Претрес кај градоначалникот којшто се вакцинираше преку ред
ЕМФ | дпа
22 февруари 2021
Со аферата со вакцинирањето преку ред на градоначалникот на Хале, Бернд Виганд, сега се занимаваат германските обвинители.
Реклама
Полицијата денеска направи претрес на повеќе службени простории на градската управа на германскиот град Хале. Постојат сомневања за „проневера“ на вакцини против коронавирус. Градоначалникот на Хале, Бeрнд Виганд, е осомничен дека „со непочитување на уредбата за вакцинирање против коронавирус“ се погрижил да се вакцинира лично и други лица кои не биле на ред за вакцинација.
Виганд во првата реакција тврди дека претресот е „несоодветен“ и ги отфрла обвинувањата. Градоначалникот на Хале вчера соопшти дека „веќе две недели е во огнот на дебатата“ и дека ќе „издржи“. Според него, она што недостига е стручна дебата околу прашањето - како да се постапува со вакцините кои ќе останат на крајот на денот на територија на целата држава. Според Виганд, и старата и новата уредба за вакцинирање дозволувале исклучоци во „нетипичен случај“, што, како што смета тој, во одделни случаи дава можност вакцината да им се даде и на лица кои не се во најприоритетната група за да се спречи фрлање на вакцините. Виганд вели дека во јануари бил повикан да се вакцинира, затоа што во тој момент немало други лица кои би се вакцинирале „спонтано“ со преостанати вакцини.
Обвинителството, пак, во своето соопштение до медиумите е јасно. Во него се вели дека на Град Хале и на Виганд, како највисок по функција службеник во градот, вакцините им биле само доверени. Тие не му припаѓаат нему и подлежат на правните одредби од уредбата за редоследот на вакцинирање. Останатите вакцини смеат да им се дадат само на оние делови од населението кои се загрозени од особено тежок тек на болеста или смрт поради инфекција со коронавирус, нагласува Обвинителството.
Портпаролка на Обвинителството изјави дека претресот е веројатно прв „за вакво нешто“ на територија на државата.
Вакцинирањето преку ред последните денови ја разбуричка германската јавност. Има податоци дека и во други места во Германија преку ред се вакцинирале не само локални политчари, туку и свештеници, полицајци и пожарникари.
Пандемија: Животот свртен на глава
Пред нешто повеќе од една година мистериозен нов коронавирус започна да се шири низ светот. Денес, бројот на заразени во пандемијата е над 100 милиони, а секојдневието на луѓето ширум планетата е драматично променето.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Колективно физичко дистанцирање
Сингапур има многу ниски стапки на инфекции со коронавирусот од октомври досега. Набљудувачите ја фалат оваа град-држава во југоисточна Азија за одржување на вирусот под контрола со внимателно следење на нејзините граѓани, делумно со апликацијата за задолжително следење. Падот на инфекциите значи дека локалното население може да посетува кино на отворено - под услов да се одржува физичка дистанца.
Фотографија: Edgar Su/REUTERS
Во Јужна Африка се шири страв
Јужна Африка е најтешко погодената африканска земја од пандемијата на коронавирусот. Овој пациент во болница во близина на Кејп Таун е еден од 1,4 милиони граѓани кои се заразени со Ковид-19. Новата варијанта на коронавирусот, позната како B.1.351 или 501Y.V2, само го зголеми стравот. Исто како и новата варијанта на британскиот вирус, се смета дека оваа јужноафриканска мутација е многу позаразна.
Фотографија: Rodger Bosch/AFP/Getty Images
„Социјално дистанцирање на сонце“
Со зголемените летни температури, многу Австралијци се во можност да уживаат во освежително пливање во океанот. Поставени се знаци за да ги потсетат посетителите на плажите да држат дистанца додека уживаат во сонцето, во обид да се спречи нов пораст на инфекции. Австралија забележа значително намалување на бројот нови случаи од септември наваму.
Фотографија: Bai Xuefei/Xinhua/imago images
Болка поради оние кои починаа
Келвија Андреа Гонкалвес (16) плаче на гробот на нејзината мајка во бразилскиот град Манаус - Андреа дос Реис Брасао почина на само 39-годишна возраст. Таа е една од безбројните жртви од Ковид-19 во градот кој остана без неопходниот кислород. Многу луѓе го обвинуваат екстремно десничарскиот претседател Жаир Болсонаро за мрачната состојба во земјата. Во Бразил од вирусот починаа над 221.000 лица.
Фотографија: Bruno Kelly/REUTERS
Што е сигурно е сигурно?
Во Хонг Конг, властите оградија цели населби без предупредување како одговор на ненадејниот пораст на инфекциите. Градот, посебен административен регион на Кина, наметна слични драконски мерки за спречување на епидемијата на вирусот како оние кои беа во сила во Кина. До неодамна, стапките на инфекции тука беа многу ниски.
Фотографија: Tyrone Siu/REUTERS
Танцување во сопствен меур
Американскиот рок-бенд The Flaming Lips смисли начин како да организира концерти со физичка дистанца: на неодамнешниот концерт во Оклахома Сити, бендот ја замоли публиката да влезе во пластични меури кои се надувуваат. На овој начин, тие можеа да се танцуваат додека безбедно се изолирани во сопствени меури. Публиката дури можеше да го држи на раце и фронтменот Вејн Којн кој се стркала од сцената.
Фотографија: Flaming Lips/Warner Music/REUTERS
Цркви претворени во центри за вакцинација
Многу цркви во моментов се затворени поради пандемијата, па местата за богослужба се претвораат во центри за итна вакцинација- како тука во катедралата Лихфилд, во близината на Бирмингем, Англија. За разлика од земјите во ЕУ кои во моментов се соочуваат со недостиг на вакцини против Ковид-19, Велика Британија редовно се снабдува со дози.
Фотографија: Carl Recine/REUTERS
Светло на крајот од тунелот
Ејми Езат подготвува торта во форма на вакцина која треба да се дистрибуира меѓу пациентите со Ковид-19 кои се лекуваат во болницата во Каиро. Египет се бори да ја активира својата кампања за имунизација низ целата земја. Сепак, на многумина можноста да се вакцинираат против коронавирусот им дава огромно чувство на надеж.