1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Има ли поврзаност помеѓу векторските вакцини и тромбозите?

Фабијан Шмит
15 април 2021

Прво со вакцината на АстраЗенека дојде до појава на тромбози, сега слични појави се забележани по примање на вакцината на Џонсон и Џонсон. Дали тоа е поврзано со начинот на кој дејствуваат векторските вакцини?

Deutschland Corona-Pandemie Impfzentrum Berlin-Tegel
Фотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Појавата на тромбози на венски синус (церебрална венска тромбоза) што во изминатите месеци беше забележана особено кај млади луѓе по примање на вакцината на АстраЗенека, сега изгледа се повторува и со вакцината на Џонсон и Џонсон. Вакцинирањето во САД привремено беше стопирано. Двете вакцини се т.н. векторски вакцини, кои функционираат преку користење на - за човекот безопасни - транспортни вируси кои го пренесуваат генетскиот материјал од спајк-протеинот на САРС-Ков-2 до ќелиите каде се рамножуваат типичните протеини и со тоа предизвикуваат имунолошка реакција на организмот. Но, дали може да е само коинциденција што тромбозите се појавуваат токму кај две векторски вакцини?

Во текстов ги сумираме најважните прашања и одговори на темата.

Колку често доаѓа до тромбози на венски синус по вакцинирањето?

Многу ретко. Во Велика Британија, каде до 24 март беа дадени околу 18 милиони дози од вакцината на АстраЗенека, имаше 30 случаи, од кои седум со смртни последици. Во Германија до 29 март на 2,7 милиони вакцинирани лица се регистрирани 31 случај, од кои девет лица починале. За вакцината на Џонсон и Џонсон до 13 април се пријавени шест случаи во САД, а ниту еден со смртна последица. Во САД до тој датум биле дадени 6,8 милиони дози од вакцината.

Роберт Кламрот, шеф на одделението за интерна медицина на клиниката Вивантес во Берлин Фридрихсхајн нагласува дека вакцините може да предизвикаат и други атипични тромбози, како на пример на стомачните вени или артериски тромбози.

САД: Вакцинација со „турбо“ брзина

02:41

This browser does not support the video element.

Колку е јасна поврзаноста меѓу тромбозите и вакцинирањето?

Иако формата на тромбоза на венски синус е исклучително ретка, медицински лица поаѓаат од јасна поврзаност на тромбозите со вакцините. Вообичаено на годишно ниво таква тромбоза се појавува кај две до пет лица на еден милион жители. Затоа стручњаци сметаат дека има јасна корелација помеѓу вакцинирањето и тромбозите, бидејќи најновите случаи се регистрирани секогаш во временски период од четири до 16 дена по вакцинирањето. Тоа е невообичаена зачестеност, вели доктор Кристијан Богдан, директор на Институтот за микробиологија при универзитетската клиника во Ерланген и член на Постојаната комисија за имунизација СТИКО.

Каков е уделот кај мажи, каков кај жени?

Жените се нешто повеќе погодени од мажите, а млади лица почесто од постари. Но, со вакцината на АстраЗенека во Германија на пример се вакцинирани многу повеќе жени од мажи, нагласува Богдан. Чисто математички, веројатноста кај жени да заболат од синусновенска тромбоза со вакцина е 20 пати поголема отколку без неа. Кај мажите веројатноста е за 15 пати поголема. Тоа е некаков индикатор, но со оглед на вкупно малиот број регистрирани случаи, сепак недоволно издржан. Сите шест случаи пријавени во САД по примање на вакцината на Џонсон и Џонсон се кај жени на возраст помеѓу 18 и 48 години.

Повеќе:

Познати плановите - на кои вакцини ќе се потпира ЕУ во иднина

Збунетост во врска со ефикасноста на кинеските вакцини

Ако не ја сакаат АстраЗенека, зошто не ја даваат на сиромашните земји?

Што е познато за микробиолошките процеси?

Имунолозите предводени од Андреас Грајнахер од Универзитетот Грајфсвалд кон крајот на март годинава успеаја да го дешифрираат начинот на кој тоа функционира. Тие ги објавија своите резултати, но студијата сѐ уште не е потврдена од независни истражувачи. Очигледно се работи за автоимуна реакција на таканаречениот тромбоцитен фактор 4. Ова е површински протеин кој учествува во имунолошкиот одговор со тоа што групира околу себе имунолошки клетки со одредени рецептори и така ја засилува локалната имунолошка реакција.

Меѓу лекарите е познат феноменот на „Хепарин индуцирана тромбоцитопенија“ (ХИТ). Ова е автоимуна реакција по примена на антикоагулантот хепарин, по што се намалува бројот на трмбоцити.

Но, во случајот со вакцините, тромбоцитниот фактор 4 не реагира на хепарин, туку веројатно на нешто сосема друго, претпоставува лекарот од Берлин, Кламрот. „Можно е да се работи за векторот (транспортниот вирус), или пак да е нешто во таканаречениот спајк протеин. Може да е и нешто во општата реакција на имунолошкиот систем што се поврзува со тромбоцитниот фактор 4“, вели тој.

Како се препознава тромбозата?

Доколку лекарите имаат сомнеж за тромбоза, многу лесно може да се дијагностицира преку едноставен тест за антитела, кој реагира на комплексот хепарин – тромбоцитен фактор 4.

Тоа би било индикација за нарушување на коагулацијата која ги активира тромбоцитите, каква што типично може да се јави како автоимуна реакција по примена на антикоагулацискиот хепарин. Кај тројца од пациентите во САД така е дијагностицирана тромбоцитопенија.

Како се лечат тромбози?

Најефикасно средство, покрај примена на други антикоагуланси, е третман со висококонцентрирани одредени ИгГ имуноглобулини, вели лекарот Кламрот. Овие специфични антитела на имунолошката одбрана просто кажано го преплавуваат имунолошкиот систем и со тоа ги истиснуваат непожелните и штетни антитела кои предизвикуваат тромбоза.

Дали сите векторски вакцини сега се под лупа?

Фактот дека феноменот се појави кај две векторски вакцини ги збунува лекарите. „Тоа што двете вакцини се направени врз ист принцип и двете предизвикуваат исти проблеми, според мое мислење сугерира дека самиот вектор е причината“, вели Јоханес Олденбург од Универзитетската клиника во Бон за агенцијата ДПА.

Од друга страна, досега во јавноста не се пријавени случаи на тромбоцитопенија кај руската вакцина Спутник V, или кај кинеската векторска вакцина КанСино. Кламрот се надева на нови резултати од имунолозите од Грајфсвалд: „Господин Грајнахер истражува и понатаму и трага по тоа што е поврзано со тромбоцитниот фактор 4. Има разни хипотези (...) но, во моментов сѐ уште тапкаме во мрак."

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми