1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вардар“ шампионски ќе го поплави Скопје

6 јуни 2017

Со „поплава“ од емоции денеска во Скопје ќе биде дочекан европскиот ракометен шампион. „Ние сме општество на кое очајно му требаат победи“, велат аналитичари и повикуваат успехот да не се (зло)употребува политички.

Mazedonien Skopje Jubelfeier Vardar Skopje gewinnt Handball-Champions-League - Großer Jubel in Skopje (03.06.2017)
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Поради силни дождови вчера Поројска река се излеа во Тетовско. За разлика од тетовци, кои со справуваа со наноси од камења и кал, скопјани денеска напладне со радост и нетрпение очекуваат „Вардар“ да се излее во градот. И сѐ е подготвено за канализирање на големата „поплава“ од емоции, со која ќе биде дочекан европскиот ракометен шампион. Уште рано утрото е организиран бесплатен автобуски превоз од ЈСП за сите кои сакаат да ги пречекаат добитниците на европската ракометна круна на аеродромот „Александар Велики“ по 11 часот. Тие во 13 часот ќе бидат свечено дочекани на плоштадот „Македонија“, а претходно ќе бидат поздравени од поддржувачите по должината на целата маршрута по која ќе се движи конвојот на шампионскиот тим: булеварите „Александар Македонски“, „Гоце Делчев“ „Крсте Мисирков“ и „Кочо Рацин“ сѐ до влезот на порта "Македонија".

Жедни за победи

Македонија веќе два дена живее во жестока славеничка еуфорија.На телевизиите постојано се вртат инсерти од погодокот во последната секунда, од најинтересните голови и мајстории на одбраната, а најспомнувани во јавноста се имињата на членовите на ракометниот клуб. За нив се зборува на социјалните мрежи, во продавници, на автобуски постојки, во болнички чекалници...Радоста што РК „Вардар“ ѝ ја донесе на Македонија е предизвик и за аналитичарите. Тие лоцираат два ефекта од оваа победа, поврзани со македонското секојдневие: дека на земјата ѝ требаат победи што ќе ја вратат надежта и самодовербата за можност од врвни реултати, а кога се победува - видливо е дека различноста не е „пречка“, туку предност, ако тимот е сплотен и работи за иста цел. Имено, никому не му пречеше фактот што играчи на ФК „Вардар“ во „Ланксес“ арената во Келн ги развеаја и нивните национални знамиња, нешто што во локалниот политички живот експресно би го довело под прашање „патриотизмот кон матичната куќа“.

Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Според комуникологот Петар Арсовски, токму ваквите примери го намалуваат притисокот од ксенофобичност. 

„Ние сме општество на кое очајно му требаат победи. Демократски, емотивно и психолошки девастирани, постојано под притисок од една системска криза, ние притисокот го манифестираме на ниво на хистерична ксенофобија. Ваквите победи на вистински начин нѐ релаксираат од овој патолошки феномен и притоа покажуваат дека при такви настани немаме проблем да ја славиме различноста на тимот преку нивните знамиња на трибини, феномен кој во редовните текови на јавната сфера во Македонија во оваа фаза би бил невозможен. Затоа мислам дека сме во фаза во која насушно ни требаат добри вести, па дури и да се тие само од спортот. Славењето на овој настан толку еуфорично, помеѓу другото, покажува и еден ескапизам од мрачното секојдневие кое метастазира во нашите животи“, вели Арсовски.

Моменти за паметење

01:14

This browser does not support the video element.

Лекција за политичарите

Тимската обединетост во различноста, може да биде одлична лекција за политичарите, барем за оние кои со играње на картата на етничкото, со години копаат ровови наместо да градат мостови. Во еден дел на тоа се осврнува и новинарот Милорад Стојмановски, во колумна под наслов  „Кога Македонија блика од радост...“

„Со руски тајкун како сопственик, со шпанско дуо на тренерската клупа, со 'обединети бои' на тронот - македонски, хрватски, шпански, српски, црногорски, бразилски... Колорит што му пркоси на погрешниот етноцентризам. Зашто и ваквиот Вардар - со само еден Македонец на теренот, со уште двајца на списокот, како заедничкиот именител го имаат македонскиот“, пишува Стојмановски.

Но, политичарите секогаш се „тука некаде“ кога треба да чепнат од нечија слава, да посегнат по ѕвездената прашина, да се закитат со „туѓи пердуви“ и да остават перцепција дека и тие посредно „придонесле“ за успехот.  Денес не запираат повиците да престане таквиот манир. 

Македонското општество е фаза во која насушно му требаат добри вести, па дури и да се тие „само“ од спортотФотографија: DW/Petr Stojanovski

„Ни требаше таков одговор (победнички, н.з) на сите чемер-митинзи и контрамитинзи, на сите премрежија што државата сѐ уште ги преживува. За ваква енергија го отворивме шампањското во 1991. По 26 години, конечно и да воведеме нова практика - политичарите да не бидат на сцената наменета за славениците. Заради моментумот, нека биде присутен само домаќинот, градоначалникот“, порачува Стојмановски.

Дали ќе биде така, ќе видиме денеска. Одговор од „политичката лекција на македонскиот ракомет“ очекува и новинарот Ѕвездан Георгиевски.  

„Интернационалниот карактер на професионалниот спорт, а со самото тоа и на РК 'Вардар', ако се сведе во границите на една земја, може да покаже како се создава модел на ефикасност, без оглед на, што би се рекло, националната, религиската, половата, сексуалната, па и партиската определеност (...) Оптимизмот и ентузијазмот веќе се дишат во воздухот околу нас. Како и дали ќе се ефектуираат ќе се насети на големата прослава на централниот плоштад во Скопје. Тогаш ќе видиме колку, како и од која политичка опција политички ќе биде (зло)употребен ракометниот успех. И ќе видиме кој и како ги сфатил потребите на новото време!“, порачува Георгиевски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми