1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле до Милошоски: Одржувајте го дијалогот со Грција

5 октомври 2010

Македонскиот министер за надворешни работи и претседавач со Комитетот на министри на Советот на Европа Антонио Милошоски вчеравечер во Стразбур имаше средба со германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервале.

Гидо Вестервеле имаше работна средба со Антонио МилошоскиФотографија: AP

За германско-македонските односи двајцата шефови на дипломатии заеднички оцениле дека се на многу добро ниво, како на политички, трговски, така и на културен план.

„Мислам дека имаме одлични односи во трговијата и во политиката и во рамките на културната размена и комуникацијата меѓу нашите луѓе и македонската дијаспора во Германија како еден мост“, изјави Милошоски.

Тој најави зацврстување на можностите за зголемена соработка во рамките на стопанството, како и размена на високи политички посети на двете земји во текот на идната година.

Во однос на процесот на реформи во Советот на Европа, двајцата министри констатирале дека Германија и Македонија се на иста линија кога станува збор за потребата од зајакнување на улогата на Судот за човекови права во Стразбур.

Милошоски: Да се примени словенечко-хрватскиот модел

Милошоски со оценка дека германско-македонските односи се на многу добро нивоФотографија: AP

На работната средба шефовите на дипломатиите на Германија и Македонија, како и што се очекуваше, разговарале за аспирации на Република Македонија за почеток на преговори за членство со ЕУ.

Милошоски, притоа, искажал очекување дека Сојузна Република Германија ќе продолжи да го дава својот конструктивен придонес во овој процес, согласно препораките на Европската комисија.

Милошоски рече дека за да се деблокираат евроатлантските интеграции на Македонија, е потребно да се примени словенечко-хрватскиот пристап, односно процесот на интеграцијата и процесот на преговорите за решение со името да се одвиваат и поттикнуваат паралелно.

Вестервеле: Македонија да го одржи дијалогот со Грција и да опстои на реформите

Како одговор на ова германскиот шеф на дипломатијата Гидо Вестервеле, како што пренесе министерот Милошоски рекол:

„Одржувајте го билатерланиот дијалог со Грција, гледајте ако има можности тој дијалог да даде резултат и да бидат искористени тие можности. А истовремено правете ги реформите дома, така како што налага Европската комисија. И држете го вашето досие и вашите достигнувања на ниво во Брисел. Тоа ви е сепак секогаш силен аргумент којшто не може да се занемари.“

Вестервеле дал до знаење дека во овој момент реформите се она што ја држи на сцена Македонија во агендата на Европската унија за во некои поповолни услови да се направи пробив.


Милошоски го информирал Вестервеле и за актуелниот развој на настаните во македонско-грчкиот дијалог во однос на билатералниот спор со уставното име на Република Македонија.

Има пратеници кои ја поддржуваат Македонија во ПС на СЕ

Во Советот на Европа Милошоски беше прашан „кога Македонија ќе може да се нарече само Македонија“Фотографија: picture-alliance / dpa

Претходно, како одговор на прашањето на турскиот пратеник Халук Коч пред ПС на СЕ за користењето на референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“ кое гласеше: „Кога според вас Македонија ќе има ново име и кога ќе може да се каже само Македонија?“, Милошоски рече дека кога би одговорил, како што би сакал да одговори, ќе станел многу популарен во македонските медиуми...

„Но, ќе речам дека сум среќен поради тоа што повеќе пратеници од ПС на СЕ го поддржуваат правото на секоја нација, голема или мала да го избере слободно своето име и да се спроведува правото на самоидентификување во домот на човековите права, каков што е Советот на Европа. Ние сме политичари кои се одговорни и реалисти. Ние сметаме и посакуваме дека може да се постигне договор според меѓународното право и да се почитува правото на граѓаните и нациите да го изберат нивното сопствено име“, нагласи шефот на македонската дипломатија.

Инаку, Милошоски од Стразбур се упати во Германија, каде денес (05.10) е во официјална посета на германската сојузна покраина Баварија. Во Минхен домаќин ќе му биде министерката за европски прашања на Баварија, Емилија Милер.


Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми