Венецијанските сепаратисти бараат независност од Италија
14 септември 2014Самонаречените борци за независност на Венеција од движењето „Серенисима“ беа следени со месеци. Во една магацинска хала кај Падова со полициски камери беше снимано како еден багер беше преуреден во некој вид оклопно возило. За државното обвинителство нема сомневање: групата планира акција како пред 17 години, кога со часови го окупира плоштадот Свети Марко во Венеција. Тогаш беа уапсени 8 лица.
Сега, барем за предводниците, акцијата заврши откако поминаа две недели во истражен затвор. Џеремиа Ањолети, активист во групата „За слободна Венеција“, вели:
„Нашите 24 активисти само еден трактор го направија малку поробустен. Тие сакаа да уништат неколку статуи на италијанскиот борец за слобода Гарибалди. Тој овде никому не му се допаѓа. Во акцијата никој не требаше да биде повреден, обвинителството не требаше да биде нападнато. Тоа нема никаква врска со тероризам. Ние не сме вооружена групација или што и да е од она што ни го префрлува обвинителството“.
Со разни акции групата со месеци не ја остава полицијата да здивне. Тие дури со патни блокади го парализираа товарниот сообраќај меѓу северна и јужна Италија. Даниеле Кваља, активист во групата „За слободна Венеција“, објаснува:
„Живееме во една држава која секој ден, секој месец, секоја година не‘ краде и ограбува, ни одзема три четвртини од она што ние го произведуваме и заработуваме. Но, повеќе не може така: ако не сакаме и понатаму да живееме со тој паразит, кој ни ја цица крвта, тогаш мораме да го убиеме“.
Самонаречените сепаратисти се повикуваат на историскиот пример на Венецијанската република, која со векови била значаен центар на моќ и трговски центар. Тие радо би се вратиле на тие времиња и поради тоа бараат отцепување од Рим. Со своите акции сакаат да ја разбудат свеста и да ја провоцираат италијанската држава.
„Дури и ако оние во Рим уште сега велат дека тоа не било во согласност со уставот, полицијата овде нема да се осмели да интервенира против нас. Ние сосем демократски ќе го прашаме целиот народ. И, при најмалку 51 процент ’за‘, ќе се одвоиме од Италија“, нагласува Ањолети.
Надежи ним им дава референдумот за независност на една друга граѓанска иницијатива од ппочетокот на годинава. На преку 120 гласачки места жителите на регионот Венеција го искажаа своето незадоволство од политиката на Рим.
Масимо Ѕанѕа, од граѓанската иницијатива „Независна Венеција“, вели:
„По пет години економска криза ние веќе не очекуваме ништо од Италија. Ние само сакаме да се спасиме од сигурна пропаст“.
Даниеле Смералди од истата иницијатива е убеден:
„Во вакви околности во оваа земја има само малкумина венецијанци кои не се за отцепување. Причина се мизерните животни услови. Стопанството веќе не функционира. Даночниот систем не‘ задушува, а правосудството веќе не претставува гаранција за граѓаните.“
Со години богатиот север на Италија финансиски го поддржува сиромашниот југ. Од почетокот на кризата многу фабрички хали во Италија, како во индустрискиот дел на Тревизо, стојат празни. Џанлука Бузато раскажува дека само во минатата година во Венеција 32 претприемачи, кои биле пред банкрот, се самоубиле.
„Еден мој роднина има исто така една ваква фабричка хала. Тој вели дека кај него не работат едноставно работници, туку тоа се добри пријатели, речиси членови на семејството. Ако веќе не можеш ним да им даваш плата, ако тие веќе не можат да ги прехранат семејствата, тогаш веќе не можеш да излезеш пред нив! Оти, тоа е енормна загуба на репутацијата!“, раскажува Џанарчизо Дуригон.
Плодна почва за политички екстремисти. Плановите на активистите за некоја Репубика Венеција уставно-правно речиси немаат никакви изгледи за успех. Затоа во Рим сосем релаксирано гледаат на северноиталијанските сништа.