1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вајгл во „инспекција“, на тест искреноста на партиите!

Катерина Блажевска16 октомври 2015

Ќе мора да се преиспита дали и со какви цели некои од потписниците на Договорот мотивираат активности насочени кон негово неспроведување, велат дипломатски извори

Фотографија: picture-alliance/dpa

Вчерашната полициска акција, во која беа приведени соработници и логистичари поврзани со вооружената група која во кумановската „Дива населба“ на 9-ти и 10-ти мај годинава се судри со полицијата, само привремено го тргнаа фокусот од политичката криза кон безбедносната ситуација. Основниот суд Скопје -1 на петмина уапсени во акцијата „Молња“ им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Но, вчерашните одгласи сепак не беа насочени кон оценка на акцијата на полицијата, туку и натаму кон Советот на обвинители, кој завчера реши да го преполови тимот предложен од специјалната обвинителка Катица Јанева.

Поради многу контраверзи поврзани со „Кумановскиот случај“, во јавноста се зголемија очекувањата дека тој ќе биде еден од првите со кои ќе се занимава специјалното обвинителство. Особено што до денес не стивнаа шпекулациите за инволвираност на одредени политички структури од Македонија во акцијата на вооружената група, која претежно ја сочинуваа лица од Косово. Весникот „Лајм“ пред една недела добил писмо во кое функционери на ДУИ од Чаир му се заканувале со судски процес на главниот уредник, поради објавување на преземен текст во кој тие биле спомнати за вмешаност во настаните во Куманово. Јавноста речиси и не е запозната со ваквите притисоци, а блокадите на кадровското комплетирање на специјалното обвинителство веќе навестуваат дека се‘ уште е далеку можноста „Кумановскиот случај“ да стигне на масата на Катица Јанева.

Блокади за работата на Специјалната обвинителка Катица ЈаневаФотографија: DW/P. Stojanovski

Да се почитува договореното

Откако тимот на Јанева беше скратен од 14 на седум обвинители, а постоењето на новата институција оспорено пред Уставниот суд, се разнишаа и темелите на Договорот од Пржино. Амбасадорите на САД и ЕУ, кои се гаранти на четирипартитниот Договор, вчера побараа да се почитува заеднички договореното.

„Довербата на Јанева и‘ ја дадоа 108 пратеници, таа доби поддршка од четирите партии и сите треба да го имаат тоа предвид, рече американскиот амбасадор Џес Бејли. Во однос на реализацијата на Договорот тој потсети дека „има уште многу да се сработи, а времето е малку“.

Опозицискиот СДСМ кој завчера се повлече од преговрите поради кршење на Договорот, по вчерашните партиски консултации требаше да ги соопшти своите наредни чекори, но тоа не се случи. Евроамбасадорот Аиво Орав ги повика партиите да се вратат и да се вклучат во активностите на Работната група.
„На 20-ти октомври истекува многу важен рок и согласно со Договорот треба да се заврши многу работа. За жал, нема многу време. Се надевам дека работата ќе биде завршена до договорениот краен рок и дека сите партии ќе се вратат и ќе се вклучат во работата на работните групи без да губат време“, порача Орав.
Тој рече дека внимателно ја следи ситуацијата со изборот на обвинителскиот тим.
„Законот беше усвоен од мнозинството во Парламентот. Сите четири најголеми партии го поддржаа Законот и изборот на специјалниот обвинител како личност, а исто така и Советот на јавни обвинители го одобри нејзиното назначување. Затоа верувам дека е повеќе од нормално на обвинителката да и‘ бидат дадени доволно ресурси за да работи правилно“, изјави амбасадорот.

Со поддршка на договореното се огласија и потписниците ДУИ и ДПА.

„ДУИ се надева дека Советот на Јавни Обвинители во соработка со Специјалната обвинителка ќе ја надминат настанатата ситуација со взаемно разбирање и дека ќе дејствуваат во согласност со законот за Специјален обвинител кој беше усвоен од четирите најголеми партии. Истовремено, политичкиот дијалог во рамките на работните групи помеѓу четирите партии треба да продолжи што е можно поскоро во правец на решавање на останатите отворени прашања“ соопшти ДУИ.

И ДПА апелира што е можно поскоро да се надминат разликите меѓу Специјалниот обвинител и Советот на јавни обвинители.

На испит Договорот од ПржиноФотографија: MIA

„Очекуваме со сериозна посветеност да продолжи и дијалогот за меѓуетничките односи и за процесот на интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ“, соопшти ДПА.

Зад сцената

Како што дознава ДВ од дипломатски извори, поради опструкциите врз специјалното обвинителството, кои „опасно“ завршуваат и до вратите на Уставниот суд, мониторите на спроведувањето на Договорот „ќе мора да преиспитаат дали и со какви цели некои од неговите потписниците мотивираат активности насочени кон негово неспроведување“.

Поради ваквата ситуација вчера „се вжештиле и телефоните“, а пораката за значењето на Договорот и неговата реализација, денеска треба да ја пренесе и Известувачот за Македонија во Европскиот парламент и посредник во преговорите за надминување на политичката криза во земјава, европратеникот Иво Вајгл. Се очекуваше тој вчера попладне да пристигне во Скопје, а денеска да оствари средби со лидерите на четирите партии. Вајгл во Македонија доаѓа пред објавувањето на Извештајот од страна на Европската комисија за напредокот на Македонија, чии оценки најмногу ќе се зависат од спроведувањето на Договорот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми