1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Вашингтон и Берлин на различна бранова должина?

22 септември 2017

Вашингтон и Берлин имаат различни мислења за двете актуелни најголеми кризи - конфликтот со Северна Кореја и иднината на атомскиот договор со Иран.

G20 Gipfel in Hamburg | Trump & Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Две светски жешки теми доминираат во меѓународната дебата на Генералното собрание на ОН неделава во Њујорк: конфликтот со Северна Кореја и иднината на нуклеарниот договор со Иран. Американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел за нив имаат речиси во основа спротивставени ставови - од една страна закани, од друга страна определба за дијалог.

При својот прв настап пред ОН, американскиот претседател ја засили својата апокалиптичка закана кон Пјонгјанг со „оган, гнев и сила“ од крајот на август, сега најавувајќи подготвеност од страна на САД „целосно да го уништат“ царството на Ким Јонг Ун, кого Трамп го нарече „човекот-ракета“ во „самоубиствена мисија“.

„Апсолутно неадекватно“

Германската канцеларка Ангела Меркел се дистанцираше изненадувачки јасно од ваквите изјави на Трамп. „Јас сум против вакви закани, според нашата влада, секое воено решение е апсолутно неадекватно, ние сме за продолжување на дипломатските напори“, изјави Меркел во интервју за Дојче веле. Сѐ друго освен санкции во однос на Северна Кореја од аспект на Меркел би било погрешно, значи постои разлика во мислењата со американскиот претседател.

Меркел и без децидно прашање во интервјуто премина и на темата Иран. Доналд Трамп во говорот во ОН и во однос на нуклеарниот договор со Иран од 2015. година, како поттекст воведе закана. Останува да лебди во простор дали владата на Трамп по еден месец во Конгресот ќе изнесе негативна оценка во врска со тоа дали Техеран од своја страна се придржува кон обврските од договорот. Доколку владата на Трамп, кој нуклеарниот договор го смета за „лош дил“, донесе таква оценка, тоа би значело крај на договорот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанхајху со месеци врши притисок во таа насока. Нетанјаху, наоѓајќи се внатрешнополитички притиснат од аферата со корупциски обвинувања против него, инсистира на укинување на спогодбата со Иран.

Според Меркел, нуклеарниот договор е „правилен“, и и натаму важи констатацијата: „Подобро некаков отколку никаков договор.“

Закани или дијалог со него - Ким Јон УнФотографија: Reuters/KCNA

Низа контроверзи

На рамниште на министрите за надворешни работи, контроверзите се шират. Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, еден и пол ден по говорот на Трамп, изјави дека Вашингтон гледа „значителни проблеми“ во врска со договорот со Иран, но признавајќи дека Техеран досега го исполнува својот дел од задачите. Изјавата на Тилерсон стигна по средбата со неговите ресорни колеги од Иран, Германија, Русија, Кина, Франција и Велика Британија, земји кои го договараа и потпишаа документот. Паѓа во очи различното позиционирање на Тилерсон и Претседателот. И по најавата на Трамп во јуни дека САД ќе го напуштат Климатскиот договор издејствуван преку ОН,  американскиот министер за надворешни работи излезе со поинаков став, па останува нејасно фактичкото позиционирање на Вашингтон, гледано на долг рок. Уште позбунувачки за набљудувачите од Европа е и тоа што амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли, која од стапувањето на функцијата акцентот го става на дијалог, изјави дека говорот на Трамп не беше никаква најава на намери дека „тој сака да се откаже од договорот со Иран“, туку  е јасен сигнал „дека Трамп не е задоволен со нуклеарниот договор.“ 

„Немаме никаков интерес на било каков начин да се изврши загрозување на нуклеарниот договор, ниту сега ни во иднина“, беше дециден пак германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел. Во иста насока се изјасни и францускиот претседател Емануел Макрон неколку часа по говорот на Трамп пред Генералното собрание на ОН. Како и многумина други на Запад, и тие го делат стравувањето какви последици би имал неуспехот на атомскиот договор со Иран, на пример за Северна Кореја.

Германија е подготвена да посредува во спорот со Северна Кореја, во координација со ЕУ, понуди германската канцеларка Ангела Меркел деновиве. На прашањето дали би му се јавила телефонски на Ким Јонг Ун, нејзиниот одговор е дека „нема намера да врши неусогласени чекори. Тоа би значело слабеење на позицијата на меѓународната заедница.“

Дали е доведена во прашање иднината на Атомскиот договор со Иран?Фотографија: picture-alliance/epa/D. Calma

Улогата на САД во транзиција

Без сомнение, многу од изјавите од Германија деновиве носат печат на актуелната изборна кампања. А во неа традиционално спаѓа и нота на антиамериканизам. Тоа беше така и во 2013. година во времето на Барак Обама, и во 2002. година кога канцеларот Герхард Шредер одби воено учество во инвазијата врз Ирак, предводена од САД. Прашање е дали драматичните контроверзи на Западот деновиве се знак на отуѓување, нови тензии. Политичките набљудувачи од Берлин се сомневаат во тоа.

Според нив, во прашање е промена на улогата на САД во светот. Промена на која Меркел веќе со месеци реагира во своите говори. „Времињата во кои можевме целосно да се потпреме на другите, завршуваат“, рече таа веднаш по враќањето од самитот на Г7 на Сицилија. „Ние Европејците мораме да ја земеме сопствената судбина во свои раце“. Големиот брат се дистанцира, а настапот на бројни Европејци деновиве тоа го прави уште појасно.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми