1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан и „најдените“ стотици милиони евра

Анжелко Шубиќ/дв/Жана Ацеска6 декември 2014

Новиот ватикански контролор на финансиите, кардиналот Пел малку подобро ги погледа финансиите на католичката црква и констаираше-благајната е во подобра состојба отколку што се мислеше. Трошењето било нетранспарентно.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Brambatti

Австралискиот кардинал Џорџ Пел по личен налог на папата Франциско овој месец малку подобро го простудирал книговодстото на католичката црква, а неговата задача е и финансиите на Ватикан да ги прилагоди на меѓународните стандарди. До неодамна, за благајната на црквата кружеа различни шпекулации, но и конкретни скандали-со куфери се носеле пари оттука во Швајцарија, Ватиканската банка беше обвинувана дека е во рацете на организираниот криминал и дека преку неа масовно се перат пари, дека постојат сериозни докази за тешки случаи на непотизам и многу сомнителни продажби на недвижности во сопственост на црквата... И, што е најлошо, дека благајната на католичката црква, всушност е - празна.

Но, како што напиша кардиналот Пел за британскиот католички магазин „Католик Хералд Магазин“ кој излезе вчера (05.12.2014), откриено е дека црквата има „стотици милиони евра“, но кои не се внесени во ниедни биланси. Парите се наоѓале на посебни сметки и досега ретко некој знаел за нив. Се‘ на се‘, со оглед на старосната возраст, црквата во следните петнаесет, дваесет години навистина може да ја очекуваат големи издатоци за пензии, но и покрај нив, Ватикан е „далеку од банкрот“, констатира Пел. Католичката црква е ликвидна и „располага со значајна актива и имот“, пишува кардиналот Пел.

Кардиналот не сака да зборува за виновници

Австралискиот кардинал не сакаше да зборува за имиња, па дури ни за некаква вина, но на познавачите на Ватикан им е повеќе од јасно што се случува таму. Имено, многумина се навикнати поглаварот на римокатоличката црква да се занимава со светите, но не и со книговодствените книги, така што ова е уште едно боиште на папата со високодостојниците на црквата. Пел признава оти вакви сметки се најдени во конгрегациите и советите на римската курија, а „посебно сопствена независност негувал државниот секретаријат на Ватикан“, задржувајќи ги за себе работите со кои се занимава.

Фотографија: Getty Images/F. Origlia

„Само малубројни се обидувале да им признаат на другите што се случува, освен кога им требала помош“, пушува кардиналот Пел. Сепак, тој на едно место ги опишува односите кои владеат меѓу папата и црковните достоинственици зад ѕидините на Ватикан.

„Еднаш читав дека папата Леон Тринаесетти пратил апостолски пратеник во Ирска за да го извести за состојбите во тамошната црква“, пишува ексклузивно Пел за британскиот магазин. „По враќањето, првото прашање на Светиот татко било: ’Што мислиш за ирските бискупи?’ Пратеникот му одговорил дека не можел да најде ниту еден бискуп, туку само 25 папи. Така е отприлика и со финансиите во Ватикан“.

Парите не се за раскош на достоинствениците

Пел првенствено ја обвинува наивноста која владее во Ватикан и традиционалната таинственост каде потоа „бескруполозните лица“ лесно можат да извлечат корист. Но, според негово мислење, католичката црква е одговорна пред своите добротвори кои и‘ даваат пари и тие навистина треба да бидат потрошени онаму каде треба, а тоа важи и за „сиромашната црква“, за каква се залага папата Франциско: „Сиромашната црква не значи оти таа мора да има и беден менаџмент“, смета кардиналот Пел.

Во секој случај, тој најави именување на „супервизор“ за Ватикан, одговорен само пред папата и кој уште од следната година ќе смее да погледне во баш секоја касичка и книговодствена книга на Светата столица. Треба да се каже-мерките кои ги спроведува папата во Ватикан разбудија внимание кај многу национални бискупски конференции, но тоа не значи и дека националните цркви ќе бидат подготвени на ист начин да ги прилагодат своите финансии на денешниот свет и улогата на црквата за каква се залага папата Франциско.

Од друга страна, без оглед на скромноста на папата Франциско, тој веќе покажа- одлично знае каде би потрошил пари. Папата наложи уредување на јавна бања на влезот во Светиот град за просјаците и бескуќниците кои традиционално се собираат пред Ватикан. Тоа не им се допадна на сите во Ватикан, но овој папа веќе можеше да се навикне дека многу негови одлуки не наидуваат на воодушевување на куријата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми