1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вевчанскиот карневал – огледало на животот во 2016 година

Милчо Јованоски
13 јануари 2017

Вевчанскиот карневал, со стаж од над 1400 години, го слави доаѓањето на Новата година по Јулијанскиот календар.

Mazedonien Karneval in Vevcani
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Карневалот е спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Со архаичноста, таинственоста и уникатните маски тој се одвојува од останатите во светот.

Вевчани од утрово се претвори во своевиден театар без граници. Прво учесниците зад кулисите ги облекуваа и обликуваа маските, далеку од очите на јавноста, смислени и правени со недели пред тоа. Од тој миг секоја куќа и улица стана сцена, а маскираните ги изведуваа своите замислени сценарија како вистински актери.

Фотографија: DW/M. Jovanoski

Под ведрото небо, стотици вевчанци и љубопитни гости од Охрид, Струга, Македонија и од странство на дефилето кое траеше скоро два часа се воодушевуваа на маските кои и овојпат беа лика и прилика на состојбите во Македонија и светот. Низ призмата на сатирата и хуморот сѐ што беше важно на оригинален начин беше допрено од василичарите. Вевчаници речиси никому не останаа должни. Почнувајќи со традиционалните маски невестата, зетот и глупавиот  Август. Од локалните теми, како кражбата на сефот од вевчанската Пошта, преку маските сврзани со парламентарните избори и препукувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ  и СДСМ, сѐ до Рамковниот договор, Шарената револуција и гатачката на поранешниот премиер Никола Груевски. 

Фотографија: DW/M. Jovanoski
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Василичарите по обичај од попладнево до утре напладне ќе ја посетат секоја вевчанска куќа, ќе наздрават за здравје и бериќет и потоа традиционално ќе ги запалат маските за од Вевчани да избегаат злите сили и духови.

Фотографија: DW/M. Jovanoski

Маските со помош на технологијата ќе го „прошетаат“ светот и ќе ја пренесат магијата на карневалот и посебниот дух на вевчанци. Локалната власт карневалот го гледа како промоција и шанса за развој на економијата, туризмот и културата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми