1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцини - факти и митови

5 мај 2018

Имунизацијата е една од најфантастичните научни иновации која има огромен придонес во превенирањето на смртта. Но денес, и покрај фактите на науката, мора да се бори со митовите и конгломератот на лажни приказни.

Symbolbild Impfung
Фотографија: Fotolia

Бил Гејтс отиде минатата недела во Бостон на годишниот собир на Медицинското друштво на Масачусетс за да објави дека неговиот оптимизам во борбата против заразните болести не запира. Милијардерот филантроп преку својата фондација досега вложи 1,6 милијарди долари во Глобалниот фонд за борба против сидата, туберколозата и маларијата и уште посебни две милијарди долари во грантови за искоренување на маларијата во светот. Борбата против заразните болести изгледа како единствената животна цел на човекот кој вреди 92 милијарди долари. Во говорот во Бостон тој соопшти дека заедно со директорот на конгломератот „Алфабет“, Лари Пејџ, ќе донираат 12 милиони долари во развојот на универзална вакцина против грип.

Во однос на парите издвоени за борба против маларијата овие средства изгледаат мали, дури и безначајни, но симболиката на гестот е многу поголема. Оваа најава доаѓа точно сто години по големата светска пандемија на шпанскиот грип во 1918 година, кога вирусот Х1Н1 уби меѓу 50 и 100 милиони луѓе на планетава. Тогаш на земјата живееја две милијарди луѓе (денес 7,6 милијарди) па станува јасна големината на загубата на светското население. Денес милиони луѓе за многу кратко време не можат да убијат ниту атомски бомби ниту застрашувачки војни, туку само вирус кој многу брзо се шири. Според проценките една таква пандемија на грип би однесла 30 милиони животи за само шест месеци. Универзалната вакцина која може да го заштити човекот од сите поттипови на вирусот на грипот може да ги промени овие стравови и да го заштити човештвото од неочекувана катастрофа.

Наивен ли е Бил Гејтс кога уште одамна ја почна своевидната крстоносна војна со сопствени пари против смртоносните вируси („годината нула“ за искоренување на маларијата е 2040) или едноставно верува дека во неговите хуманистички цели може да се потпре врз науката и заедничкиот придонес на човештвото? Неговите вложувања во пронаоѓањето нови вакцини за да се намали смртноста од опасните вируси е сосема спротивно од стравот што го шири псевдонауката, разни проповедници на стравот, кои преку социјалните мрежи тврдат дека вакцините кои досега спасиле милијарди луѓе, всушност може да им наштетат на децата.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Конспиративна теорија

Целата конспиративна теорија околу вакцините започна во 1998 година кога во престижниот британски медицински магазин „Лансет“ хирургот Ендрју Вејкфилд заедно со 12 коавтори, објави студија во која се сугерираше дека вакцината против малите сипаници, заушките и рубеолата, позната како МРП, го зголемува аутизмот кај британските деца. Авторите на текстот тврдеа дека го испитувале развојот на 12 деца кои примиле вакви вакцини. Во текстот се тврдеше дека родителите на осум од 12-те деца пријавиле оти тие загубиле дел од нивните вештини по вакцинацијата, вклучувајќи го зборувањето и забрзано нарушување на организмот.

Последиците од појавувањето на овој текст беа инстантни. Во наредниот период вакцинацијата против овие три болести во Британија падна под 80 отсто кај децата помали од две години. Вејкфилд стана популарна фигура, држеше говори и препорачуваше аплицирање на поединечни вакцини, а не комбинирана за сите три болести. Како што растеше отпорот кон вакцините, така се зголемуваше и сомневањето во вистинитоста на тврдењата на Вејкфилд, како и причините зошто се објавени. Подоцна се откри судир на интереси: Вејкфилд аплицирал за патентирање на своја сопствена вакцина против мали сипаници и примил 675.000 долари од адвокатот кој се обидувал да ги тужи компаниите кои ги произведувале вакцините. Плус, дека децата биле внимателно одбрани за да се прикаже наводната поврзаност меѓу вакцините и болестите.

Магазинот „Лансет“ во 2010 година ја повлече приказната, 12 години по публикувањето, наведувајќи дека „повеќе елементи во студијата на д-р Вејкфилд се неточни и контрадикторни со претходните истражувања“, изразувајќи загриженост за точноста и погрешното претставување на фактите. Кусо време потоа британскиот медицински совет доживотно му ја одзеде лекарската лиценца на Ендрју Вејкфилд.

Со повлекувањето на текстот не дојде крајот на конспиративната теорија. Таа само се прошири, не само на европскиот континент, туку и преку Атлантикот, во Америка. Социјалните мрежи, силното антивакцинално лоби, половичните одговори на лекарите на прашањата на љубопитните и загрижени родители, сомневањето во квалитетот на вакцините – сите работи придонесоа и во Македонија да се зголеми бројот на децата што не се вакцинирани. Здравствените власти немаат убедливи одговори на сомневањата на родителите, освен што тврдат дека треба да ѝ се верува на науката и сето она што таа го постигнала последните 80 години. Министерот за здравство, Венко Филипче, во интервју за Дојче веле соопшти дека процентот на вакцинирани деца со МРП (заедничката вакцина за која пишуваше Вејкфилд) е паднат на 82,6 отсто, а за ХПВ едвај 48 отсто.

Вакцинација или не?

02:45

This browser does not support the video element.

Покрај фантастичниот напредок во имунизацијата во последниве декади, 1,5 милиони деца умираат секоја година од болести кои можат да бидат превенирани со вакцини. Минатата година 25 држави пријавиле намалување на покривањето на имунизацијата во однос на 2010.

Вакцините се цивилизациска придобивка, но за борба против ширењето на конспирацијата на стравот не е доволно само да се каже оти антивакциналното лоби ја замајува јавноста, дека промовира невистини и дека невакцинираните деца може да предизвикаат последици во околината каде што се движат. Нема ништо поубедливо од фактите во борбата со митовите и стравот. Што велат фактите за вакцините, а врз што се темелат митовите?

Мит 1: Вакцините преизвикуваат аутизам

По објавувањето на хипотезата на Ендрју Вејкфилд биле спроведени десетина други големи студии и ниедна од нив не нашла поврзаност меѓу развојот на аутизмот и вакцините. И денес вистинските причини за развојот на аутизмот остануваат мистерија. Во неколку студии се идентификувани симптоми на аутизам кај децата уште пред да ја примат МРП вакцината, а последните истражувања нудат докази дека аутизмот има генетски корен, дека се развива уште во матката, многу порано пред бебето да биде родено.

Мит 2: Вакцините содржат токсични материи

Луѓето се загрижени дека во вакцините има премукерна доза на жива, алуминиум и формалдехид. Точно е дека овие хемикалии можат да бидат отровни за човечкото тело во одредени дози, но нивната трага во одобрените вакцини е на многу ниско ниво. Фактите се спротивни, нашето тело низ метаболичкиот систем произведува поголеми нивоа од овие хемикалии отколку вакцините. Вакцините не содржат метил-жива, која е токсичен метал што може да предизвика оштетувања на мозокот, туку етил-жива, чиј период на полураспаѓање е шест дена, не е токсична и го напушта телото. Кај некои од вакцините како конзерванс се користи „тимеросал“ кој содржи етил-жива, па многу родители се загрижени дека токму тој може да предизвика аутизам. Научниците велат дека разликата меѓу етил-жива и метил- жива е иста како и меѓу етил алкохолот, кој го има во виното и пивото, и метил алкохолот, кој може да предизвика слепило, а исто така е дрвен алкохол.

