1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вархеји: Немаме време за губење – процесот да се забрза

ДТЗ
27 април 2022

Постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите го зголемува евроскептицизмот, но и загриженоста за геополитичката стабилност, му порачаа домаќините на Вархеји во Скопје.

Nord-Mazedonien l EU-Erweiterungs-Kommissar Varhelyi trifft Premierminister Kovacevski
Фотографија: Government of North Macedonia

„Северна Македонија е дел од Европа. Немаме време за губење, треба да се забрза процесот“. Ваква порака испрати еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Вархеји, којшто е во посета на регионот, а во Скопје доаѓа по вчерашните средби со бугарскиот државен врв, не даде изјава за медиумите, туку пораките ги испрати на Твитер. 

„Посветени сме да ги продолжиме напорите за почеток на преговори со Северна Македонија пред завршувањето на француското претседателство со Европската Унија во овие клучни времиња“, твитна еврокомесарот, откако претходно на средбата со Ковачевски во Владата се согласиле дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија.

Сега е моментот да се реши спорот

Сега е момент да се реши спорот со Бугарија, во спротивно прашањето може уште долго време да остане отворено. Со ваква порака беше дочекан еврокомесарот во проширување, Оливер Вархеји во Скопје, по неговата посета на Софија во вторникот (26.04), каде ги слушна размислувањата и на бугарскиот државен врв за иднината на македонското европско досие.

Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, беше потенцирано на средбата во ВладатаФотографија: Government of North Macedonia

„Сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“, констатирале на средбата во Владата, премиерот Димитар Ковачевски и еврокомесарот Оливер Вархеји. Како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски и Вархеји се согласиле дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Унија. 

„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, вели македонскиот премиер. 

На чекор до меѓувладината конференција

Вархеји се сретна со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во Секретаријатот за европски прашања, кој му го пренесе ставот дека постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите се одразува на домашната политика. „Го зголемува евроскептицизмот, но и загриженоста за геополитичката стабилност“, истакна Маричиќ. 

Бујар Османи вели дека регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската УнијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Сличен став тој слушна и од шефот на дипломатијата, Бујар Османи, кој потенцираше дека регионот е сѐ повеќе уморен од чекање, со што страда кредибилитетот на Европската Унија. Попладне Вархеи ќе се сретне и со претставници на политичките партии.

-повеќе на темата: Нови средби во Софија за растерување на облакот од македонско-бугарските односи

Еврокомесарот пред посетата на Скопје порача дека прашањето за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ треба да се реши до јуни. Тој изрази крајно разочарување што се уште се разговара за ова прашање. „Му благодарам на премиерот Кирил Петков за отворената дискусија за идните чекори, кои ќе не однесат до отворање на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Албанија“, напиша Вархеји на Твитер, откако ги слушна ставовите на бугарскиот државен врв. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми