1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека: Се бара решение за неискористените вакцини

Лиза Хенел
1 март 2021

Во Германија се откажуваат термини за вакцинација, додека многу луѓе чекаат да ја примат заштитната вакцина. Лекарите се обидуваат да се справат со овој парадокс, но и го губат трпението.

Deutschland Coronavirus l  Impfstart bei der Polizei in Rheinland-Pfalz
Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Германија во моментов има главоболки поради лускузен проблем – има премногу вакцини, а малку луѓе кои сакаат да ги примат. Се работи за британско-шведската вакцина на АстраЗенека, која се трупа наголемо, бидејќи многу луѓе не се појавиле на термините за вакцинирање.

Таква е сликата и во центарот за вакцинација во Келн. Таму пред неколку дена дојдоа да се вакцинираат само 120 лица со АстраЗенека, иако центарот има капацитет за до 500 лица дневно. „За вакцината на Бионтек/Фајзер луѓето се појавуваат дури и еден час порано од терминот, во тој случај капацитетите се целосно искористени“, вели Јоханес Нисен, раководител на Здравствениот дом во Келн за ДВ. „За жал тоа не е така со вакцината на АстраЗенека“, додава тој.

Тоа што се случува во Келн се чини не е исклучок, туку феномен во целата земја. Според германското Министерство за здравство, од 1,4 милиони испорачани дози од АстраЗенека во земјата, до пред шест дена биле искористени само 212.000 дози. За споредба - од 5,7 милиони дози од Бионтек/Фајзер, веќе се употребени 4,8 милиони дози. Причината за ова, покрај скепсата за вакцинирање, е и фактот дека во првата приоритетна група се вакцинираат луѓе над 80 години, а во Германија вакцината на АстраЗенека не е дозволена за луѓе над 65 години.

Сојузот, покраините и Сојузната комисија за вакцинација (СТИКО) исто така придонесоа за зголемена колебливост кај луѓето во однос на вакцината на АстраЗенека. Покраинскиот премиер на Хесен, Фолкер Буфие жали за лошата и недоволна комуникација во јавноста околу ефективноста на вакцината. Освен тоа, Буфие ја критикуваше одлуката на СТИКО, вакцината на АстраЗенека да не им се дава на луѓе над 65 години. Европската агенција за лекови сепак препорача таа да се користи за сите возрасти. Поради ова се создаде впечаток дека АстраЗенека не е многу функционална.

Oд 1,4 милиони испорачани дози од АстраЗенека во Германија, до пред шест дена биле искористени само 212.000 дозиФотографија: picture-alliance/Flashpic

Да се спречи застој на вакцинирањето со АстраЗенека

Независно од причините, сега се бара решение да се искористат заостанатите вакцини. „Секоја опција е подобра од фрлање на вакцините. Добредојдено е се' што ќе придонесе за забрзување на процесот на вакцинација“, вели шефот на СТИКО, Томас Мертенс во разговор за ДВ. Сепак, треба да се задржи принципот на приоризација.

Во Германија, според препорака на СТИКО, има три приоритетни групи за вакцинација. По групата на луѓе над 80 години, следат учители, полицајци и роднини кои се грижат за лица кои имаат потреба од нега. Проблемот е во тоа што ако некој од првата приоритетна група не се појави на терминот за вакцинирање досега не биле повикувани луѓе од втората група да го пополнат испразнетиот термин. Тоа значи загубено драгоцено време во борбата против пандемијата.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

15:47

This browser does not support the video element.

Затоа СТИКО препорачува центрите за вакцинација да прават списоци со луѓе од другите приоритетни групи, кои би можеле да бидат вметнати во термините за вакцинирање доколку некој не се појави на вакцинација. Ова од минатата недела веќе се прави во центарот за вакцинација во Келн. Има таргетирани групи од одредени професии од втората група кои може да се пријавуваат за приоритетно вакцинирање, појаснува Нисен од Здравствениот центар. Ова е одлука на кризниот штаб во градот – иако се' уште нема официјална наредба од Берлин. „Како реализатори мораме да сториме се' за процесот да се одвива најдобро што може и да не чекаме сигнал од Берлин. Тоа трае премногу долго, а некогаш посакуваме поголема флексибилност,“ вели Нисен.

Повеќе:

АстраЗенека – непопуларната вакцина

Германците ја одбиваат вакцината на АстраЗенека

Студија: Вакцината на АстраЗенека спречува пренос на коронавирусот

Да нема приоритетни групи?

И другите покраини преземаат сопствени мерки. Елке Брајтенбах, сенаторка за социјални работи во Берлин, планира со неискористените дози од АстраЗенека да се вакцинираат 3000 бездомници. Овој проект наиде на критики. Германското Здружение за заштита на пациенти предупреди од какво било нарушување на планот за приоризација за вакцинирање. „Ова отвора премногу прашања, и од епидемиолошки и од етички аспект“, вели претседателот на здружението, Ојген Бриш. Со вакцинација на бездомниците фактички се задржува редот за вакцинација и ниту една група не е повластена, одговорија од одделот за социјални работи и интеграција во Сенатот, на прашање на ДВ.

Слични размислувања има и во Баварија, каде се оди дури и подалеку. Премиерот Маркус Зедер ја нафрли идејата вакцинацијата да им се препушти на лекарите, доколку АстраЗенека остане неискористена. На овој начин ќе се осигура „брза вакцинација“. Првиот човек на СТИКО, Мертенс, пак, предупредува да нема откажување од принципот на приоритетни групи за вакцинирање, бидејќи така многу стари луѓе кои треба да се вакцинираат ќе останат без вакцина. „Според мене, ваквите предлози се проблематични. Во секој случај мора да се најде добро и праведно решение“, вели Мертенс.

Кое решение да се најде за вакцина која е потребна, а не се користи? За да се спречи застој во вакцинирање и трупање на неискористени вакцини, пред се' е потребно народот да прифати дека се работи за безбедна и ефикасна вакцина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми