1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар - непловната алка на каналот од Солун до Белград

4 август 2017

Грчки медиуми го афирмираат интересот на Атина за поврзување на Солун со Белград по воден пат преку Македонија. Идејата не е нова, но плановите и натаму ги мати малиот проток на вода во реката Вардар.

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Грандиозен проект во вредност од 17 милијарди долари заеднички ќе реализираат Грција, Србија и Македонија, во чии рамки се предвидува Солун да стане клучен центар за превоз до Централна Европа, пишува грчкиот весник  „Прото тема“.
Амбицијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас била да го промени геостратегиското значење на Солун, вториот по големина грчки град, кој по воден пат преку реките Вардар и Морава ќе се поврзе со Белград и Централна Европа.
За проектот Ципрас разговарал со поранешниот српски премиер, денес претседател, Александар Вучиќ, на повеќе средби - и во Белград и на неодамнешната во Солун. Како што пишува весникот, проектот е приоритетен за владите на Србија, Грција и Македонија, но исто така и за Кина, која се интересира за наоѓање алтернативни патишта, како дел од „новиот пат на свилата“, по кој нејзините стоки најбрзо и најевтино ќе стигнат до Европа. Балканскиот канал од Белград до Солун би бил со должина од 650 километри, а била предвидена изградба на вештачки канал долг 30 километри, кој ќе ги поврзе реките Морава и Вардар.

Солунското пристаништеФотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak

Моравскиот канал исплатлив

Идејата за проектот за кој пишуваат грчки медиуми - не е нова. Потекнува уште од времето на австроунгарската империја, кога изградбата на пловен канал Дунав-Морава-Вардар-Солун е замислена како втора пловна магистрала, со која каналот Рајна-Мајна-Дунав ќе се поврзе со Егејско Море и патот од северна Европа до Солун би се скратил за 1.200 километри. Поранешниот српски министер за природни ресурси и просторно планирање, Милан Бачевиќ (денес српски амбасадор во Кина), уште во 2013 година потпиша Меморандум за разбирање со кинеската корпорација „Чајна гежуба груп“ за изработка на студија за оправданост на пловниот пат. Оттогаш до денес изградбата на каналот стана редовна тема на средбите на политичарите од трите земји. И македонскиот претседател Ѓорге Иванов лани во два наврата му даде поддршка на овој проект на средби со неговиот тогашен колега Томислав Николиќ, оценувајќи дека тој е во интерес на двете држави, но и за развој на целиот регион. Лани за проектот разговараа и српските власти при посетата на кинескиот претседател на Белград. Кинеската компанија по истражувањето на теренот на Голема, Западна и Јужна Морава подготвила студија која содржи преглед на хидролошките, економските и водостопанските фактори. Заклучокот бил дека „проектот за изградба на моравскиот канал низ Србија е изводлив и исплатлив, не само поради тоа што ги намалува трошоците за транспорт, туку и поради производство на електрична енергија, наводнување на земјоделски површини, снабдување со вода за пиење и заштита од поплави“.

Вардар не ги исполнува условите за пловен сообраќај, велат експертиФотографија: DW/P. Stojanovski

Вардарскиот канал со мал проток

Македонија би имала полза од изградба на пловен канал, бидејќи според податоците на Стопанската комора на Македонија, 51 отсто од вкупниот извоз на Македонија оди во подунавските земји, па транспорните трошоци би се намалиле за една третина. Но, дали неговата изградба е остварлива во Македонија, односно дали Вардар ги исполнува условите за пловен сообраќај во должина од 206 километри? Домашните експерти остануваат на истиот став што го искажаа и пред четири години, кога оваа идеја беше реафирмирана во Србија: од хидролошки аспект - проектот е неизводлив во Македонија! Тие ги компарираат податоците, според кои, Дунав има проток од 700 до 1.000 кубни метри проток во секунда, а Вардар е поројна река која во лето има проток од само 5 кубни метри вода во секунда и 200-300 кубни метри во време на поплави. Со такви големи варијации реката се смета за неповолна за организирање воден транспорт. Според нив, пловноста е особено невозможна во центарот на Скопје, бидејќи реката е урбанизирана, со интервенции во коритото, со галии и ниско поставени мостови, кои се пречка за поминување на бродови, осбено на големи транспортни, а тие интервенции се генерално пречка и за хидрауличкиот режим на реката. Според домашни експерти, дури и да се направи свртување на реката со канал кој ќе го заобиколи центарот на Скопје, повторно останува главниот проблем - малиот проток на вода. Исто така, според пресметките на УХМР за ранливост од суша во Македонија, само еден процент од територијата се смета за незагрозена, а на удар на сушата константно ќе бидат околу 40 проценти, што се одразува и на нивото на водите. Но, постојат и други проблеми. Токму покрај долината на Вардар е изградена богата инфраструктурна мрежа - патна и железничка, која при изградба на пловен канал би требало да се дислоцира, но и да се потопат големи земјоделски површини и најмалку три населени места во Тиквешкиот и во Гевгелиско-валандовскиот регион, што ќе предизвика преселба на населението и негова професионална преориентација. Од тој аспект, засега повеќе оптимизам за проектот постои кај политичката јавност, отколку кај стручната. Во целата приказна не недостигаат и политички шпекулации. Во заднината на овој проект со економски и трговски предзнак, сѐ почесто се поставува прашањето: Дали заради изградбата на балканскиот пловен канал ќе мора да бидат „потопени“ (дислоцирани) и дел од градбите на „Скопје 2014“, кои се непосредно покрај коритото на Вардар? За ова засега никој не е подготвен да разговара.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми