1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

5 март 2021

Со појавата на Ковид-пандемијата во меѓународните односи се појави и еден нов вид на дипломатија: „Вакцинска дипломатија“. Тука Македонија потфрли. Колумна на Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Да тргнеме од основните параметри кои ги детерминираат меѓународните односи. Производството и дистрибуцијата на вакцините ја следи логиката на сила и моќ. Односно, колку одредена држава е помоќна, толку таа побрзо се вакцинира, нешто што се базира на конкретната способност да се имаат фабрики, знаење и технологија за производство на вакцините. Станува збор за мошне банални констатации, па оттука нејасно е зошто се чудиме како моќните држави прават што сакаат со вакцините.

Сега, и меѓу моќните држави или светските сили постои разлика во употребата на моќта која произлегува од постоењето на вакцините. Кина, Русија и Израел се примери на светски и регионални сили кои одлучија вакцините да ги употребат како дипломатско средство, како средство за политичко и геополитичко влијание, како инструмент за придобивање на пријателите и сојузниците, или за остварување на својата надворешна политика.

Израел е можеби најеклатантниот пример. Пред недела дена израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сака да ги искористи вакцините како инструмент за придобивање на пријателските земји низ светот, со цел да отворат дипломатски претставништва во Ерусалим, на тој начин прогласувајќи го за де факто главен град на Израел.

Истата логика или „доктрината Нетанјаху“ веќе масовно ја практикуваат и Русија и Кина, со таа разлика што Русија го жртвува домашното вакцинирање со цел да развие стратешко влијание низ разни делови од светот, додека Кина не само што го заузда вирусот дома и има висок процент на вакцинација, туку се наметнува и како најголем производител во блиска иднина, со најавено годишно производство од преку 3 милијарди вакцини.

Рускиот „Спутник“ доживеа огромен успех, веќе и научно потврден како мошне ефикасен. Русија го нуди буквално насекаде. Од аспект на геополитички пробив и стратешко влијание Спутник веќе е лиценциран во многу земји од Јужна Америка и тоа во Аргентина, Боливија, Мексико, Никарагва, Парагвај, Венецуела, Чиле и Бразил, инаку традиционална сфера под американско влијание. Спутник е веќе одобрен и во Колумбија, која пак важи за историски сојузник на САД. Во меѓувреме и Европската агенција за лекови ја почна постапката за одобрување на руската вакцина „Спутник“.

Чиле, Бразил и Мексико веќе инвестираа и во кинеската Синофарм и Кинезите до овој момент можат да се пофалат дека дистрибуирале вакцини во 69 земји и две меѓународни организации. Кина, покрај фокусот кон Азија, каде има хегемонистички амбиции, исто така големо внимание насочи кон Јужна Америка и тоа пред се' со цел да ги придобие овие земји во однос на Тајван. Пекинг главно дипломатски и политички инвестира во придобивање на земјите во развој, сиромашните земји, особено во земјите каде веќе има големи инфраструктурни проекти, како оние на азискиот Југоисток, Блискиот Исток и Африка, со цел во иднина да има уште поголемо политичко влијание.

Западот ја пропушти шансата

Јасно е дека антиковид вакцината се претвори во ново оружје за геополитичка хегемонија на светските сили. Во меѓувреме, Западот ја пропушти шансата да наметне свое влијание и своја морална и политичка победа во светот ранет од последиците на пандемијата. Но, Западот, кој и онака ги живее своите моменти на најголема поделеност, и во овој случај, мораме да го толкуваме онаков каков што и се претставува, односно - како поделен.

Причините за западниот неуспех и поразот на западната „мека моќ“ се различни помеѓу САД и Европа. Америка се наоѓа во момент на внатрешна слабост и поделност која неминовно се манифестира преку нејзината меѓународна интровертност. Но, постои логика зад американскиот избор и начин на однесување. Америка е свесна дека не може да се затвори во себе и да се откаже од својата империјална или глобална проекција и хегемонија. Сепак, САД одлучуваат прво масовно да се вакцинираат дома и така да стигнат колку што можат побрзо до „имунитет на стадо“, дури и по цена да жртвуваат дел од својата дипломатска и мека моќ, негирајќи им на тој начин помош на сојузниците или државите под нивната сфера на влијание.

Американската проценка е дека геополитичкиот пробив и стратешкото политичко влијание на Кина и Русија благодарение на вакцините, нема да ја промени глобалната конјуктура на односи и влијанија, односно, може да им даде одредена тактичка предност, но не и долгорочно стратешко влијание. Вашингтон смета дека до есен би постигнале „имунитет на стадо“, за потоа да се посветат на своите интереси низ светот.

Слабата алка во целиот овој процес на глобален натпревар за влијание е Европа. ЕУ уште еднаш потврди дека не е федерална Унија, туку сума од 27 членки кои Комисијата мака мачи да ги координира. Пандемијата може да се покаже како фатална за европските аспирации за поблиска Унија, како и за првичната идеја на Комисијата за креирање на здравствена унија. Фактот дека европската кампања за вакцинирање никако не тргнува од мртва точка, ги примора многу земји членки да се обидат сами да се организираат.

Курц го крши табуто

Оттука, иницијативата на австрискиот премиер Себастијан Курц независно од ЕУ да тргне во потрага по вакцини и со Израел да развие планови за нивно производство, не треба да дојде како изненадување. Идејата на Курц е всушност продолжување на иницијативата од минатата година кога беше формирана таканаречената „ First mover group“, заедно со Данска, Чешка, Норвешка и Грција, на која потоа се додадоа и Израел, Сингапур и Нов Зеланд. Станува збор за група земји чии лидери се убедени дека меѓународните организации како СЗО и ЕУ се покажаа како пребавни и неспособни во соочување со пандемијата.

Оттука, иницијативата на Курц го крши табуто на проевропските членки на ЕУ кои сакаат Унијата заедно да се координира околу вакцинацијата. Досега само Унгарија и Словачка увезоа Спутник без дозвола од Европската агенција за лекови (ЕМА). Чешка се најави дека го планира истото, додека Полска веќе е во преговори со Кина. Орбан дури и јавно се вакцинираше со кинеската Синофарм од која во рок од две недели доби преку 2 милиони дози.

Но, ако членките на Унијата од Истокот од поодамна важат за евроскептици и имаат освоено одредена независност од Брисел, случајот со Австрија е алармантен за ЕУ. Австрија важи за културно и политички блиска до Германија – носечкиот столб на ЕУ, па оттука постапката на Курц повеќе од удар кон Брисел е удар за Берлин и за Ангела Меркел, која најмногу инсистираше на заедничка европска кампања за вакцинирање, заедно со својата миленичка, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Иницијативата на Курц можеби ќе заврши само како уште една лоби група во рамки на Брисел, нешто налик на Вишеградската група, но дефинитивно не е добра за европското заедништво.

Каде е Македонија во оваа геополитичка рашомонијада и на што се должи нашата неспособност самостојно да обезбедиме макар и симболична доза на вакцини? Делува како да се наоѓаме во една самонаметната ситуација на: „Исток нѐ отпиша, Запад не нѐ запишуе“.

Во една од претходните колумни: „Македонија спушти Железна завеса за вакцините" – објаснував дека Македонија одлучи својата позиција да ја интерпретира според геополитичката идеологија и приврзаност кон Западот. Недостатокот на реалполитика од страна на нашите власти или прозападната сервилност, ги направи слепи пред очигледниот здравствен национализам, и наместо да се обидат да изнајдат решенија низ директни преговори со светските компании или трети земји, тие наивно се потпреа на солидарниот Ковакс-механизам.

Други колумни од авторот:

Силна држава или силна власт?!

Каде тера eвропската надворешна политика?

Македонија спушти Железна завеса за вакцините

Зошто Македонија нема вакцини?

Деновиве, кога повторно гледаме како сите ветени рокови за набавка на вакцини одново се пробиваат и се ветуваат само нови датуми, нашите власти понудија серија на несериозни оправдувања зошто Македонија нема вакцини. Од вратениот капар од Кина, преку наводното тврдење дека не сме набавиле вакцини за да не личи дека тестираме врз нашата популација, до тврдењата дека ниедна земја не добила вакцини навреме или ги нема доволно, останува сериозниот сомнеж дека нашите власти не се докрај искрени во целиот процес. Се' повеќе се наметнува чувството дека станува збор за акутна неспособност и неажурност во постапките кај нашите власти, па дури и за калкуланство околу нешто што треба да е основна и главна цел на државата: да се грижи за здравјето и за животот на своите граѓани.

Проблемот на Македонија не може да се споредува со проблемот на ЕУ во набавка на вакцините. Прво, ЕУ реши да игра заеднички, групно, со исклучок на Орбан кој настапува независно и има повеќе вакцини од една Италија, на пример. Потоа проблемот на ЕУ е бирократски, односно проблем на немање јасен лидершип кој би издејствувал поголеми контингенти вакцини, затоа што преговорите ги водат евробирократи. Трето, Европа се откажа од играње со цените, за на тој начин да не може некоја земја да понуди повисоки цени. Европа згреши затоа што мислеше дека ќе ги дели вакцините како да е СССР, кога не е СССР. Здравствениот централизам во овој случај се покажа како погрешен и неефикасен.

Македонија како мала и сиромашна земја, но сепак како суверен субјект, можеше, доколку нејзините лидери и функционери беа доволно агилни, а не заинтересирани само за провизии, да обезбедат имунизација на населението каде треба да се вакцинираат не повеќе од еден милион граѓани.

Притоа, сме ги одбиле Русите уште во август месец и сега низ чаршиските муабети наголемо се зборува како сме стигнале до позиција да ги молиме да ни пуштат некоја вакцина. Наводно ни се нуделе и кинески по многу ниска цена, но сме го отфрлиле и тој дил. Дебаклот со вратениот капар пак, најверојатно крие една сосема поинаква позадина. И тука чаршиските муабети говорат за некаква сомнителна соработка на нашите власти и здравствени функционери со дубиозни посредници и провајдери кои кинеските власти не само што не ни ги сугерирале, туку одлучно ни ги посочиле како неприфатливи за Пекинг. Очигледно тој дил е пропаднат и затоа капарот е вратен, а сега ќе купуваме по многу повисока цена од над 30€, бидејќи и глобалната побарувачка во меѓувреме е зголемена. Фајзерне ни одговараше, зашто очигледно сме несериозни и не сакаме да увезуваме вакцини како суверена држава, туку користиме приватни фирми. Така што, нашите грешки се само на нашето политичко раководство, на желбата за профит, на неефикасноста и неоодговорноста.

Затоа, не можеме да се вадиме ни на ЕУ, ни на Ковакс и во објективно тешките, но не и прохибитивни услови на вакцинска дипломатија и игра на моќ, само ние сме одговорни за нашиот здравствен и дипломатски дебакл.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми