1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардар ќе „продиши“ благодарение на ЕУ

БЈ/ „Стандард“
15 август 2019

ЕУ во Северна Македонија, во која полага големи надежи, финансира бројни инфраструктурни проекти. За нив во обемна репортажа од Скопје пишува австрискиот весник „Стандард“

Mazedonien Skopje Referendum
Фотографија: DW/F. Schmitz

Недалеку од главниот град Скопје огромен багер масовно ископува земја. Мажи во портокалови елеци стојат од околу и го диригираат процесот. Веќе се ископани два километри со пристојна длабочина. Тука ќе бидат поставени цевки од стаклени влакна. Цевките имаат толкав дијаметар што мажите комотно може да застанат во нив. Имаат минимум сто години гаранција, но веројатно ќе бидат најдени од други генерации по илјада години, ако тогаш уште постои земјата.
Цевките се дел од систем канализации, кој конечно треба да ја растовари реката Вардар. Досега сиот одвод од главниот град се влеваше директно во реката која заради тоа смрди и е загадена. Има рибари кои сепак ловат, но рибите практично и не се за јадење. Поставувањето на цевките и изградбата на прочистителна станица е дел од голем проект кој ЕУ широкоградо го поддржува. Вкупно 120 милиони од претпристапна помош (ИПА) ќе бидат инвестирани во такви проекти за заштита на околината во Северна Македонија. Проектите се кофинансирани со 15 до 20 проценти удел со финансиски средства од македонски институции.

Заштита на Вардар

Со цевките кои ќе бидат првично приклучени на градската канализација треба да се заштити реката од загадување, но и да се подобри хигиената во градот. Се проценува дека во иднина ќе бидат избегнати болести кои се предизвикани од загадувањето на околината и на водата. Цевките треба да се протегаат преку осум километри покрај течението на реката. Проектот ќе биде готов до февруари 2020. Од 9,7 милиони евра колку што чини системот, 7,1 милиони ги финансираат даночните обврзници на ЕУ. Северна Македонија важи за надежен модел за Балканот. Доколку започнат преговорите со ЕУ следната година, се би можело да се одвива мошне брзо. Северна Македонија уште во 2005 стекна кандидатски статус, но до минатата година Грција го блокираше почетокот на преговорите со вето. Таквата политика заврши откако беше постигнат договор за името на државата.

Воз кон Софија

Ако се следи патот надвор од главниот град во насока на Куманово, наидувате на уште еден важен инфраструктурен проект финансиски поддржан од ЕУ: железничка линија кон Софија. Скопје е железнички поврзано со Солун, но до Софија се стасува само со автомобил. Ова е делумно финансирано со 45 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Изградбата на вториот и третиот дел се овозможени од различни европски финансиски институции.

Сигурно ќе поминат уште неколку години додека да се патува удобно со воз од Скопје до СофијаФотографија: BGNES

Сега треба да се откупи земјиштето, а Северна Македонија допрва треба да достави проектна апликација до ЕУ. Често бирократските процеси во Југоисточна Европа се компликувани и потребни се многу седници и координации се додека не започне да функционира еден ваков гигантски проект. Поради тоа сигурно ќе поминат уште неколку години додека да се патува удобно со воз од Скопје до Софија. Но, железницата пред се е наменета за товарниот сообраќај.

Заедничка гранична контрола

Од овој август, патувањето кон север е значително олеснето. За првпат по крајот на војната во Југославија во 1991 година воведена е заедничка гранична контрола меѓу Северна Македонија и Србија. Возилата кои доаѓаат на Табановце сега веќе не треба два пати да поминуваат на пасошка и царинска контрола – службениците на двете земји стојат заедно и едноставно си ги подаваат документите. Со ова пред сѐ се штеди време. Особено практична е заедничката царинска станица. Сличен модел веќе функционира на албанско-црногорската граница.

Со европски средства, покрај тоа што на граничниот премин Табановце е изградена канцелариска зграда каде што се проверуваат шоферите на камиони и документацијата, изградена е и посебна зграда за проверка на возилата и камионите. Со специјален скенер камионите таму може да се прегледаат буквално под лупа. Во акција се и кучиња трагачи. Им помагаат на цариниците при пронаоѓање на шверцувана дрога, цигари или луѓе. Неодамна овде беа откриени 300 килограми канабис заварени на подните плочи на камион. Пратката доаѓаше од Албанија, а е наменета за европскиот пазар.

Царински терминал

Срцето на новиот терминал е компјутерски управуван "Транзитен систем" во кој податоците се обработуваат брзо и едноставно. За таа цел се вложени три милиони евра од претпристапните фондови на ЕУ. Сега комуникацијата меѓу македонската и српската царина е дигитализирана. Ова е овозможено откако двете страни потпишаа две конвенции во 2015 година.

Заедничкиот царински терминал на Србија и Северна Македонија е целосно интегриран во системот на ЕУ. Формуларите важат низ цела Европа, а патот на пратката може целосно да се следи онлајн – од моментот на пакување до испораката. И додека Србија и Северна Македонија се целосно интегрирани во овој европски систем и процедури, во случај на "тврд“ Брегзит, Велика Британија ќе испадне од него. Со новиот терминал управувањето со транспортот на стоки може да се забрза од 25% до 30%. Во Довер тоа во иднина ќе трае подолго.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми