Ватикан ќе ги контролира финансиите
10 ноември 2014Папата внесува светлина во темнината на ватиканските финансии. Од наредната година сите оддели мора да поднесуваат биланси, во кои ќе бидат содржани сите имотни односи, приходи и расходи. Екстерни финансиски експерти ќе треба да го контролираат книговодството на Ватикан и да гарантираат дека е во склад со меѓународните стандарди.
Она што се чини дека е разбирливо само по себе, за ватикански услови е епохална промена. За првпат Светата столица дозволува увид во нејзините финансии и овозможува транспарентност. Соодветен прирачник минатат недела беше објавен во сите институции на Ватикан.
Средствата мора одговорно да се користат
Во пропратно писмо претседателот на економскиот совет на папата, кардиналот Рајнхард Маркс и ватиканскиот министер за финансии Џорџ Пел ја нагласуваат неопходноста од оваа реформа: Средствата кои ѝ се доверени на црквата мораат одговорно да се користат. Бараната документација е важна за да може да се даваат информации и на „трети“. Сѐ уште не е познато дали билансите на институциите на Ватикан ќе треба да бидат објавени.
„До сега не знаевме што таму се одвива“, вели кардиналот Пел за односот кон јавните пари во Ватикан. Институциите како Светата конгрегација за ширење на верата располагале со опсежен имот. Оваа конгрегација, се вели, е најголемиот сопственик на недвижнини во Рим.
Од наредната година оваа гласина би можела да се докаже или негира со бројки и факти. Воведувањето на билансите, според Пел, би требало да придонесе за „слика за црквата достојна за доверба“.