Вашингтон се „утврдува“ за инаугурацијата на Бајден
СН/агенции
12 јануари 2021
На 20-ти јануари, демократот Џо Бајден треба свечено да положи заклетва како 46-ти претседател на САД пред Капитолот во Вашингтон. Загриженоста за безбедноста фрла сенка врз подготовките.
Реклама
По насилниот упад во Капитолот од страна на радикалните приврзаници на претседателот на САД во заминување Доналд Трамп во минатата среда, растат стравувањата дека инаугурацијата на неговиот наследник Џо Бајден исто така може да биде засенета од безредија и насилство.
Федералното истражно биро (ФБИ) објави предупредување дека постои можност вооружени учесници да одржат протести во Вашингтон во деновите пред инаугурацијата на избраниот претседател Џозеф Бајден на 20 јануари.
Предупредувањето се однесува и за главните градови во сите 50 сојузни држави ширум Америка, објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор од Федералната агенција за примена на закони.
Истовремено, по насилството минатата среда кое се случи во комплексот Капитол хил, кој беше под опсада од симпатизерите на претседателот во заминување Доналд Трамп, Националната гарда во Вашингтон ќе испрати 15.000 припадници. Исто така, ќе бидат забранети туристички тури во областа кај споменикот на Џорџ Вашингтон, еден од симболите на градот.
Како течеше упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол
Доналд Трамп, сѐуште актуелен претседател, долго ги подбуцнуваше своите најверни симпатизери. Последица: некои од нив на 6.01.2021 упаднаа во срцето на американската демократија.
Фотографија: Leah Millis/REUTERS
Создавање набој
Бројот на фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД растеше преку цел ден. Во почетокот, полицијата успеваше да одржува ред.
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images
Први судири
Паралелно со заедничката седница на двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом, на која требаше официјално да биде потврдена победата на Џо Бајден на претседателските избори, пред Капитол се собираа приврзеници на поразениот претседател Доналд Трамп. Дојде до први судири со полицајците кои требаше да го обезбедуваат Конгресот.
Фотографија: Stephanie Keith/REUTERS
Преслаб кордон
Сѐ поразјарената толпа сакаше да продре во Капитол. Полицајците се обидуваа да ги спречат. На некои агресивни поддржувачи на Трамп им успеа да влезат во зградата.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Упад во Капитол
Дел од демонстрантрантите успеаја да продрат длабоко во зградата, дури до вратите на Сенатот.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Одбрана на последниот бастион
Обезбедувањето се обидуваше да ги држи во „шах“ насилниците во влезната хала. Политичарите во Сенатот низ задна врата беа изведени на безбедно место.
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance
Еден се проби
Во меѓувреме, еден од приврзениците на Трамп успешно се проби покрај полицајците и упадна во Сенатот. Од трибината за посетители тој скокна во пленарната сала.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Со пиштоли спремни за пукање
Истите слики се повторуваа во другите крила на Капитол. И Претставничкиот дом беше цел на натрапниците. Припадниците на обезбедувањето на Конгресот ги запираа - со вперени пиштоли.
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance
Непријателско преземање?
Симпатизерите на Трамп навлегуваа сѐ подлабоко во зградата, сѐ до ходниците со канцелариите на Конгресот. Таму некои се распослаа на работните маси на пратениците.
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images
Надвор од контрола
Еден од натрапниците го „присвои“ и пултот за говор на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и со него се шеташе низ Капитол. Никој не го запре.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Во засолниште
Пленарните сали беа евакуирани. Некои побараа засолниште во галеријата на Претставничкиот дом. Репортерите сведочеа дека биле поделени гас-маски, како заштита од солзавец.
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance
Солзавец врз Конгресот
На силите на безбедноста не им остана ништо друго освен да ја растурат разулавената толпа, употребувајќи солзавец.
Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images
Засилувањето го оконча хаосот во Капитол
Полициските сили добија засилување, Националната гарда поита во помош, а градоначалничката на Вашингтон воведе полициски час до раните утрински часови. Така во Вашингтон ноќта полека се врати мирот.
Фотографија: Spencer Platt/Getty Images
12 фотографии1 | 12
Истиот извор, кој инсистирал на анонимност, изјавил дека предупредувањето на ФБИ се однесува на периодот од 16 до 20 јануари за главните градови на американските сојузни држави и за најмалку уште три дена по инаугурацијата во Вашингтон.
Шефот на бирото на Националната гарда, Даниел Хокансон, изјави дека очекува 10.000 припадници од оваа формација да бидат во Вашингтон до сабота. Тие ќе бидат ангажирани во областите безбедност, логистика и комуникација. Хокансон изјави оти нивниот број би можел да се зголеми до 15.000.
Сенаторот Крис Марфи, кој вчера му се обрати на вршителот на должноста секретар за одбрана, изјави дека не е јасно дали Националната гарда ќе биде доволна за заштита или за тоа ќе бидат потребни активни трупи.
Кои се избраниците за новиот кабинет на Џо Бајден?
Избраниот претседател на САД Џо Бајден почна да го екипира својот кабинет подготвувајќи се за влез во Белата куќа. Многумина од неговите кандидати беа во администрацијата на Барак Обама, а изборот го потврдува Сенатот.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Ентони Блинкен, министер за надворешни работи
Блинкен е долгогодишен близок соработник на новоизбраниот претседател Џо Бајден. Тој работел во администрацијата на двајца демократски претседатели и бил истакнат советник во Комисијата за надворешни работи на Сенатот. Извршувал и функција заменик – национален советник за безбедност, како и заменик државен секретар во втората влада на Обама, кога Бајден беше вицепретседател.
Фотографија: Mike Coppola/Getty Images
Џон Кери, специјален претседателски пратеник за клима
Поранешниот министер за надворешни работи ќе биде специјален претставник на Бајден за прашања поврзани со климата. Кери од 1983 до 2013 година беше сенатор во Масачусец, пред да ја преземе највисоката функција во надворешната дипломатија во втората влада на Обама. Кери во името на САД во 2015 година го потпиша Парискиот договор за климата, а две години подоцна Трамп ја повлече земјата од него.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen
Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во ОН
Линда Томас-Гринфилд од 2013 до 2017 година беше на важни позиции во Министерството за надворешни работи. За време на епидемијата на ебола, таа ја раководеше американската политика во Африка јужно од Сахара. Бајден планира да ѝ ја довери важната функција за Белата куќа, амбасадор во ОН.
Фотографија: DW/S. Broll
Алехандро Мајоркас, министер за внатрешна безбедност
Адвокатот со кубанско потекло за време на претседателот Обама беше заменик-шеф за внатрешна безбедност и раководеше со реализација на програмата ДАЦА, која на т.н. „сонувачи“, како деца илегално донесени во САД, им овозможуваше останување во земјата. Доколку биде потврден неговиот избор, тој би бил прв доселеник и латино кој ќе го води секторот за внатрешна безбедност.
Фотографија: Thilo Rückeis/picture-alliance
Џејк Саливан, советник за национална безбедност
Саливан од 2013 до 2014 беше советник на Џо Бајден за национална безбедност, додека тој беше потпретседател. Тој беше и заменик на Хилари Клинтон на функцијата министер за надворешни работи. Подоцна Саливан беше нејзин највисок советник за надворешнополитички прашања за време на нејзината претседателска кандидатура во 2016 година.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo
Аврил Хаинс, директор за национално разузнавање
Хаинс беше прва жена заменик директор на ЦИА, во периодот од 2013 до 2015 година. Таа го наследи Ентони Блинкен на позицијата заменик-советник за национална безбедност кога тој во 2015 година замина во Министерството за надворешни работи. Ако се потврди нејзиниот избор, таа ќе биде прва жена која ќе раководи со американските тајни служби.