1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Валкано пазарење на Ердоган и ЕУ

Том Стивенсон/ БГ10 март 2016

ЕУ ја жртвува слободата во Турција за да издејствува помош од Ердоган во бегалската криза, вели обвинетиот турски новинар Џан Дундар во разговор за ДВ.

Фотографија: Reuters/O.Orsal

Цели 40 дена Џан Дундар (на насловната фотографија) шеташе сам низ својата ќелија. Уапсен и сместен во самица поради објавување на истражувачка сторија која ги откри махинациите на државната тајна служна и го налути турскиот претседател, неговата единствена утеха беше читањето.

Весникот чиј уредник беше Дундар, Џумхуриет, е меѓу најпознатите, но неговата позиција на чело на весникот не беше доволна за да го заштити од сѐ позачестените напади на владата врз слободата на печатот.

„Имавме добар третман и имавме добри односи со затворските претставници, но морам да ви кажам дека самицата е ужасна, ужасна работа“, изјави Дундар за ДВ непосредно по ослободувањето од затвор на 25 февруари.

Дундар беше уапсен заедно со шефот на дописништвото во Анкара Ердем Ѓул во ноември минатата година под обвинение за шпионажа и откривање државни тајни, откако весникот објави како турската разузнавачка служба, МИТ пренесува оружје преку границата кон Сирија задскриено како хуманитарна помош.

Прикривање

Во јануари 2014 година, локалните служби во турската провинција Хатај запреа камион на МИТ и се обидоа да го претресат, но беа одбиени од агентите. Обвинителот кој го наредил претресот потоа беше префрлен во друга провинција.

Но приказната за камионите на тајната служба не исчезнаа. Во јануари следната година дури и турската армија го обвини МИТ дека испраќа оружје за радикалните сириски бунтовници. Во мај 2015, Џумхуриет објави сопствен извештај кој вклучуваше и видео на кое се гледаа камиони на МИТ кои превезуваат оружје за Сирија. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган беше револтиран и се закани дека сите одговорни за извештајот ќе „платат висока цена“. Ердоган подоцна тврдеше дека камионите на МИТ транспортирале оружје за туркменските борци во Сирија. „Па што ако имало оружје во камионите. Верувам дека нашиот народ нема да им прости на оние кои ја саботираа оваа поддршка“, рече Ердоган. Два дена подоцна Дундар и Ѓул беа уапсени.

Протести во Истанбул против затворањето на весникот „Заман“Фотографија: Reuters/Zaman/K. Bayhan

Според Дундар, во весникот одлучиле дека објавувањето на приказната е во јавен интерес и дека е важно владата да биде повика на одговорност за „опасната игра“ која Турција ја игра во сирискиот конфликт. Дундар и Ѓул беа ослободени од притвор по одлука на турскиот Врховен суд, но случајот и натаму е отворен.

Дундар и самиот објаснува дека нивниот случај не е исклучок во Турција. „Можеби од мене прават пример, но важно е да се знае дека овој случај не е исклучок - повеќе од 30 наши колеги се во моментов во затвор“.

Подлабока авторитарност

За време на интервјуто со Дундар, во март годинава турската полиција упадна и во просториите на весникот Заман.

„Преземањето на Заман не е изненадување. Но тоа е важно затоа што читателите на Заман во најголем дел се потенцијални гласачи на АКП, за разлика од оние на Џумхуриет или на Хуриет“, вели Дундар.

За него ова е само уште еден показател дека турската влада ја води земјата кон уште подлабоко авторитарно владеење. ЕУ, вели Дундар, само ѝ го олеснува патот.

„Однесувањето и позициите на Европа се причина за голема загриженост. Бегалската криза е многу сериозна, но се плашам дека ЕУ ги прифаќа прекршувањата на човековите права во Турција и нападите врз медиумите поради неа - тие се удобно вмешани во валкано пазарење“.

„Европа не смее да ги предаде своите основни вредности и да прифати прекршувања на човековите права во Турција поради бегалската криза“, вели Дундар.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми