1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вакцини против предвремени избори

8 февруари 2021

Шпекулации дека владејачкото мнозинството ќе се зголеми со неколку пратеници или дека ќе изгуби неколку, периодично доаѓаа и од власта и од опозицијата, но досега не се потврдија.

 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Притисок за предвремени избори, покажување партиски мускули, билдање рејтинг или нешто повеќе? Што се крие зад размената на пораки помеѓу власта и опозицијата по прашањето за предвремени избори и (не)стабилноста на парламентарното мнозинство?

„Конечно треба да престанеме со предвремените избори кои ги стопираат ваквите производствени капацитети и севкупната македонска економија", изјави вчера премиерот Заев при пуштањето во употреба на нова инвестиција во Гевгелија, одговарајќи на новинарско прашање околу барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните.

„Државата има јасен правец по кој се движи, европеизацијата продолжува. Сите тешки одлуки што се донесоа во минатото беа заради економскиот стандард на народот, да ги мотивираме инвеститорите да вложуваат во нови инвестиции и да отвораат работни места. На тој начин, да ги зголемиме извозот, брутодомашниот продукт на државата, а со тоа и благосостојбата на целиот народ. Секое предвремено истрчување на избори, ги кочи ваквите процеси. Редовните избори се во 2024 година и треба да опстоиме на тоа, а дотогаш треба буквално сите, почнувајќи од мене, претседателот на државата, извршната власт, општините, но и сите наши граѓани, да ги засукаме ракавите и да работиме“, порача Заев.

Заев: Државата има јасен правец по кој се движи, европеизацијата продолжуваФотографија: Mazedonien Regierung

Гласањето како мерило

Опозицијата пак смета дека ново мерење на силите може да биде неизбежно, а прстот го вперува во нестабилното мнозинство, алудирајќи на создавање ново. Како илустрација за состојбата и двете партии го посочија гласањето за интерпелацијата на Никола Димитров. Од СДСМ изјавија дека „пропаднал уште еден блеф и уште една лага на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за наводно создавање на ново парламентарното мнозинство“.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак тоа го сметаат за замена на теза, бидејќи при гласањето за интерпелацијата на вицепремиерот Никола Димитров, мнозинството имало 55, а не 62 гласа.

„Она што се покажа на интерпелацијата на Димитров е дека ја нема довербата од 62 пратеника. Што значи, ако денеска би се гласала доверба на Владата, таа нема да помине, бидејќи има 55 пратеника. Наместо да се извртува тезата, да се постави прашањето: каде исчезнаа седум пратеници коишто само пред шест месеци го гласаа Никола Димитров? Да не тие, шест или седум пратеника, гласаат друго парламентарно мнозинство или друга влада?“, запраша Христијан Мицкоски пред два дена.

Повеќе:

Се случи чудо во Парламентот

Димитров до ВМРО-ДПМНЕ: Вие сте лажни патриоти кои демантите си ги редат како ордени во Белата палата 

ВМРО-ДПМНЕ условува, Пендаровски нуди компромис за пописот

Шпекулации дека владејачкото мнозинството ќе се зголеми со уште неколку пратеници, или дека пратеници од власта ќе се прелеат во опозициски редови, периодично доаѓаа и од двете страни, но досега не се потврдија. Впечатокот дека „нешто можеби има", повремено го подгреваа претставници на помали партии од владејачката коалиција, кои во јавноста излегуваа со ставови за актуелни прашања кои не беа на иста фреквенција со ставовите на носечката партија во коалицијата - СДСМ. Но, тие ваквите настапи ги објаснуваа како израз на висока внатрекоалициска демократија и на неприкосновеното право на индивидуализам и свој став во коалицијата, во интерес на демократска дебата.

Мицкоски: Ако денеска би се гласала доверба на Владата, таа нема да поминеФотографија: DW/P. Stojanovski

Само шпекулации

Во опозициски кругови, пак, се шпекулира дека „има ‘алки' во мнозинството кои може да попуштат и да откажат поради незадоволство од повеќе прашања: молкот во однос на некои бугарски ставови, аспекти за пописот, несправувањето со корупцијата, но и поради нездоволство од серија несоодветни кадровски решенија на раководни позиции". Никој не се впушта во посочување имиња, ниту на термин или повод за наводното прегрупирање на силите.   

Власта пак смета дека во однос на мнозинството „нема тема“.

„Парламентарното мнозинство е стабилно, СДСМ ја предводи најголемата и најразноликата коалиција, СДСМ е партијата со најголем коалициски капацитет, на која секојдневно се приклучуваат се' повеќе граѓани“, порача деновиве генералниот секретар Љупчо Николовски во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се сменило и дека партијата се' уште е заглавена во криминал и деструкција.

„Пред само два месеца, овде, во Штип, ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да учествува на локалните избори, но не го сторија тоа. И додека ние сме отворени, транспарентни, чекориме напред, ВМРО-ДПМНЕ остана заглавена во криминалот, командувана од Будимпешта, без програма, без идеја, без проекти, без нови луѓе“, рече Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека СДСМ е на власт 4 години, и дека не може да бара оправдување за актуелните состојби во опозицијата.

„Постојано укажувавме дека Заев и режимот ја злоупотребуваат ситуацијата за делење на предизборен поткуп, потоа за организирање на избори среде епидемија, па потоа повторно да се организираат локални избори во Штип и во Пласница во услови на најголеми бројки на заразени, а сега во надоаѓањето на новиот бран на мутираниот вирус да турка и онака сомнителен попис!", рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Опозициските критики се најгласни за здравството, со безброј забелешки за начинот на справување со епидемијата, но и заради доцнењето во набавката на вакцини.

„Односот на една власт кон здравството во целина е јасен показател за тоа дали воопшто се грижи за народот, или само за задоволување на лични потреби на функционерите во власта! Македонија е водена од меѓународно препознаен режим, којшто тоне во корупција, државата ја тоне во бездна, а луѓето во пандемија се оставени сами на себе! Потребен е итен пад на овој тежок корумпиран режим којшто граѓаните ги турка во смртоносна опасност!“, порача Стоилковски.

Кој е близок до граѓаните и нивните потреби?Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Партиското и државното

И додека се разменуваат вербални стрели околу учинокот на Владата, Заев вчера повика да се приклучат на социјалдемократското семејство сите кои ги делат нивните вредности.

„Секако дека СДСМ има свои недостатоци, но се менуваме, се подобруваме. Се откажавме од старите, погрешни салонски навики. СДСМ денеска е партија блиска до граѓаните, прифаќаме критика, поттикнуваме гласност, знаеме да се повлечеме од одредени иницијативи и да прифатиме подобри редлози. Ние се менуваме за подобро да им служиме на граѓаните, на нашата заедничка татковина“, порача лидерот на СДСМ.

Тој потсети дека во тек е процесот на ажурирање и активна регистрација на членството на СДСМ и дека  на 21-ви март ќе се одржат директни внатрепартиски избори.

„Радува тоа што кон партијата се приклучуваат прогресивни луѓе кои сакаат да дадат придонес во промените на партијата, а со тоа, заедно да го менуваме, да го подобруваме општеството. Наместо да ги туркаме најгорливите проблеми под тепих, се впуштивме во решавање на повеќедецениските прашања кои ја загрозуваа иднината на нашата земја. Затоа денеска сме горди, 30-та земја членка на НАТО, исполнета е стратешката цел!“, порача Заев.

Опозицијата не остана без одговор за партиските активности на опонентот.

„Бидејќи партиските агенди на СДСМ се поважни од државните, Македонија е најкорумпираната, најсиромашната и најнесреќната држава со која владее хибридниот режим на Заев“, оценија од партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми