1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Варварин: „Мислевме дека авионите на НАТО нема да се вратат“

В.Миниќ/Н.Рујевиќ/ А.Трајковска24 март 2014

Воздушните напади на НАТО врз Србија пред 15 години ставија крај на злосторствата над Албанците на Косово. Бомбите меѓутоа убија и голем број цивили. Варварин се сеќава на страшната случка.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Две скршени тополи крај мостот во Варварин потесетуваат на најтажниот ден во историјата на местото. Од тој ден, 30. мај 1999. година скршените дрвја стојат недопрени. „Беше недела, сончев ден, без облаци. Поради пазарниот ден и православниот празник Света Троица многу луѓе дојдоа во Варварин“, раскажува Зоран Миленковиќ, градоначалник на ова мало гратче во централна Србија со околу 2000 жители.

Бегајте, повторно доаѓаат!

Овој крупен човек носи брада и кожена јакна. Но, неговиот глас не одговара на неговиот изглед, тој зборува речиси нечујно со меланхоличен глас. Утрото на празникот сирените додуша повторно предупредија од воздушна опасност, се присетува Миленковиќ, но два месеца по почетокот на бомбардирањето, речиси сите оглувеа на тие сирени. Што би можело да се случи напладне во едно селце, каде нема ниту армија, ниту воени цели? Меѓутоа тој ден драматично го смени неговиот живот. Кога на небото се појавија борбените бомбардери на НАТО, неговата 15 годишна ќерка Сања со две другарки беше на мостот. Хај-тек бомбите го срушија челичниот мост, а трите девојчиња беа тешко повредени. „Ќерка ми Сања не преживеа“, вели Миленковиќ.

Зоран Миленковиќ покрај новиот мост во ВарваринФотографија: DW/V. Minić

По нападот шокираните граѓани се обидоа да им помогнат на повредените. „Можеше да се слушнат повиците за помош. Јас веќе бев во реката, кога некој извика: Бегајте, повторно доаѓаат“, вели Мирослав Дакиќ. Кога мостот веќе беше срушен во вода, бомбардерите се вратија и повторно стрелаа. „Детонацијата ме фрли десет метри понатаму, до тополите“, се сеќава Мирослав. Проектилите го погодија во десната нога, која денес е пократка за шест сантиметри. Тој според здравствените власти е „60 проценти хендикепиран“.

Без утеха

„Победата над лошото секогаш има цена“, коментираше подоцна портпаролот на НАТО, Џејми Шеј. Во неговиот вокабулар десетте жртви и 30-те повредени во Варварин се само бројки, колатерална штета, значи штети од војната кои не можат да се избегнат. Западната интервенција во Сојузна Република Југославија (која тогаш се состоеше само уште од Србија и Црна Гора) ги запре прогонувањата и злостораствата на режимот на Милошевиќ против косовските Албанци во тогашната српска покраина Косово. На друга страна, воздушните напади на НАТО, според српски наводи однесоа околу 2500 цивилни жртви. Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч говори за околу 500 убиени цивили. Страшниот пример од Варварин покажува дека многумина „колатерални“ жртви беа целосно непотребни.

Берлинскиот адвокат Улрих Дост уште во 2001. во име на оштетените од бомбашкиот напад бараше отштета од вкупно осум милиони марки од Германија како членка на НАТО. Мостот во Варварин, според Дост, нема никаво воено значење и напаѓачите знаеа дека ќе има само цивилни жртви. „Се разбира го знаеја тоа, тие не беа слепи“, вели Дост во разговор со Дојче веле. „Варварин е оддалечен околу 200 километри од главниот град Белград и исто така одалечен 200 километри од Косово. Таму немаше никакви воени судири. Замислете: НАТО бомбардираше преку ден јавни плоштади и пазари“, вознемирено раскажува овој правник.

Една од тужителите држи во рака некролог со жртвитеФотографија: picture-alliance/dpa

Покраинскиот суд во Бон во 2003. година ја одби тужбата - меѓународното право не им допушта на поединечни жртви да бараат отштета од учесниците во воениот судир. Жалбата до Уставниот суд во Карлсруе исто така беше безуспешна. „Меѓународно правниот проблем со државниот имунитет ни беше познат уште од почетокот. Сакавме да ја разбудиме политичката свест“, вели Дост. Посакуваниот ефект недостасува до денес. „Државите не сакаат ништо да менуваат во меѓународното право. Како во 1999. година и денес радо водат војни насекаде во светот“.

Вистината за војната

Градоначалникот на Варварин стои покрај споменикот во чест на ќерка му и другите жртви. Тоа е глобус со шестар чиј шпиц покажува на Србија. Зоран Миленковиќ не очекува обештетување од Германија. „Обештетувањето ќе значеше признавање на вината. Знаев дека нема да го признаат злосторството“, вели Миленковиќ. Единствената сатисфакција за него бил интересот на светските медиуми во случајот Варварин. „Важно е луѓето да ја слушнат вистината за агресијата на НАТО“.

Споменикот за жртвите во ВарваринФотографија: DW/V. Minić

Околу десет денови по овој напад Милошевиќ го потпиша мировниот договор, што знечеше повлекување на југословенската војска од Косово. Во ноември 1999. година беше отворен ново изграденот мост во Варварин. Денеска (24.03.2014) се навршуваат 15 години од почетокот на бомбардирањето на НАТО врз Југославија. Жителите на Варварин ќе се соберат во црквата, овојпат не за Света Троица, туку да ја изразат својата тага и да се присетат на жртвите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми