Зошто членовите на Лев Тахор станаа несакани гости?
14 февруари 2022Припадници на еврејската група Лев Тахор станаа несакани гости веднаш по нивното пристигнување во Куманово. Групата која што не наиде на топол пречек ниту во Босна и Херцеговина (БиХ), од која заминале неодамна, предизвика вознемиреност и на северо-источниот дел на Северна Македонија. Надлежните смируваат и уверуваат дека станува збор за верска група која што е на пропатување и се очекува да ја напушти земјата. Тие повикаа на толерација и солидарност со групата, во која што има и деца. Но, дел од бурните реакции во јавноста ја отворија дилемата дали сме општество во кое владее верска нетолеранција и на што се должи тоа?
Страв од непознато
Жителка на кумановската населба во која што пристигна групата од Израел, вели дека сите креваат врева и прават проблем околу дојденците, а таа ниту ги има видено, ниту пак тие имаат направено некаков проблем откако пристигнале во маалото.
„Луѓето не прават галама, фамилијарни се, државјани се на друга земја и од друга религија. А, ние што сме? Домаќини?“, вели Слаѓана Илиева, прва соседка на доселените странци, критикувајќи го односот на дел од сограѓаните коишто покажаа нетолеранција кон дојденците.
Според неа, ова покажува дека сме нетолерантно општество. „Ако немате разбирање, сочувство, немате ништо. Хуманоста и човечноста не се гледааат на хартија, туку на дело. Различностите треба да се толерираат, така се гради едно општество“, вели таа.
Но, „театарот“ пред куќата во која е сместена групата се уште трае. Се собираат поголеми групи, дофрлаат, снимаат со мобилни телефони. „Зашто правиме театар од работи коишто се најнормални, дали е проблемот во нас или во тие што дошле кај нас. Место да им дадеме рака, ние предизвикуваме страв и болка кај некои коишто дошле кај нас. Непотребно“, вели Илиева.
Универзитетскиот професор, Цане Мојановски, за ДВ вели дека реакциите на јавноста повеќе се резултат на страв од непознатото, а не како последица на верска нетолеранција. „Граѓаните немаат доверба во институциите, сметаат дека тие се неефикасни и како последица на тоа има зголемен страв од се што е ново и непознато. Но, факт е дека никој не треба да гради негативен став само врз основана на нечиј поинаков изглед, туку пресудно е поведението“, вели Мојановски. Според него, институциите се тие коишто коишто треба да создадат чувство на сигурност и безбедност кај граѓаните, секогаш кога ќе се појават ситуации коишто создаваат вознемиреност и страв.
„Кога е нешто непознато, непрепознатливо, степенот се дистанца од него се зголемува“, вели професорот Мојановски, анализирајќи ги првичните реакции на локалното население по веста за пристигнувањето на групата во Куманово. Тоа покажува дека очигледно на Балканот тој концепт на прифаќање на поинакви од нас се уште не заживеал. Фактот што групата не нашла засолниште ниту во БиХ, исто така може да биде причина за создавање отпор и нетолеранција и во земјава.
„Живееме во време кога одредени исламистички терористички движења, како на пример ИСИС, ги злоупотребуваат верските чувства на одредени групи, и оттука стравот за злоупотреба на верата е подигнат на повисоко ниво. Тоа што верските прашања често се ставени во политичката агенда и резултираат со злоупотреба на религијата, доведува и до ваков отпор и реакција кај граѓаните“, вели Мојановски.
Апел за толеранција
Но, кои се непланираните гости коишто внесоа немир меѓу локалното население?Станува збор за триесетина припадници на Еврејската верска заедница кои пред неколку дена се доселиле во кумановската населба Зелен Рид. Странските државјани, семејства со деца се сместени во неколку приватни куќи, кои ги закупиле од кумановци. Од Министерството за внатрешни работи велат во групата има американски, канадски, белгиски и граѓани од Јужна Америка, тие имаат легални патни исправи односно документи и имаат одобрен престој во Република Северна Македонија. Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напушти нашата држава. СВР Куманово ги информираше граѓаните дека наведената група не претставува никаква опасност и апелираше на толеранција и солидарност кон нив.
И Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) ги уверува граѓаните дека нема никаква основа за грижа. Групата странски државјани кои по вероисповед се припадници на еврејска секта и имале престој во Куманово транзитираат низ државата и денес истата ќе ја напуштат, на граничниот премин кон Албанија“, укажуваат од Комисијата..
Тие немале воспоставено никаков контакт пред или за време на престојот со македонската Еврејска верска заедница, ниту имаат одобрен престој за вршење на манифестации на верата, богослужби или верски поуки. „Нивниот престој не е во корелација со нивното верско убедување, ниту е забележана повреда на законот или правата и слободите на други лица наши државјани“, велат од Комисијата.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, порача дека кумановци се гостопримливи за сите добронамерници. „Според мене како градоначалник, ние како кумановци секогаш сме подготвени, гостопримлив народ и даваме гостопримство на секој оној којшто доаѓа во нашиот град со добри намери. Но повторно ќе кажам ќе оставам на официјалните институции да излезат со свое видување и став, основ за престој и поради кои причини лицата се тука“, порача деновиве Димитриевски.
Талкачи
Странските медиуми објавуваат дека откако талкале низ голем број источноевропски земји и биле депортирани од многу од нив, 37 членови на култот Лев Тахор сега се преселиле во Северна Македонија, каде што моментално се третирани како куриозитет од локалното население.
Членовите на Лев Тахор, кои биле во Сараево, на 3 февруари ја напуштиле Босна и Херцеговина и отпатувале за Црна Гора, но не останале премногу долго во земјата. Локалните медиуми објавија дека членовите на групата продолжиле во Албанија преку Црна Гора.
Попатно мештаните затекнати од чудниот изглед и однесување на групата често ги снимале и таквите снимки ги споделуваат на социјалните мрежи. Некои од соседите во местата каде што престојувале биле загрижени за чудните практики на култот, кои вклучуваат пеење на деца во текот на ноќта и тенденцијата на групата да живее тајно и во изолација.
Станува збор за радикална фундаменталистичка еврејска секта, наречена Лев Тахор, формирана кон крајот на 80-те години на минатиот век во Израел. Лев Тахор, чие име значи „чисто срце“ на хебрејски, е опишан како култ и како „еврејски талибанци“ делумно затоа што жените и девојчињата постари од 3 години треба да се облекуваат во долги црни наметки што го покриваат целото нивно тело, оставајќи ги само нивните лица откриени. Мажите го поминуваат најголемиот дел од своите денови во молитва и проучување на одредени делови од Тора.
Се проценува дека групата брои 200-300 луѓе. Мнозинството моментално живее во Гватемала, бегајќи од владиниот надзор или правните последици во САД, Израел и Канада. Водачите на сектата „Лев Тахор“ се расфрлани во неколку земји низ светот, а некои се притворени во САД и очекуваат пресуда.
Израелските медиуми пренесуваат изјави дека членовите на групата не се опасни за средината. Но и покрај тоа, групата која постојано е во движење ја следат низа контроверзи. Една од причините поради кои групата постојано се сели, е тоа што често пати се обвинувани за лош третман кон децата и жените приврзаници, односно на групата ѝ се припишуваат низа киднапирања на деца, особено девојчиња и нивно присилно мажење со многу постари следбеници на сектата.