Грција, Полска и Бугарија се земјите преку кои се набавуваат вакцини за Ковид-19. Од Владата велат дека се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за 400.000 македонски граѓани.
Реклама
Граѓаните на Северна Македонија веќе на почетокот на идната година можат да се надеваат на вакцина против смртоносниот Ковид-19. Од Владата тврдат дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини, што е доволно за речиси 400.000 граѓани, преку Ковакс-механизмот. Две недели по вакцинацијата, граѓаните ќе треба да примат уште една доза за ревакцинација. Веќе е изготвен и приоритетен план за вакцинација - на него се најдоа лекарите, медицинскиот персонал, хронично болните, повозрасните лица, но и политичарите.
Потоа се очекува нова тура вакцини, со која ќе може да биде опфатено и останатото население коешто ќе сака да се вакцинира. Надлежните институции добија упатства од Владата веднаш да започнат со подготовките за прием, транспорт и чување на вакцините за што ќе бидат задолжени полицијата, Агенцијата за лекови и Царинската управа. Предложени се и измени на Законот за јавни набавки за да може директно да се набавуваат вакцини од производителите.
Не се чекаат само донации
По критиките во јавноста дека соседна Србија веќе ги добила првите вакцини, а Северна Македонија се' уште бара начини како да ги обезбеди, владиниот портпарол Душко Арсовски денеска изјави дека не се чекаат само донации, туку се користат сите инструменти и навреме се почнати сите процедури за набавка на вакцина против Ковид-19.
„Покрај Ковакс-механизмот, почнавме преговори и за директна набавка од компаниите што ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам, преку Европската Унија, која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони“, изјави Арсовски. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигне во Грција, треба да биде наменет за македонските граѓани. Ова било потврдено во телефонски разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Кој прв ќе се вакцинира?
Штом биде достапна вакцината во земјата, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и другите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите. Премиерот Зоран Заев, како што најавија од Владата, ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.
Македонија и ковид-19: Седете дома и лапајте витамини
Обврска за носење маски, забрането групирање, ретки или никакви социјални контакти... Пандемијата на коронавирусот од корен го промени начинот на живот на луѓето и нивните навики. Пандемијата во Македонија низ фотографии
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!
На прашањето зошто здравствените власти сè уште не ја објавиле листата со резултати за смртноста на пациенти со Ковид-19, владиниот портпарол Душко Арсовски рече дека властите имаат целосен увид и дека таа ќе биде објавена наскоро. „Повеќето од овие пациенти имале други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. 90 проценти од сите пациенти кои починале имале барем една до две други болести, што го влошило нивното здравје. Најчестите болести што ги имале овие пациенти инфицирани со ковид се кардиоваскуларни болести, дијабетес, заболување на бубрезите, заболување на белите дробови. Дел од пациентите имале напреднат карцином или биле подложени на сериозна операција, по што починале“, вели Арсовски.
Регионот започнува со вакцинација
Започнаа првите испораки на вакцината против Ковид-19 во земјите од ЕУ. 12,5 милиони дози европските земји ќе обезбедат до крајот на годината, а имунизацијата на Европејците ќе започне за неколку дена. Србија од утре започнува со вакцинација на постарите лица, а ќе се вакцинира и државниот врв.
„Дали Ана Брнабиќ или пак јас, ќе видиме, и некој од државниот врв ќе ја прими вакцината. Овие вакцини ги набавивме билатерално, независно. Ние сме веројатно единствената земја надвор од ЕУ во овој дел на Европа што успеа да ги набави. Ќе има повеќе во февруари и март“, изјави Вучиќ. И Словенија и Хрватска имунизацијата ја започнуваат за неколку дена.
Северна Македонија, според најавите, првите дози очекува да ги добие како донација од Бугарија, а вакцини се чекаат и од Грција и од Полска. Бугарија од секоја пратка на вакцините против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и за Северна Македонија. Ова вчера беше одлучено на владината седница во Софија, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче.
„Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението“, изјави министерот Филипче по седницата.
Како некои заработија милијарди за време на корона-кризата
Додека многу индустрии поради пандемијата се во голема криза, други одеднаш станаа многу барани, произведувајќи така нови милијардери. Меѓу профитерите во време на корона-кризата има и Германци.
Фотографија: Dennis Van TIne/Star Max//AP Images/picture alliance
Богат, уште побогат, Џеф Безос
Основачот на Амазон, Џеф Безос (на сликата со девојката Лорин Санчез пред Таџ Махал) е надвор од секоја категорија. На компанијата Амазон за време на пандемијата и' оди подобро од кога било. Цената на акциите скока од рекорд до рекорд. Безос, најбогатиот човек на светот и пред пандемијата, сега стана уште многу побогат и има богатство од 160 милијарди евра.
Фотографија: Pawan Sharma/AFP/Getty Images
Елон Маск фрли око на врвот
Произведувате автомобили, но ве вреднуваат како технолошка компанија! На Елон Маск тоа му успеа со Тесла. Компанијата профитираше од полетот на речиси сѐ што има врска со технологијата, кој на берзата го предизвика пандемијата. Претприемачот, роден во Јужна Африка, неодамна го престигна Бил Гејтс со богатството, кое во моментов се проценува на 110 милијарди евра и цели кон врвот, на кој е Безос.
Фотографија: Getty Images/M. Hitij
Работа од дома- Зум
Работењето од дома во време на пандемијата е голем благослов за Ерик Јуан. Основачот на платформата за комуникација Зум дошол во САД од Кина кога имал 27 години. По неколку години работење за ВебЕкс основаше сопствена видео платформа и во 2019 година отиде на берзата. Цената на акциите на Зум експлодираше. Нето вредноста на љубителот на кошарка Јуан се проценува на 16 милијарди евра.
Фотографија: Kena Betancur/Getty Images
Спортување дома - Пелотон
Затворените фитнес студија и ограничувањето на контактите му донесоа предност на Џон Фоли. Во 2013 година бил почетник и се обидувал да дојде до капитал за неговите вмрежени направи за вежбање- денес, пак го облетуваат инвеститори. Цената на акциите на фирмата Пелотон од почетокот на пандемијата се удвои и неочекувано го претвори Фоли во милијардер.
Фотографија: Mark Lennihan/AP Photo/picture alliance
Креирање продавници на интернет
Шопифај е софтвер кој им овозможува на трговците сами да креираат интернет продавници и да се поврзат со фирмите кои се занимаваат со логистика. Тобијас Литке стои зад концептот. Тој од Кобленц во 2002. емигрирал во Канада и започнал со работа- во гаража. Шопифај е сега највредна канадска компанија. Цената на акциите од март прасна повеќе од двојно, а 39-годишникот сега вреди 7,5 милијарди евра.
Фотографија: Wikipedia/Union Eleven
Милијардер преку ноќ
Вакцината против коронавирусот која ја разви Бионтек од Мајнц, фирма чии коосновач и сопственик е Угур Шахин, прва во Европа доби одобрување за масовна употреба. Тоа значи дека Шахин, кој се доселил од Турција, не само што одеднаш стана светски познат, туку и исклучително се збогати. Вредноста на неговите акции се проценува на преку 2 милијарди евра.
Фотографија: BIONTECH/AFP
Готвење дома
ХелоуФреш е фирма која ви предлага што да готвите и ви доставува пакет со сите состојки. Од почетокот на пандемијата профитот ѝ е тројно зголемен, а продажбата е повеќе од удвоена- според тримесечниот биланс од почетокот на ноември. Коосновачот и акционер Доминик Рихтер профитира од затворените ресторани и од трендот на готвење дома. Уште не е милијардер, но ги има вистинските состојки- и за тоа.
Фотографија: Bernd Kammerer/picture-alliance
Поранешна сопруга- и уште еднаш Амазон на врвот
Пандемијата и Амазон не го направија побогат само Џеф Безос, туку и Мекензи Скот, неговата поранешна сопруга, исто така, добро заработи благодарејќи на својот пакет акции. Сега е на првото место на листата на најбогати жени во светот- со богатство кое се проценува на речиси 60 милијарди евра.
Фотографија: Dennis Tan Tine/Star Max//AP/picture alliance