Користењето на алуминиумот во мали дози во некои од вакцините се користи за да стимулира подобар имунолошки одговор. Во една доза на вакцина има четири милиграми алуминиум, но бебињата преку храната примаат многу поголеми количества. Така, во мајчиното млеко што бебето го прима неколку пати дневно, има 10 милиграми алуминиум, во вештачкото бебешко млеко има 30 милиграми, а во она направено врз формула од соја дури 120 милиграми. Во вакцините има и формалдехид, но неговото количество е 10 пати помало од она што циркулира низ телото кај бебињата. Научниците велат за да имаш нулта толеранција на жива мора да се преселиш на друга планета, затоа што секој човек секојдневно внесува и жива и алуминиум и формалдехид во своето тело.

Мит 3: Децата не можат да примат толку многу вакцини 

Некако природно доаѓа да се мисли дека бебињата и децата имаат послаб имунолошки систем, кој допрва треба да се развива. Но не е така. Врз основа на бројот на антителата во крвта едно бебе теоретски има способност да одговори на 10.000 вакцини во исто време. Дури и 14-те предвидени вакцини да се дадат наеднаш, тие ќе искористат само 0,1 отсто од имунолошкиот капацитет на бебето. Кога бебето излегува од утробата на мајката во истиот миг кога поминува низ каналот за раѓање е соочено со милиони бактерии. Ако неговиот имунолошки систем не е толку робусен ниедно бебе не ќе може да го преживее раѓањето. Бебињата секојдневно се изложени на толку многу вируси и бактерии, што имунизацијата е безначајна за споредба.

Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Мит 4: Природниот имунитет е подобар отколку оној со вакцините 

Се разбира дека понекогаш природниот имунитет може да биде посилен од оној имунитет што е развиен со помош на вакцината. Но да се потпреш на ваквата претпоставка е лош облог на долг рок. Ризиците за голема реакција при некои други болести се многу поголеми кај оние што не се вакцинирани. Ако, на пример, се разболиш од мали сипаници можноста со која ќе се соочиш за смртен исход е 1 спрема 500, додека бројот на лицата кои имаат тешка алергиска реакција по примањето на МРП е помал од 1 на 1.000.000.

Мит 5: Побезбедно е да се проретчи давањето вакцини

Тоа е погрешно тврдење затоа што фактите се спротивни. Секоја имунизација предизвикува стрес за организмот. Ако е така, зошто на децата да не им се даваат неколку вакцини одеднаш за организмот во еден миг да одговори на стресот, отколку тој да се изложува непотребно на дополнителни стресови? Нема ниедно научно истражување кое докажува дека одложувањето на одредени вакцини е побезбедно. Обратно, таквото одложување за одредени деца може да го има ефектот на руски рулет.

Мит 6: Вакцините не се вредни да се ризикува

И покрај загриженоста на родителите вакцинацијата успешно се спроведува со децении. Тешките алергиски реакции или големи странични ефекти кои предизвикуваат смрт се толку ретки што речиси е тешко да се пресметаат. Всушност, тешката алергиска реакција, според податоците, е еден случај на два милиони вакцинации.

Фотографија: picture alliance/PIXSELL/D. Stanin

Може да се набројуваат уште митови и факти кои ги побиваат. Но за оние луѓе кои веруваат во конспиративните теории фактите не се убедливи. Резулатите од едно истражување на Универзитетот во Единбург направено врз студенти од Шкотска и Италија, покажале дека убедувањата на оние што се сомничави дури и пораснале по презентирањето на фактите. Објаснувањето е дека кога дезинформацијата ќе се соочи со вистината, таа се засилува затоа што претходно веќе изградила цврсто тло. Тоа покажува дека да се каже дека „ова е грешно“ или дека се заснова на псевдонаука не е доволно. Некои од родителите на вакцинацијата гледаат како на прашање на политичките слободи да одлучуваат за сопствените деца. Но големата слика е поинаква. Имунизацијата е една од најфантастичните научни иновации која има огромен придонес во превенирањето на смртта, особено кај децата, а го зголеми и животниот век и економскиот развој. Секој долар вложен во имунизација се враќа со 16 долари заштеда во здравството и ја зголемува економската продуктивност. Но, бројките и фактите, како и секогаш, тешко излегуваат на крај со митовите, конгломератот на приказни и гласишта. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми