Вертикална фарма изум на јужнокорејските научници
22 октомври 2011
Магазинот за наука Гео на својот интернет портал ја обjавил приказната за земјоделството на иднината. Со тоа се експериментира во Јужна Кореја, каде во една зграда е поставена т.н. „вертикална фарма”. Однадвор се´ изгледа како модерна службена трикатна зграда. Внатре, меѓутоа, повеќе потсетува на „Одисеја 2001“, бидејќи секој кат се состои од многу паралелни ходници осветлени со ЛЕД- светла. Ходниците се провлекуваат помеѓу необични низи на стаклени комори и цевки, и дури откако ќе се погледне низ тие стакла, станува јасно дека е во прашање голема затворена земјоделска фарма .
Здрави растенија, големи приноси
Тука овошјето се одгледува без пестициди, се сади, сее и жнее во текот на целата година, независно од временските услови или еколошките катастрофи. Приносите се многу поголеми отколку во стаклените бавчи или пластениците. Растенијата добиваат рамномерна светлина од ЛЕД- сијалиците. На нешто помалку од 450 квадратни метри на овој затворен земјоделски имот дневно се произведуваат 125 главици салата.
Сите растенија добиваат подеднакво количество вода од системот за автоматско наводнување, токму како што константно се одржуваат и потребната влажност и температурата на воздухот. Сеидбата исто така е автоматизирирана така што зрната се распоредуваат во земјата со милиметарска прецизност. Растенијата се здрави, непрскани и вкусни.
Максимална заштита
Комага се зборува за затворената растителна фарма, треба да се каже дека таа има големи предности во однос на пластениците или стаклените бавчи. Бидејќи, и едниот и другиот вид вештачко опкружување пружаат само делумна заштита од надворешните влијанија. Повеќестраното користење на истата земја ја намалува нејзината плодност. Инсектите и поленот, исто како и разните видови габи ги напаѓаат и растенијата кои се одгледуваат во вештачки создадена температура и влажност. Потоа, се применуваат и разни средства за јакнење на коренот или форсирање на растењето на растенијата. Затворената фарма не знае за тие проблеми, бидејќи само со основните фактори на температурата, влажноста, доволното количество светлина и одрекнување од сите видови пестициди ги постигнува саканите резултати.
Усовршување на проектот
Конкретен проблем засега претставува потрошувачката на енергија. ЛЕД-лампите трошат струја, токму како и останатите постројки кои ги одржуваат растителните култури. Иако произведувачот тврди дека снабдувањето со струја ќе биде можно од обновливи извори, еден експеримент покажал интересен резултат: кога целата жетва на пченицата во САД би била добиена само по пат на „вертикални фарми” и обновливи енергии, секторот на обновливи енергии би морал да се зголеми за 400 пати. Корејците сакаат за пет години, кога ќе го усовршат овој вид фарма, со неа како готов производ да излезат на пазар. Тоа е веројатно доволно време да се решат енергетските проблеми.
Автор: СБ/ЖА/ГЕО/дпа
Редактор: Симе Недевски