1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинално лимбо: Меѓу руска и западна вакцина

Наталија Смоленцева
25 август 2021

Откако во Германија се воведуваат нови ограничувања за невакцинираните, некои луѓе се најдоа во чудна ситуација- целосно вакцинирани, но непризнаени. Наталија Смоленцева е една од нив.

Russland Chuvashia | Corona-Impfstoff | Sputnik V
Фотографија: Semyon Antonov/TASS/dpa/picture alliance

Пред шест месеци, додека престојував дома во Русија, го сторив она што сметав дека е одговорно: се вакцинирав против ковид-19 со руската вакцина Спутник V. Во февруари, Германија не нудеше вакцина за мојата старосна група и сакав да се заштитам себеси и оние околу мене. 
Вакцинирањето со Спутник беше потенцијално проблематично затоа што вакцината не беше одобрена во ЕУ. Но ризикот од заболување со ковид-19 додека бев во Русија, каде многу малку луѓе носеа маски и почитуваа социјална дистанца, беше поголем. А и добро беше чувството дека барем малку си заштитен, како во Русија, така и во Германија. 
Но, излезе дека мојата одлука беше погрешна. Спутник V се уште не е признаена во ЕУ. Притоа, иако сум целосно вакцинирана со две дози и имам антитела се уште морам постојано да се тестирам, а во некои околности, и да останувам во карантин. 

Оттука прашањето: што да прават „неофицијално“ вакцинираните во вакви случаи? Една можност секако е повторно да се вакцинирам, овојпат со вакцина одобрена од ЕУ. Но тоа не е така лесно како што изгледа. 

Дали Спутник V ќе биде прифатена во ЕУ?

Спутник во моментов се користи во повеќе од 60 држави, вклучително и во Унгарија и Сан Марино, но не е одобрена во ЕУ. Европската агенција за лекови (ЕМА) во март започна испитување на вакцината, но оценката се одложува поради недостаток на податоците од производителот. 
Пролетва, кога Германија се соочуваше со недостаток на вакцини, неколку политичари споменуваа увоз на вакцини од Русија. Но сега, кога веќе нема таков недостатокот, никој веќе не ја споменува таа опција. 

Во меѓувреме, стотици, ако не и илјадници жители на ЕУ се вакцинираа во Русија, поради недостатокот на вакцини во нивните земји. Некои дури беа дел од специјалните „вакцинални екскурзии“ во Русија од Германија. Над еден милион Унгарци се вакцинирани со Спутник, и уште десетици милиони низ целиот свет. 

Кој е заштитен, а кој не?

„Вакцинираните со Спутник V се совршено имунизирани и заштитени, дури и ако не се водат како такви“, вели Карстен Вацл, директор на Германското здружение за имунологија. На крајот се се сведува на прашањето: кој се смета за вакциниран и на која основа? 
Во моментов, за имунизирани се сметаат луѓето кои се вакцинирале со одобрена вакцина. Но, според Вацл, би било многу подобро да се најде начин за мерење на степенот на заштита, на пример преку антитела, без оглед како ги добиле. Проблемот е што никој не знае колку антитела се доволни за заштита од ковид-19. 

„Од имунолошка гледна точка, нема причина овие луѓе двојно да се вакцинираат“, вели Вацл. „А нема ни препорака што да се прави во вакви ситуации од страна на Институтот Роберт Кох“. 
Но, без доказ за вакцинација, патувањето од и во ЕУ станува потешко. А не е само патувањето проблематично: со растот на новозаразените со коронавирус, повторно се воведени ограничувања за посети на ресторани, музеи и вежбални во Германија. Дополнително, за да се забрза вакцинацијата, германската влада планира од октомври да ги укине бесплатните тестови. 

Дали повторното вакцинирање е безбедно?

Оттука, нејасно е што да прават „неофицијално“ вакцинирани луѓе како мене, и дали е медицински препорачливо да се вакцинираме повторно со вакцина одобрена од ЕУ? 
Кусиот одговор е дека никој не знае, а има многу малку студии за безбедноста и ефикасноста на комбинацијата на Спутник со некоја од вакцините одобрени од ЕУ: АстраЗенека, Модерна, Фајзер/Бајонтек и Џонсон и Џонсон.
Одговорниот за вакцинацијата во германскиот град Келн, Јирген Цастров, вели дека без адекватни студии, може само да се прават споредби. 

Јирген Цастров вакцинирал повеќе од 2.000 пациенти во КелнФотографија: DW

„Векторска вакцина е векторска вакцина, дури и да се користат различни вектори“, вели тој. 
„Претпоставувам дека тука нема зголемен ризик доколку вашата прва вакцина сте ја добиле пред половина година. Јас како лекар ќе ве третирам како некој кој воопшто не бил вакциниран“. 
Но многу лекари во Германија одбиваат да ги вакцинираат пациентите кои претходно примиле Спутник, затоа што не постои официјална препорака од Германскиот комитет за вакцинација. Цастров смета дека тоа е така затоа што многумина се потпираат на студиите и одбиваат да размислуваат послободно, но и поради страв од правни последици. 

Оттука, за да се вакцинирате по вторпат, мора да го најдете вистинскиот лекар. И откако ќе бидете целосно вакцинирани, потоа можеби ќе бидете подобро заштитени и ќе можете да уживате во слободата која ја имаат вакцинираните во ЕУ.

Прошетка во Русија и вакцинирање

02:17

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми