што се поврзани со неа на различни меридијани очигледно не можат да остварат пристап онаму-каде-што-треба. Па и она што е македонскиот прозорец кон глобалниот свет на бизнисот – „Македонија 2025“. И по сѐ изгледа дека ќе треба општеството на поинакви начини да ја одржува здравствената кондиција – со многу внимателност и почитување на мерките – додека не дојдат вакцините, кога и да се случи тоа.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

15:47

This browser does not support the video element.

Наспроти оваа македонска сага со вакцините и приказната за спектакуларното потфрлање на ЕУ со распределбата на вакцините, она што го прави Америка и со новиот претседател Џо Бајден треба да го загрижи светот. Во оваа пандемија САД си ја поставија улогата не како лидер на слободниот свет и солидарноста, туку како лидер на себичноста. Тоа отворено го пишуваат и американските медиуми. Бајден во средата нарача уште 100 милиони дози од вакцината на „Џонсон и Џонсон“, штотуку одобрена и која се дава само еднаш без ревакцинација. Сите вакцини што се произведуваат во САД веќе неколку месеци се наменети само за употреба во земјата. „Прво ќе се грижиме за Американците да бидат згрижени, а потоа ќе се обидеме да му помогнеме на остатокот од светот“, изјави во средата Бајден. Америка веќе има инокулирано повеќе од 100 милиони дози, а во магацините што се полнат има за уште 400 милиони жители. Населението на САД е 330 милиони. Прилично неправедно и себично.

„Њујорк тајмс“ вчера пишуваше дека десетици милиони дози на вакцината на „АстраЗенека“ стојат неискористени во американските магацини, но администрацијата во Вашингтон ги одби барањата на ЕУ да ги дистрибуира овие вишоци во европските земји. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, одговори дека компаниите имаат слобода да ги извезуваат своите продукти произведени во САД, но проблемот е што за тоа треба да даде дозвола претседателот, а тој сака до 4 јули да ја направи Америка „слободна од корона вирусот“.

Проблемот, според „Њујорк тајмс“, е што вакцините на „АстраЗенека“ складирани во Охајо и Мериленд не можат да стојат таму до бесконечност. Тие можат да бидат во фрижидери најдолго шест месеци, а бидејќи на некои земји им требаат и до три месеци додека се изврши испораката тоа значи дека на администрацијата на Бајден ѝ остануваат само неколку недели да одлучи што ќе прави со нив. Можеби и најпосле да пропаднат, додека светот чека.

„Америка се врати“, повторуваше постојано Џо Бајден по преземањето на власта. Но ако дел од тоа враќање е и овој вакцинален национализам, патот е себичен, без оглед што САД се вратија во сите меѓународни тела и ги ставија на брза лента односите со Европа.

Загадочни листи

Некогаш изгледа просто неверојатно како бугарскиот премиер Красимир Каракачанов знае да ја измеша македонската политика заради своите изборни цели во кампањата. И како македонските политичари, а и голем дел од медиумите, се навлекуваат на неговите провокации кои треба да ја поткопаат супстанцата на македонската политика, а и на македонското ткиво.

Објавувањето на списокот на имиња на македонски политичари од опозицијата, кои наводно имаат бугарски пасоши, ги наведе функционерите и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ еден по еден да се јавуваат како на испит за морална чистота и да тврдат дека тие немаат туѓо државјанство. Тоа стана дури и трагикомично, без оглед колку е силна етичката компонента во целата приказна, за која не знаеме дали е точна.

А медиумите потрчаа да прават интервјуа со Каракачанов и уште повеќе да им дадат гласност на неговите тврдења за „коинциденцијата на имињата“. Тоа е токму она што што го посакуваше Каракачанов – да ја зголеми својата улога во изборната кампања и да ја растресе македонската политичка сцена. Кога ќе се направи пресек на влогот и добивките, Каракачанов излезе многу поербап од сите што се претставуваат како македонски патриоти. И со неколкуте дополнителни неколку интервјуа да фрли дополнителен сомнеж во наводниот патриотизам на одредени македонски политичари. Вакво наседнување на македонската политика не сме виделе многу одамна. Запрепастувачко ниво на наивност.

Красимир КаракачановФотографија: BGNES

Па, заглавувајќи уште подлабоко во таа наивност и непромисленост, ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесе измени на законот за избор на пратеници, според кои оние што имале двојно државјанство да не можат да бидат избирани за народни претставници. Каракачанов ли ќе ја одредува агендата на македонскот законодовство? Па тоа е она што тој најмногу го посакува и може да му успее за само еден ден поради непромисленост. Тоа е кога реагираш без да размислиш на политички провокации. Дали сега поради провокациите на Каракачанов треба да елиминираш цели групи луѓе. Во владата на Никола Груевски имаше повеќе министри кои дојдоа од САД да ѝ помогнат на Македонија во привлекувањето на странски инвестиции и кои имаа американски државјанства. Тогаш, ако не можат пратениците да имаат двојни државјанства, зошто да имаат министрите кои би можеле да бидат во допир со многу почувствителни документи. Реакцијата на Артан Груби беше најпримерна во целата ситуација, без оглед какви биле неговите мотиви. Но најважно е што не може на македонски граѓанин да му се ограничуваат правата, без оглед дали тој бил државјанин на Бугарија, Франција, Полска или Финска.

Затоа, оние што ги предлагаат ваквите измени, а и оние што мислат дека би можеле да ги поддржат, треба повеќе да мислат на националните интереси, а не да реагираат како боцнати со остен, без да размислат за подолгорочните последици кои не се поврзани само за локалните изборите што ќе дојдат наесен.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми