1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан се подготвува за прогласувањето на двајца папи за светци

АТ/ дпа/ кна/ епд27 април 2014

За првпат во 2000-годишната историја на Католичката црква на ист ден ќе бидат прогласени за светци двајца папи. Церемонијата ќе ја води папата Франциско, а треба да присуствува и папата Бенедикт Шеснаесетти.

Фотографија: Getty Images

Папата Франциско денеска (27.04.) во Ватикан ќе прогласи за светци двајца негови претходници: Јован Дваесет и трети и Јован Павле Втори. Во италијанскиот главен град Рим се очекуваат до еден милион посетители, меѓу нив многумина почитувачи на Јован Павле Втори од Полска. Хотелите во Рим и во блиската околина се резервирани со недели однапред. Градот околу Ватикан воспостави безбедносна зона. Исто така, на повеќе места се поставени големи видео-бимови, за луѓето кои не се наоѓаат на плоштадот Свети Петар да можат да ја следат церемонијата на прогласување на двајца папи за светци.

Ќе дојдат и политичари

Во Рим се очекуваат и голем број претседатели и премиери, како на пример полскиот претседател Бронислав Коморовски и неговиот претходник Александар Квашњевски и носителот на Нобеловата награда за мир Лех Валенса. Од Германија на мисата на плоштадот Свети Петар ќе присуствуваат минстерката за труд и социјала Андреа Налес и заменик претседателот на Бундестагот, Јоханес Зингхамер. Според наводи од Ватикан, на мисата на прогласување на двајца папи за светци ќе присуствува и претходниот папа Бенедикт Шеснаесетти.

Предуслов се чуда

Прогласувањето за светец во Римокатоличката црква е свечена прослава на која папата го истакнува христијанскиот живот на еден човек кој е за пример. Претходно е завршен процесот на канонизација, со кој верници кои се вредни поради своите посебни заслуги за црквата се прогласуваат за посебни и се почитуваат посебно. Ваквиот црковен процес се спроведува во повеќе инстанци. Притоа мора да биде докажано дека со помош на лицето кое се прогласува за светец се случило чудо.

Италијанецот Анџело Џузепе Ронкали од Конклавата на кардиналите беше избран за наследник на папата Пиј Дванаесетти во октомври 1958 година. Тој го зема името Јован Дваесет и трети и беше еден од најголемите реформатори на Католичката црква. Во 1962 година тој го свика Вториот ватикански концил за да ги поттикне реформите на црквата. Јован Дваесет и трети почина во 1963 година во Ватикан.

Папата Јован Павле Втори (1978-2005) беше првиот папа кој не беше Италијанец по 455 години и значително придонесе за паѓање на Источниот блок. Тој на чело на црквата беше речиси 27 години, што е вториот по времетраење понтификат во историјата на црквата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми