1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се вакцинираме или прво да пораснеме?

16 февруари 2021

После пандемијата, нашиот морален императив на патот кон ЕУ треба да биде „внатрешно обединети во самостојноста“, под мотото „Не чекај помош од никого. Ако дојде - твој проблем!“ Коментар на Катерина Блажевска

 Nord Mazedonien | Zoran Zaev und Aleksandar Vucic an der mazedonische Grenze, Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Поминаа два дена од помошта во вакцини што Србија и ја даде на Северна Македонија, и сѐ се одвива токму како во народната поговорка: „Не паѓа снегот за да го покрие брегот, туку за секој да ја остави својата трага на него".

Да стигнеше пакетот со вакцини „сам“, да не беше предаден од српскиот претседател Александар Вучиќ и примен од македонскиот премиер Зоран Заев, да не беше примопредавањето на вакцините и на убавите зборови извршено за време на една голема меќава (што на чинот му даде и додадена вредност на дарување и жртвување на студот) сигурно немаше да има толку афтершокови од Скопје, Софија до Белград.

Кога односите меѓу соседите се недорешени или накострешени, тешко е од купот на несогласувања да се издестилира чин на чиста хуманост, добрососедство, солидарност. Сѐ се толкува низ призма на интерес, на состојба „кога двајца се караат третиот користи“ и на сомнежи за скриени намери кои утре ќе си дојдат по наплата на своето.

Повеќе на темата:

До портите на Европа и околу нив

Западниот Балкан и вакцините против Ковид: Меѓу неспособноста и геополитиката

Во целата таа ситуација, сепак, најважно е какви се нашите реакции, бидејќи тие ги отсликуваат нашите намери и амбиции. Ако начинот на кој луѓето ги доживуваат и толкуваат настаните зависи од нивниот морален систем, засега на тој план резултатот е поразителен. Единствената надеж дека не е сѐ отидено по ѓаволите, извира од јавните реакции на граѓани кои се заблагодарија за помошта од Србија, без да и го мерат габаритот, што е правилен пристап, бидејќи помошта не се мери низ количини, туку низ желба да се помогне.

Другите реакции беа – зарем толкава врева заради една кутија вакцини!? Како тоа да не беше доволно несоодветно, па продолжија и потпрашања: „А каде се ветените вакцини од Бугарија? Каде се сега големите браќа Бугари, каде е братот Бојко?"

Да, од Бугарија ни беа ветени вакцини, исто како што беа ветени и од Грција (за нас и Албанија). Во навиката брзоплето да ги ставаме сите нешта во барабанот на моменталните (не)прилики, така ја ставивме на тапет и источната сосетка, и удривме заушка, и ја конфронтиравме со вакцинален доказ за тоа кој повеќе нѐ сака: Србија.

Повеќе на темата:

Вакцинација во С. Македонија: „Чекајќи го кодот“

За едните вакцини се чека документација, за другите кинеската Нова година  

Сето ова, се разбира, нема врска со причините поради кои се заладија односите меѓу Скопје и Софија. Не се сеќавам дека бевме многу подобри и кога во едни многу турбулентни времиња Бугарија ни подари 150 тенкови и друга опрема. Во дел од јавноста тие беа прогласени за старо железо, заборавајќи дека кога ЈНА замина однесе се, па овде не остави дури ни старо железо. Да не заборавиме дека и за време на грчкото ембарго Бугарија ни беше сламката за спас.

Денес со Бугарија треба аргументирано да спориме за одредени прашања кои ни застанаа на патот на Договорот за добрососедство, но по прашањата на вакцините не би било добро да ја поминуваме границата на добар вкус, селективно паметење и на фактот дека „има и утре“.

На помош, чија и да е, се одговара со искрено благодарам, а за се друго одговорите треба да си ги бараме дома. Зошто да прашуваме каде се вакцините од Софија или Атина? Ако сакаме да бидеме сериозна држава, а не привид за држава или за нечија неформална колонија, вакцините треба да ги чекаме како резултат на напорите на нашите, а не на туѓи власти. Нашите треба да најдат начин истите навреме да ги обезбедат, за да не молиме или да се задолжуваме кон некого, па тоа да стане новата „цена“ по која потоа ќе ги порамнуваме нашите стратегиски интереси.

Најмалку што треба е сега да запаѓаме во еуфории, во избор на нов „најдобар прв сосед“ и други патетики, бидејќи така оставаме впечаток дека нашата оценка зависи најмногу од афективноста на моментот и од ќарот за нас, од тоа кој најмногу или најбрзо ни помогнал, а не од еден стабилен и континуиран процес на потврдени добрососедски практики. 

Второ, треба да ни е јасно дека членството во ЕУ или НАТО, не е замена за индивидуалната улога и одговорност во креирањето политики. Тоа се виде на случајот со вакцините, на механизмот за нивна распределба и ред други празни места во односот кон земјите што се надвор од ЕУ клубот.

Во такви околности, денес Србија со право може да држи лекција за начинот на кој се справи со потребите за имунизација на населението. Се разбира, тоа капитализирање на поени може да резултура и со голем број нус-продукти на теренот на демократијата. Во колумна во српски медиум веќе се посочува дека тоа што „вчера е  вакциниран Заев, е пред сѐ, во корист на имунизацијата на Вучиќевото изборно стадо, во рамките на непрекинатата изборна кампања на тој човек“.

Кога ЕУ авторитетите ќе ги испуштат конците од рака, а некои од помалите на свој начин ќе ја покажат релативноста на големите и моќните, тогаш на старите демократии ќе им биде ѓаволски тешко да ја вратат моралната позиција од која би можеле да држат нови лекции за вредности, еднаквост, солидарност и демократија, и да критикуваат нечии автократски тенденции. 

Според тоа, новата ЕУ - „методологија" наликува на следново: „Ако успееш сам, добро. Ако не успееш, твој проблем". Србија тоа го демаскираше и капитализираше.

Оттука, после пандемијата, нашиот морален императив на патот кон ЕУ треба да биде „внатрешно обединети во самостојноста“, под мотото „Не чекај помош од никого. Ако дојде - твој проблем!"

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

02:17

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми