1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинирање наспроти ризик од воспаление на срцевиот мускул?

Александер Фројнд
18 септември 2021

Според статистиката, момчињата по примање иРНК-вакцина се повеќе загрозени од воспаление на срцевиот мускул отколку од тоа да завршат во болница поради Ковид. Експертите сепак препорачуваат вакцина поради т.н. долг Ковид

Themenbild Impfangebot fuer Kinder und Jugendliche
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

Вакцина или не? Оваа одлука родителите мора да ја носат не само за себе, туку и за своите малолетни деца. Постојаната комисија за вакцинирање (СТИКО) во Германија дури на средината од август - по голем притисок меѓу другото и од страна на политиката - даде генерална препорака за вакцинирање за деца и млади на возраст од 12 до 17 години. Претходно, експертското тело препорачуваше вакцинирање против коронавирус само за млади со претходни болести, како дијабетес.

Сега збунетост предизвикува едно ново статистичко истражување од САД, според кое ризикот од воспаление на срцевиот мускул (миокардитис) по вакцинирање со Бионтек/Фајзер кај младите е шестпати повисок од ризикот да заболат тешко од Ковид-19.

Научниците од Универзитетот Калифорнија споредувале колку често младите на возраст од 12 до 17 години, кои се без претходни болести, добиле воспаление на срцевиот мускул по вакцинирањето и колку млади од истата возрасна група во истиот период завршиле во болница поради заболување со Ковид-19.

Истражувани биле 257 случаи на млади со воспаление на срцевиот мускул, дијагностицирани во првата половина од 2021 година. Воспаленијата на срцевиот мускул најчесто имале благ тек и нема регистрирани смртни случаи.

Инаку, оваа тешка нуспојава се јавувала екстремно ретко - кај момчињата стапката била 162,2 на еден милион, а кај девојчињата 13,0 на еден милион.

Децата и младите сѐ почесто се соочуваат со долгорочни последици по Ковид-19Фотографија: ZDF

Сепак е подобро да се прими вакцина?

Многу здравствени експерти, и покрај ретките случаи на воспаленија на срцевиот мускул, препорачуваат вакцинација. Тие сметаат дека ризикот од заболување со Ковид-19 со долгорочни последици е повисок од ризикот од воспаление на срцевиот мускул

„Миокардитисот по вакцинирање со иРНК-вакцини против Ковид е констатирана, но многу ретка несакана нуспојава, која почесто се појавува кај момчињата отколку кај девојчињата (...) Акутниот тек на миокардитисот, при стационарен третман, е најчесто благ. Досега нема сознанија за можни долгорочни последици“, пишува институтот „Роберт Кох“ во својот „Епидемиолошки билтен“ од 19 август 2021-ва.

Дури и ако децата и младите често имаат благ тек на Ковид-19, останува ризикот од Ковид со долгорочни последици. Слично се изјасни и експертот на СПД за здравствени прашања, Карл Лаутербах. Тој на Твитер напиша дека станува збор за „добра студија“ со „несакани резултати“. 

Долгорочни Ковид-последици кај децата и младите

Напредокот во вакцинирањето на населението веројатно ќе доведе до тоа во иднина од Ковид да заболуваат повеќе деца и млади кои сѐ уште не се вакцинирани или кои не може да бидат вакцинирани поради различни причини.

Според едно шведско истражување, и децата и младите може да бидат погодени од т.н. „долг Ковид“. Тука се вбројуваат мултисистемскиот воспалителен синдром  (MIS-C), педијатриски мултисистемски воспалителен синдром (PIMS) и синдромот на хронична исцрпеност (ME/CFS).

Меѓутоа, според едно британско истражување од април 2021 година, вакви долгорочни последици од Ковид-19 кај децата и младите се регистрираат поретко отколку кај возрасните.

Воспалението на срцевиот мускул често се превидува

Воспалението на срцевиот мускул честопати не се препознава навреме, затоа што првичните симптоми како кашлање или течење на носот, зголемена температура, главоболки и болки во екстремитетите не се доведуваат во врска со воспаление на срцевиот мускул.

Пациентите со миокардитис имаат проблем со дишењето, вртоглавици, чувствуваат притисок во градите, имаат срцебиење или пореметувања на срцевиот ритам.

Ковид-19: Долгиот пат на опоравување

03:31

This browser does not support the video element.

Миокардитис често се појавува по инфекција на дишните патишта или стомачен вирус. Тоа, на пример, може да бидат вируси на морбили, херпес или грип. Понекогаш миокардитис предизвикуваат и бактериски инфекции како стрептококи, борелии или легионелии.

Доколку биде утврдено воспаление на срцевиот мускул (со ЕКГ или земање крв), најважно е срцето да се поштеди од напор, односно да се избегнува оптоварување. Порано лекарите препорачуваа стриктно лежење, а денес се дозволени мали прошетки. Освен тоа, пациентите добиваат и лекови за растоварување на срцето и стабилизирање на неговата функција. Потоа, кардиолог врши прегледи за проверка секои две-три недели.

Генерално, по тешка инфекција, би требало да се избегнуваат големи телесни оптоварувања во период од половина година. Спортските активности треба да се зголемуваат полека и постепено.

Воспалението на срцевиот мускул е тешко дури и за возрасен човек, но уште е покомплцирано кај децата и младите. Преголемо оптоварување по миокардитис може да доведе до компликации, сѐ до слабост на срцето со проблеми со дишењето, пореметувања на срцевиот ритам, па и ненадеен кардиоген шок.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми