Варшава е центар на Централна и Источна Европа
23 август 2011
Плоштадот пред Кралскиот дворец е едно од најубавите историски места во Европа. Впрочем, се наоѓа на листата на културно наследство на Европа. На човек да не му се верува дека овде, пред 60 години, се’ било претворено во урнатини и пепел. Како и сите во Полска, и Бартоломеј Ваис, со прекар Бартек, знае дека сето тоа било повторно изградено по Втората светска војна:
„Мислам дека се одлучија за добар автентичен стил. Градбата изгледа старо, но е всушност релативно нова. Така на пример, моите родители се постари од стариот, повторно изграден дел на градот“, раскажува Бартек.
Бартек живее 14 години во Варшава. По професија е пијанист и заедно со други тројца музичари ја формираа групата „Квадрофоник“. Квартетот е составен од двајца пијанисти и двајца перкусионисти и е многу познат ширум светот. Музичарите се вратија од Јапонија, а ќе патуваат за Кина.
Значаен дел од музичката историја на градот е композиторот и пијанист Фредерик Шопен
Во март 2010 година, во поранешниот Кнежевски дворец беше отворен музеј по повод 200 години од раѓањето на Шопен: „Музиката на Шопен ја чувствуваме многу блиска, бидејќи сме израснати со неа. Таа врска не може никогаш да се прекине, бидејќи неговата музика за нас е како втор јазик“, објаснува музичарот Бартек.
Ова го потврдува и фактот што музејот на Шопен е најомилениот во Полска и годишно го посетуваат по 200.000 луѓе. Новиот концепт на изложување доведе до посакуваниот успех:
„Не нудиме тури со туристички водичи низ музејот, туку посетителите можат и треба сами да ги откријат богатствата и убавините на музејот“, вели Алисја Кнаст, уметнички директор на музејот.
Една четвртина од градот е исполнета со паркови
Варшава, покрај останатото, изобилува со зеленило. Речиси во самиот центар се наоѓа паркот Лациенки, во кој е сместена и славната статуа на Шопен. Површината на овој парк изнесува 76 хектари. „Варшава понекогаш ја доживувам како млада, модерна и екстравагантна девојка“, вели Бартек.
Највисоката зграда во градот е Палатата на културата и науката, висока 230 метри. Градбата датира од 50-те години на минатиот век. Меѓутоа, Варшава во изминативе 20 години се претвори во модерна метропола со футуристичка архитектура. Градот нуди разновидни понуди од областа на гастрономијата и културата.
Уметност од стакло
Уметничкото ателје „Дорум арт” се наоѓа во просториите на некогашната фабрика за вотка. Овде се изработуваат необични скулптури од стакло. Во моментов, уметниците работат на многу комплексен проект. Имено, моделот на автомобилот Фолксваген-Буба сакаат во оргинална големина да го направат од разнобојно стакло. Идејата на шефицата и основач на ателјето Катарина Сцајка е уште од поодамна, но, по се’изгледа дека конечно ќе биде реализирана:
„Од колку елементи ќе биде составен моделот, од илјадници? Ќе има повеќе од 10.000 стаклени камчиња. Но, покрај стакло ќе има и околу 40 килограми калај“, објаснува таа.
Како и многу други метрополи и Варшава, во меѓувреме има неколку градски плажи со барови. Бартек има свое омилено место, барот „Бордо“. Оттука тој има поглед на градот и со чаша вино во рака размислува за иднината. На пример, за новиот стадион во кој ќе се игра натпреварот на ЕП во фудбал во 2012 година.
Автор: Холм Вебер / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска