Ватерло на Меркел?
4 февруари 2016Отворањето на границите беше политички потег „на своја рака“ на Ангела Меркел: немаше решение на ЕУ, не беше прашан Бундестагот, уште помалку германскиот народ. Таа како канцелар едноставно направи исчекор и во почетокот за тоа доби многу аплауз во Германија и во светот. Но, ефектот на вител што го предизвика чекорот на Меркел надмина се’ што многумина воопшто можеа да си замислат.
Во редовите на нејзината партија ЦДУ веќе сега има пратеници кои зборуваат дека по наредните избори ќе има Анкетна комисија за постапките од летото 2015. иницирана од партиите Алтернатива за Германија (АфД) и ФДП (либералите). Според сегашната состојба во анкетите на јавното мислење, тие тогаш ќе бидат застапени во парламентот. Многумина знаат дека постапката на Меркел правно може да се оспори; ЦСУ во меѓувреме дури и се заканува со тужба пред уставниот суд.
Германија „се одвикнува од зависноста“ од Меркел
Во меѓувреме 70 проценти од населението се вознемирени поради непрекинатиот прилив на бегалци. Толку лошо расположение немало за последните десет години. И, бидејќи за многумина важи равенката „бегалска криза еднакво Меркел и обратно“, во моментов популарноста на Меркел е толку ниска, што мнозинство од испитаниците веќе не се задоволни од нејзината работа како шеф на владата.
Во ваквата слика за расположението улога игра и една психолошка компонента: Меркел веќе десет години е на власт. За Германија тоа беа добри години. Социолозите до неодамна пофално зборуваа дури и за „генерација Меркел“. Соодветно на тоа, во изминатите години таа секогаш имаше и извонредни резултати во анкетите. Сето беше на добар пат - не им се верува на многумина: без ново задолжување, рекордни даночни приходи, ниска невработеност - зошто сега сето се уништува? Кога потфрлува најдобриот во класот, како што актуелно сметаат многумина, тогаш е разочарувањето двојно поболно. И поради тоа се емоционалните отскоци во моментов толку екстремни - Германија „се одвикнува од зависноста“ од Меркел.
Загриженост за Европа
Европа е натамошен пункт. Германците всушност мнозински се ентузијастички Европејци. Но сега гледаат како тешко постигнатото европско единство добива се’ повеќе пукнатини. Постојан е контраветерот за европскиот приод на Меркел во бегалската криза. Многумина одамна престанаа да веруваат во нејзиниот план. Кај некои тоа е придружено и со тивок бес, кој потоа се отсликува во анкетите. Други во меѓувреме гласно ја искажуваат таа лутина и сметаат дека популистите и Пегида добро ги застапуваат. А трети пак ги исцрпува грижата дека сега екстремни сили ќе имаат главен збор во европската политика.
Европа во криза поради Ангела Меркел! А токму таа во изминатите години ја однесе Европа толку напред. Тоа е трагично, велат некои. Како резултат на се’ токму прилично драматично паѓа и поддршката за ЕУ.
Прогнози? Тешко!
Како ќе одат работите понатаму? Ќе остане ли Меркел канцелар или ќе се повлече - или ќе ја сменат? Одговори засега нема. Но, Меркел веќе политички преживеа неколку падови на довербата во анкетите, на пример по финансиската криза и за време на грчката криза. Освен тоа, мнозинство од населението ги оценува како добри мерките содржани во сега усвоениот пакет Азил 2.
Значи, се’ може повторно да биде поинаку, подобро за Меркел? Решавачко ќе биде: кога ќе почне да опаѓа бројот на бегалци кои се’ уште во илјадници доаѓаат во Германија?
Во моментов подобро човек и да не помислува што би се случило ако би имало некој голем терористички напад во Германија. Тогаш гарантирано многумина и тоа би и’ го припишале на Ангела Меркел.