1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Вакцинираните против грип се поотпорни на Ковид-19 - зошто?

Фабијан Шмит
29 март 2021

Вакцинираните од грип заболуваат поретко и не толку тешко од Ковид-19. Дали тоа се должи на однесувањето или на имунолошкиот систем?

Deutschland Grippeschutzimpfung
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Wüstneck

Дали вакцината против грип штити од Ковид-19? Ако е така, тогаш кои се причините? Овие прашања ги преокупираат медицинарите, а тимот на чело со Ана Колон од Универзитетот Мичиген во студија објавена во Американскиот журнал за контрола на инфекции  дојде до зачудувачки резултати.

Медицинарите ги испитале податоците на 27.201 пациент од Мичиген, кои до 15 јули 2020 направиле Ковид-19тест. Од нив 12.997 претходно  биле вакцинирани од грип.

Се покажало дека уделот на невакцинираните кои се инфицирале со коронавирус е нешто помал отколку меѓу вакцинираните, имено 4 % наместо 4,9 %. Освен тоа, пациентите со заштита против грип, при инфекција со коронавирус поретко морале да бидат лекувани во болница или да добијат кислородна поддршка, а ако биле на болнички третман, тој траел во просек пократко. Кај стапката на смртност меѓутоа не е забележана значајна разлика.

Каква улога игра вродената одбранбена моќ?

Клучното прашање кај експертите гласи: постои ли медицинско или микробиолошко објаснување? Тоа може на пример да биде вродена имунолошка способност, која можеби е активирана преку вакцинацијата. Таа дејствува независно од создадениот имунитет преку антитела, кои при борбата против Ковид-19 првенствено се втурнуваат врз карактеристичниот спајк протеин и на тој начин го прават нештетен.

Вродената имунолошка, одбранбена способност која можеби е поттикната од вакцината, се состои меѓутоа од низа различни елементи. Тие реагираат повеќе неспецифично врз патогенот, односно врз туѓите тела.

Кон оваа постоечка „војска“ на нашиот имунолошки систем спаѓаат на пример и фагоцити и макрофаги, вид бели крвни зрнца, но и различни протеини кои играат улога при имунолошките реакции и запалителните процеси, како и Т- и Б-леукоцити (бели крвни зрнца).

Дека различните врсти вакцини во основа се добри за имунолошкиот систем, докажано е уште пред години преку масовна вакцинација. Епидемиолошки студии уште одамна покажаа дека вакцинирани деца долго по вакцинирањето имаат повисок имунитет против редица патогени отколку невакцинираните.

Дали е во прашање само корелација?

Но, можно е од Ковид-19 да се разболеле помалку луѓе вакцинирани против грип, зашто тие едноставно се однесуваат повнимателно отколку невакцинираните. Вообичаено, против грип се вакцинираат претежно сениори и луѓе со хронични заболувања а помалку млади и здрави луѓе.

Во САД на пример последната година многу постари луѓе и пензионери се изолираа доброволно предвремено, додека другите мораа да работат.

Но, против ваквата корелација зборуваат две индиции: сениорите типично се склони кон потежок тек на болеста Ковид-19, што не е случај во студијата од Мичиген.

Освен тоа, постои и независна, непотврдена студија од ланската година, која упатува повеќе на имунолошко објаснување: меѓу вработените во холандските болници кои во зимата 2019/2020 добиле вакцина против грип, Ковид-19настапувал многу поретко отколку кај оние кои не биле вакцинирани.

А во овие две групи немало сениори над 70 години, сите испитаници биле работоспособни и соодветно на тоа имале и редица контакти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми