Расте бесот во БиХ поради бавната вакцинација. Група граѓани дури поднесе и кривична пријава против државниот врв поради ненабавка на вакцини. Но денеска има и позитивни вести: Кина обезбедила 50.000 вакцини за земјата.
Реклама
„Првата испорака на вакцини од 100.000 дози ја очекуваме во текот на наредната недела“, рече пред седум дена премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, објаснувајќи дека се работи за вакцини од рускиот произведувач Спутинк V, а чија цена изнесува 14,3 евра по доза.
Тоа требаше да биде само првиот контингент од вкупно 500.000 вакцини, колку што е наведено во договорот со дистрибутерот Медимпех од Вогошче, но медиумите во БиХ пренесуваат дека на полноќ истекол рокот до кој руската страна требало да го потпише договорот.
Тоа сѐ уште не се случило, а од федералната влада сѐ уште немаат ниту потврдено ниту демантирано дека рокот навистина истекол, и оти од оваа набавка на вакцини нема ништо. Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, вели, има информации за тоа.
Помош од Србија
„Нема ништо од руските 500.000 вакцини за ФБиХ“, рече Додик, додека во Стара Пазова во Србија ја примаше новата донација респиратори и заштитни маски за Република Српска (РС). „Не нарачале. Нема никаков договор, ниту нешто се случува на тој план. Јас би сакал да е така, но не е. Ние (РС) потпишавме порано договор со рускиот произведувач, но поради некои проблеми во производството, дојде до застој. Досега добивме 40.000 вакцини, а неделава ќе добиеме уште 40.000. Успеавме да ги вакцинираме сите здравствени работници, сега ќе ја вакцинираме популацијата од 65 години“, изјави Додик.
Меѓутоа, досега од РС во Србија се вакцинираа 15.000 лица и тоа е веројатно показател за способноста на функционирањето на кризниот менаџмент во БиХ. Сѐ повеќе граѓани кои се пријавуваат за вакцинација во Србија, а во последно време и населението од Федерацијата, бараат можности да се пријават во оваа земја, која досега вакцинираше 2 милиони жители.
„Се пријавив во Сремска Митровица, бидејќи ми е најблизу да одам. Добив потврда дека мојата пријава е примена. Прво не мислев да се пријавам, но откако се вакцинираше мојот кум пред неколку дена, се пријавив и јас. Тој ме наговори. Којзнае тука кога ќе дојдеме на ред“, вели Александар од Бања Лука.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Здравствениот систем пред пукање
Пред малку повеќе од еден месец е најавен почеток на процесот за имунизација во РС и навистина поголемиот број од здравствените работници се вакцинирани, но факт е и дека со капацитетот од 40.000 вакцини, не може да се направи многу. Поради тоа, властите на овој ентитет го „развлекуваат“ процесот на вакцинирање, за да се направи привид дека имунизацијата трае, бидејќи со останатото количество вакцини имунизацијата може да заврши за неколку дена. А бројките се повторно големи. Болничките капацитети се пред пукање, здравствените работници ги молат граѓаните да се придржуваат до мерките, бидејќи доколку продолжи растот на заразени, нема да можат веќе да примаат пациенти. „Ја запревме оперативната програма и работата на амбулантите. Тоа значи дека сите пациенти кои имаат потреба за контрола, кои имаат потреба да одат на прегледи, да ги продолжат своите терапии, не можат да одат на лекар“, вели Славица Зељковиќ, лекар во ковид одделението во Универзитетскиот клинички центар во Бања Лука.
Само во текот на 24 часа, во БиХ починаа 67 лица, а над 1.700 се заразени. Поради новиот бран, ФБиХ воведе полициски час на територијата на целиот ентитет, од 21 до 5 часот. „Дозволено е собирање на не повеќе од 20 лица во затворен и на отворен простор. Сите собирања мораат да се одвиваат во простор кој овозможува задолжителна физичка дистанца од најмалку 2 метра. Седумдневната инциденција на ниво на ФБиХ е 301 на 100.000 жители, а највисока е во Босанско-подринскиот, Сараевскиот и во Западнохерцеговскиот кантон“, соопштија од владата, која овие мерки ги донесе на период од 14 дена.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.
Фотографија: Hanaa Habib/REUTERS
8 фотографии1 | 8
Вакцините во бројки
Еден месец откако минатата година беше откриен вирусот во БиХ, кризниот менаџмент во двата ентитета беше неуспешен, иако дотогаш добиваше позитивни оценки, дури и од критичарите на власта. Меѓутоа, по воведувањето на полицискиот час минатата година сѐ тргна наопаку. Од набавката на респиратори, поради што се води постапка против премиерот на ФБиХ, Фадил Новалиќ, и луѓето на врвот на иституциите кои ги носеа одлуките, преку купување на теренска болница во РС, па сѐ до набавката на вакцини која го потврди фијаското во кој било облик на координација.
Во БиХ досега влегле околу 50.000 вакцини, но со директен договор и купување само РС успеа да обезбеди 40.000, додека остатокот се донации од Србија. Словенија вети 4.8000 вакцини како донација, но оваа дистрибуција ќе реализира преку Ковакс механизмот. За турската донација на 30.000 вакцини, кои се договорени пред неколку дена на состанокот во Турција, засега ништо не се знае. Од вакцината на Фајзер деновиве треба да стигнат 23.400 дози, најави Министерството за надворешни работи на БиХ. Поради тешката ситуација, во набавката на вакцини во БиХ се вклучија и претприемачи.
Сопствениците на над 200 приватни фирми покажаа интерес за учество во купување на вакцини за своите работници.„Во меѓувреме се јавија многу фирми, но за жал немаме финални инструкции како да го реализираме тоа. Се надеваме дека нешто ќе решиме наскоро“, вели Аднан Смаилбеговиќ, претседател на Здружението на работавачи на ФБиХ, кој додава дека доколку се остварат контакти, во процесот на набавка не би се заобиколила владата на Федерацијата.
„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“
15:47
Кривична пријава за неработење
Дел од населението веќе не можеше да чека, па преку неформална група граѓани, тие поднесоа кривична пријава против Зоран Тегелтија - претседател на Советот на министри на БиХ, Анкица Гудељевиќ - министер за цивилни работи, Фадил Новалиќ, премиер на Федерацијата, и Вјекослав Мандиќ, министер за здравство. Во пријавата се наведува дека „постои основа за сомневање дека во периодот од 18 септември 2020 година до 18 март 2021 година, свесни за своите законски обврски, тие не ги извршиле своите службени должности во врска со обезбедувањето и директната набавка на вакцините потребни за имунизација на населението “, наведува д-р Бакир Накаш, кој ја поднесе пријавата во име на околу триесетина граѓани.
„Нивната злоупотреба на службената должност има за последица неконтролирано ширење на заразна болест, смрт на голем број луѓе, ускратување на правото на здравствена заштита на осигурениците за здравствено осигурување и колапс на здравствениот систем во Босна и Херцеговина“, се вели, меѓу другото, во пријавата.