Вардар на чекор од двојна титула
17 април 2012Во трката за двојната круна на крајот од сезоната, еден од главните играчки адути е Филип Ивановски. Минатата есен 25 годишниот голгетер се врати во Вардар, во средината во која ги направи првите фудбалски чекори. Го облече вардаровиот дрес во моментите кога клубот беше во исклучително лоша ситуација. Ивановски вели дека сега состојбата е сосема поинаква: „Мислам дека, кога работите ќе се постават на здрава основа, кога ќе почне нешто да се гради за да прерасне во добро организиран клуб, остана ние играчите само резултатски да го продолжиме. Сега останува, работата на клубот да ја крунисаме со титула и со победа во Купот“.
Излезот во фудбалска Европа ќе биде чекор напред, Вардар да ја задржи и организациската и резултатската стабилност: „Се надеваме дека ќе продолжи растежот на клубот. Многу важни се натпреварите од европските купови. Без нив, без меѓународно искуство не можеме да одиме напред“.
Настојуваме да играме добар фудбал
Со 20 постигнати голови, е најдобар стрелец во првенството. Вели дека му значи таквиот статус, но и дека е тоа резултат на тимската игра: „Моја работа е да давам голови. Засега, добро ми оди. Но, тоа е заслуга на сите играчи, бидејќи играта на Вардар е поставена така, секој од нас да ја извршува својата задача“.
За нашиот соговорник силата на овој Вардар е и во професионално поставените односи и во работата на тренерот Илчо Георгиевски. „Сакаме да играме добар фудбал. Проблем во Македонија е што квалитетот на терените не ни дозволува да играме убаво за око. Ваквиот начин на играње доаѓа од тренерот Илчо Георгиевски, кој работи професонално, а ние се обидуваме да ги исполниме неговите замисли. Тоа дава резултат“.
Искуството од играњето во Полска и на Кипар, а пред се’ формата, која ја демонстрира во Вардар, Ивановски го исфрлаат во прв план и во македонската репрезентација. Очекува да се најде на списокот на селекторот Тошак за претстојниот пријателски натпревар против Португалија: „Искрено се надевам на повик на Тошак. Мое е да играм добро во Вардар, да го давам својот максимум. Ако добивам и натму шанса, сдекогаш ќе настојувам да ја искористам.“
Треба подобра атмосфера во репрезентацијата
Македонската репрезентација доживеа резултатски фијаско во квалификациите за Европското првенство. На крајот од летото започнува циклусот за пат на Светското првенство.
„Пред се’ играчите се тие, кои мораат да направат атмосфера. За државниот тим да почне да функционира и да дава резултати. Имаме интерсна и тешка група со квалитетни репрезентации. Ќе ни биде многу тешко. Наше е да играме и да се надеваме на успех“.
Како Филип Ивановски гледа на перспективата на македонскиот фудбал, кој резултатски каска на сите натпреварувачки рамништа. Кој е патот публиката да се врати на стадионите во Македонија?
„Квалитетен фудбал и пред се’ чесно работење. Сметам дека луѓето ја имаат загубено вербата во нашиот фудбал. Таа полека треба да се врати. Доколку, тргне се’ како што треба со нашата репрезентација, ако клубовите почнат да вложуваат повеќе во себе, мислам дека и гледачите ќе се вратат“, заклучува Филип Ивановски.