Вардар продаден за 81 илјада евра
20 јануари 2014Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко стана мнозински сопственик на акциите на најтрофејниот фудбалски клуб во Македонија - Вардар. Во понеделникот, на јавното отворање на понуди во Град Скопје, имало доставено само една понуда и тоа Самсоненко, сопственикот на машката и женката екипа на РК Вардар.
Русинот стана сопственик на 100 отсто од акциите на ФК Вардар, кои беа во сопственост на Град Скопје и Акционерското друштво за стопанисување на станбен и деловен простор (АДССДП) и клубот ќе го води до 2024 година. Инаку, Самсоненко односно РК Вардар, за сума од 81.000 евра, ги купи акциите кои Град Скопје и АДССДП ги имаа во ФК Вардар. Според договорот, покрај купувањето на акциите, новиот сопственик е обврзан во клубот годишно да инвестира најмалку милион евра.
Медиумите во Македонија пишуваат дека Самсоненко има амбиција да го подигне на повисоко ниво фудбалскиот клуб. Веќе се шпекулира и дека на тренерската клупа ќе седне Ѓоко Хаџиевски.