1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чии ставови промовира Оливер Вархеји

8 мај 2021

Веќе се создаде еден впечаток во македонската јавност дека на Вархеји како аѓутант за врска со Брисел не може премногу да му се верува. Дека средбите со него се неопходни, но во нив нема искреност. Пишува Љупчо Поповски

Oliver Varhelyi
Фотографија: EU/Gent Shkullaku

Два дена изгледаше како да е тоа средба на Џо Бајден со Владимир Путин. Во некоја рака беше разбирлив интересот поради неочекуваната сличност во изјавите на шефот на државата и лидерот на опозицијата околу судскиот процес и пресудите за 27 април. И во тоа немаше ништо што не е журналистички, или политички. Но со претворањето во спектакл на средбата на Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски се отиде неколку чекори подалеку – како од овој разговор да зависи иднината на Македонија. Резултатот е сурова политика: Пендаровски драстично ги амортизира претходните контроверзни ставови изнесени во едно интервју, во кои дури си дозволи да ја оценува висината на затворските пресуди, а Мицкоски (преку „државнички“ потег, како што го славеа неговите портпароли) да најде некаков елегантен чекор да се обиде да ги избрише своите изјави дека шефот на државата бил „слуга“ на „стопанот“ Заев и да го одмрзне она што беше замрзнато. На крајот, оваа врева им помогна најмногу на нив двајца. Тоа е македонската политика. Ќе се повлечеш кога ќе стане неподносливо.

Еден друг „спектакл“ беше поважен овие неколку денови. Оној што го приреди европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји. И неговите изјави дека е можно Албанија да добие дозвола, а Македонија уште една блокада на патот кон ЕУ. Одамна е јасно дека Унгарецот Вархеји е далеку од калибарот на неговиот претходник Јоханес Хан, а ниту на Оли Рен, па и Штефан Филе. Оние што паметат подолго (без да гледаат во интернет архивите) не ќе можат да се сетат на изјави на неговите претходници кои ја демотивираат европската агенда на Македонија. Па дури и во ситуации кога требаше да го кажат познатиот став дека без договор за името со Грција е комплицирано да се оди напред. Тие тоа го правеа на умешен начин да не се повреди домаќинот.

Вархеји тоа го прави на суров начин. Дури и кога дојде во Скопје да ја испорача скромната доза на европските вакцини тој рече дека доколку Македонија и Бугарија не најдат заеднички јазик за историските барања за Софија ќе се разгледува опцијата за одвојување на двете земји. Тоа го кажа подоцна и во разговор за Еуроњуз, а неколку месеци порано велеше дека Македонија треба да покаже повеќе разбирање за барањата на Бугарија за да може да оди напред.

Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Веќе се создаде еден впечаток во македонската јавност дека на Оливер Вархеји како аѓутант за врска со Брисел (откако шефот на европската дипломатија Жозеп Борел покажува зачудувачки мала заинтересираност за регионот) не може премногу да му се верува. Дека средбите со него се неопходни, но дека искреноста и непосредноста на средбите на македонските раководители со него е фрлена настрана. Дека овие контакти се одвиваат на некакво неопходно подносливо ниво. Тоа е впечатокот, но прашање е дали е тоа целата вистина.

Неколку толкувања

Има неколку толкувања зошто изгледа дека Вархеји навидум има повеќе разбирање за бугарските ставови отколку за македонските позиции. Првата и основна е што тој е дел од Европската комисија која како заедничко тело има многу помала тежина од онаа претходната што ја предводеше Жан-Клод Јункер. Тоа им е совршено јасно и на новинарите и на политичарите во ЕУ. Но земјите членки ја избраа Урсула фон дер Лајен за претседателка, а Оливер Вархеји за комесар за проширување, а тоа беше резултат на комплицирани пазарења. Веројатно се сеќавате како реагираше Јункер кога Емануел Макрон го блокираше отворањето на преговорите со Македонија, барајќи реформа на процесот за пристапување. И како едно од објаснувањата на Макрон беше дека Македонија и Албанија (далеку послаба во критериумите) не смеат да се разделат за да не се вознемири албанската популација во регионот. Македонија и Заев беа не регионални туку европски ѕвезди по Преспанскиот договор и дека ЕУ има морална обврска тоа да го награди затоа што беше остварено она што го бараше. Па, сепак, Макрон објаснуваше дека поради заостанувањето на Албанија, Македонија не може да оди напред.

Две горчливи апчиња има испиено македонското општество – она во Букурешт 2008 и ова француското. Само што она што го постави на масата Макрон заедно со шампањско беше целосно неочекувано и длабоко неправедно. И оттогаш Македонија почна уште еднаш, по кој знае кој пат, да се врти во маѓепсаниот круг. Во Европската комисија сега нема луѓе кои се чувствуваат како некаков вид должници кон Македонија по склучувањето на Преспанската спогодба и договорот со Бугарија. Јоханес Хан е член и на оваа Комисија, само што е комесар за буџет и речиси нема никакви допирни точки со регионот.

Колешката Слободанка Јовановска во „Независен“ пишува дека веројатно најважното прашање е кој и зошто се обидува да му ја разниша позицијата на премиерот Зоран Заев и владата во моментов – дали Вархеји или ЕУ? „Бидејќи секое недавање на датум за преговори на Македонија во ЕУ ги соочува со срамниот факт дека го сменивме името на државата за да дојдеме до таквата одлука и дека тешко е да се зборува за кредибилитет на Унијата кога не исполнува ни ветувања за вакви крупни барања. Така што, многу пореален одговор е дека Берлин, Париз, Софија, Хаг и други земји би биле најсреќни да немаат пред себе политичари кои постојано ги потсетуваат што оствариле, а наместо тоа да се врати ВМРО-ДПМНЕ, кои ниту нешто направиле да влеземе во ЕУ ниту нешто оствариле и само глумат дека бараат членство".

Ова е едно од реалните објаснувања. Особено поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да падне ни раска на сликата за Вархеи (како нивен голем партиски пријател), па дури и кога изјавува дека Македонија треба да попушти пред барањата на Бугарија и да се соочи со ситуацијата дека Албанија поради мерит системот ќе може сама да оди напред. А во исто време, како што вели Александар Николоски, „срамно е Албанија да биде пред Македонија“. Конфузно е, ама има партиска логика.

Други колумни од авторот:

Кој остана уште да ја сака Русија

Патот на Зоран Заев

Навраќање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците

Во маѓепсаниот круг

Потоа, навистина е важно прашањето – чии ставови промовира Оливер Вархеи? На Европската комисија, која неколкупати донесува цврста препорака дека Македонија е целосно подготвена да ги почне преговорите. На некои членови на колеџот на комесарите или можеби на политичката диоптрија на Будимпешта. Ако шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, пред некој ден изјави дека официјалниот став на Берлин е дека не може да има има разделување на Македонија и Албанија, ако тоа официјално и јасно го потврдија и многу други европски метрополи, тогаш која структура во Брисел jа разгледува оваа опција?

Само ден-два пред последната изјава на Вархеји, министрите за надворешни работи на Г-7 (групата на најразвиените земји) на својот состанок во Лондон го ставија на дневен ред почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија и побараа овој процес и формално да започне. Во долгото соопштение од дури 27 страници за темите за коишто се расправеше во Лондон прашањето за иднината на Западен Балкан во ЕУ и регионалната стабилност е во самиот врв во главата за надворешна и безбедносна политика по ставовите за Русија, Украина и Белорусија. „Ја потврдуваме нашата заедничка посветеност на безбедноста, економското закрепнување и европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан како клучна инвестиција за мир и стабилност. Ние затоа го поддржуваме формалното отворање на преговорите за пристапување во ЕУ со Албанија и Северна Македонија“, стои на почетокот од заклучоците за Западен Балкан.

Шефовите на дипломатии на С. Македонија и Германија, Бујар Османи и Хајко Мас на средба во Берлин (3.05.2021)Фотографија: Michael Sohn/REUTERS

На оваа средба беа министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Јапонија и Канада. Ова е еден од најсилните ставови за европската иднина на Македонија и Албанија искажан на толку репрезентативно ниво. Па тогаш, навистина, чии ставови промовира еврокомесарот, уште повеќе кога преку „Политико“ сношти се дозна дека Вархеи испратил нон-пејпер до европските министри за надворешни работи во кој предупредува дека „луѓето во регионот доживуваат чувство на длабоко разочарување во процесот на проширување" и „перцепција на застојот на испораката на вакцините против КОВИД-19 од ЕУ дополнително го зголеми наративот на разочарување... силното присуство на ЕУ е најдобриот начин да се спречи Западниот Балкан да се оддалечи". Ако, како што вели „Политико“, неговата идеја за раздвојување на Македонија и Албанија го вознемирила Брисел, тогаш како, кога Македонија ќе биде оставена да се врти и натаму во маѓепсаниот круг, ќе се врати силното присуство на ЕУ во регионот?

Фактот дека дури оваа недела земјите членки на ЕУ дале согласност за примената на редифинираната методологија за проширување за Србија и Црна Гора, откако двете земји ја прифатија уште пред една година, кажува дека мислите на Унијата за Западен Балкан се некаде длабоко во политичката свест и никако да се појават на главната маса.

Некои од толкувањата се и дека со оваа контроверзна идеја Вархеји сака да биде направен дополнителен притисок врз Бугарија да се откаже од уцените, барем во првата фаза при отворањето на формалните преговори. И да ја направи позицијата на Софија бесмислена, затоа што ако двете земји бидат поделени, Бугарија ќе ги оддалечи од себе Македонците за наредните 30 години. Можеби е така, но дали Вархеји има толкава моќ да промени цела политика на членките на ЕУ? И дали, исто така, има толку голема моќ да ги отфрли сите јасни изјави на Вашингтон дека ЕУ во јуни треба да ги отвори преговорите со Македонија? И дали зад оваа идеја стои и Урсула фон дер Лајен (а преку неа и Ангела Меркел), кога Хајко Мас изјави дека таква идеја е незамислива за Берлин?

Зоран Заев веројатно ќе чуе в понеделник од Фон дер Лајен што мисли таа за оваа идеја нејзиниот комесар и ќе може да ѝ го каже она што го кажа пред три дена: „Не ни треба Европската унија по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ?“. Ако Фон дер Лајен воопшто се секира за тоа.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми