1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зголемена смртност од Ковид-19 во С. Македонија

ДТЗ
16 март 2021

Според анализите на Институтот за јавно здравје, смртноста е зголемена за 2,3 пати повеќе во однос на претходната недела.

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се зголемува бројот на починати и на заболени од Ковид-19 во Северна Македонија. Тоа го потврди и најновата неделна анализа на Институтот за јавно здравје, според кој се регистрирани 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, што е зголемување од 22,2% во однос на минатата недела. Анализите се однесуваат на периодот од осми до четиринаесетти март, кога се направени  вкупно 22.625 тестови за коронавирус во земјата. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години, а голем број на заболени се регистрира кај сите возрасни групи. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години, и од 10 до 19 години.

Пријавени се 129 смртни случаи од 21 град, што е за 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 110 лица биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години и две лица од возрасната група 40-49 години. По добиени 2 негативни теста, Ковид-19 го победиле 2.737 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување. Вакцинацијата против Ковид-19 во земјата почна на 17 февруари и заклучно со 15 март се вакцинирани 5.061 здравствени работници.

-повеќе на темата: Ковид-19: Болниците брзо се полнат, слободни кревети сѐ помалку

Од почетокот на пандемијата, од февруари минатата година, во земјата се регистрирани 116 случаи на повторна инфекција со коронавирус. Според ИЈЗ, реинфицираните лица се од сите возрасни групи, соодветно од возраст од 6 до возраст од 77 години, но возрасната група најпогодена од повторната инфекција, односно 93 случаи се над возраст од 30 години. Од сите случаи, 9 лица биле хоспитализирани, додека 44 примале домашна терапија. Од вкупно 116 повторно инфицирани лица, двајца починале. 

Се бара одговорност од Филипче

Големиот број на смртни случаи од Ковид-19 е една од причините поради коишто пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе интерпелација против министерот за здравство, Венко Филипче. Според опозициската партија, имало 3.340 причини, колку што е бројката на досега починати од Ковид-19, за Филипче да замине од функцијата. „Нема македонско семејство каде што нечиј близок роднина, или пријател не почина. Овие животи можеа да бидат спасени ако системот функционираше. За жал, во македонското здравство се умира и притоа нема одговорност. Наместо министер за здравје, Филипче стана министер за смрт“, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе интерпелација против министерот за здравство, Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ненад Коциќ од СДСМ ја коментираше одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да поднесе интерпелација за министерот за здравство Венко Филипче. Според него, незрелото и неодговорно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ, кулминирало со конструирани случаи и  барање за отповикување на министерот за здравство Венко Филипче.„ВМРО-ДПМНЕ создава атмосфера на јавен линч на секој кој ќе се обиде да помогне во набавката на вакцините и со тоа намерно ги одвраќа економските оператори да бараат легални канали и да лобираат за земјата побрзо да обезбеди доволна количина вакцини за масовна имунизација на населението“, рече Коциќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми