Вестервеле: Европа не сака етнички судири
11 август 2011
Мапата на западниот Балкан е конечна, никогаш нема да бидат доведени во прашање границите на балканските држави, изјави денеска (11.08.2011) во Приштина шефот на германската дипломатија, Гидо Вестервеле.
„Времето на насилни судири, времето на војни и конфликти долж етничките граници во Европа мора да заврши. Тоа е нашата основна цел. Такви конфликти во Европа во 21-ви век не се дозволливи“, изјави Вестервеле.
Тој по денешната средба со косовскиот премиер Хашим Тачи порача дека територијалниот интегритет на Косово е неспорен и ги повика членките на Европската унија, кои се’ уште не го признале Косово тоа да го сторат. Само пет од вкупно 27 држави-членки на Унијата го немаат признато Косово, кое во февруари 2008 година прогласи независност.
Важно е продолжувањето на дијалогот
Вестервеле оцени дека е многу значајно дијалогот на Косово и Србија за техничките прашања да продолжи што е можно побргу.
„Неопходно е сите отворени прашања и недоразбирања да се решаваат низ разговори и обврските превземени од дијалогот на двете држави за надминување на кризата да се реализираат“, рече Вестервеле.
Тој е прв министер за надворешни работи на некоја држава од ЕУ, што го посети Косово, по избивањето на кризата на граничните премини кон Србија.
Косовскиот премиер Тачи на заедничката прес конференција изјави дека неодамнешната одлука на владата била неопходна за воспоставување на ред и законите на северот на Косово, тврдејќи дека била согласно Уставот, Резолуција 1244 и планот на Ахтисари.
„Ќе продолжиме и натаму со процесот на спроведување на договорот и воспоставување на ред и мир на северот на Косово, а ќе го почитуваме и дијалогот со поддршка на САД и ЕУ“, изјави Тачи.
Тој рече дека акцијата требало да биде преземена и порано, бидејќи „околу 40.000 Срби биле заложници на криминалните структури“.
Кризата е завршена?
Српскиот претставник во преговорите со Косово, Борислав Стефановиќ во меѓувреме оцени дека кризата со граничните премини на северот на Косово е завршена, и најави почеток на дијалог во Брисел. Верувам дека ќе успееме да го решиме проблемот со царинските печати, иако тоа е сосем одвоено прашање од административните премини. Тоа е наша црвена линија, вели Стефановиќ.
Во рамките на балканската турнеја германскиот министер за надворешни работи Вестервеле претходно ги посети Подгорица и Дубровник, каде разговараше со црногорски и хрватски претставници.
Автор: ЖА/ АТ/ дв/ макфакс
Редактор: Александра Трајковска