1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле повикува на признавање на Косово

27 август 2010

Шефот на германската дипломатија Вестервеле со посетата на Косово ја завршува балканската турнеја. Од Приштина, денеска, Вестервеле ги повика сите земји од ЕУ да ја признаат независноста на Косово

Гидо Вестервеле и Фатмир Сејдиу во ПриштинаФотографија: DW

По разговорите со косовскиот политички врв во Приштина, Вестервеле оцени дека стравувањата оти независноста на Косово може да послужи како преседан за слични сецесионистички движења во светот, се неосновани. Тој изјави дека 22 од 27-те земји членки на ЕУ ја признале независноста на Косово како „реалност“, нешто што, според германскиот вицеканцелар, го признал и Меѓународниот суд на правдата. „Независноста на Косово и територијалниот интегритет на земјата се реалност. Пет земји од ЕУ се колебаат. Ги повикуваме по одлуката на Меѓународниот суд на правдата да го следат мнозинството во ЕУ, бидејќи станува збор за јасно мнозинство“, изјави Вестервеле.

Досега, Шпанија, Словачка, Романија, Грција и Кипар одбија да ја признаат независноста на Косово. Србија исто така ја отфрла независноста на својата поранешна покраина. Вчера во Белград, Вестервеле јасно им порача на српските власти дека земјата ќе мора да заземе кооперативен став во однос на Косово или ќе ја загрози својата иднина во ЕУ.

Иднината на регионот е во ЕУ

Вестервеле со студенти од белградскиот УниверзитетФотографија: picture alliance / dpa

На заедничката прес-конференција, косовскиот премиер Хашим Тачи изрази подготвеност Приштина да отвори процес на директни преговори со Белград. „Косово гради одлични односи со сите соседи и се надеваме дека ќе воспоставиме и билатерални државни односи со Србија со цел да утврдиме јасен пат кон интеграција во НАТО и ЕУ“, рече Тачи.

Утрово, шефот на германската дипломатија ја финишираше посетата на Сараево од каде ги повика поделените босански лидери да се обединат околу идејата за членство во ЕУ. Тој ги оцени како неприфатливи идеите за поделби на БиХ.

Вестервеле изрази силна поддршка за интеграција на земјите од Западниот Балкан во ЕУ, со што, по негова оценка, Унијата „ќе биде заокружена“.

Автор: БГ/ ЖА/ афп/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми