1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле ја заобиколува Македонија!?

20 август 2010

Од 25 до 27 овој месец министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле ќе го посети Западен Балкан. Тој ќе престојува во Загреб, Сараево, Белград и Приштина, но нема да го посети Скопје.

Гидо ВестервелеФотографија: AP

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле ја заобиколува Македонија! На премиерната визита на регионот, која стартува в среда попладне, првата станица на министерот е Загреб, по што в четврток продолжува во Сараево и Белград, а в петок финишира во Приштина. Зошто Вестервеле нема да го посети Скопје? Во германското МНР ни одговорија дека не станува збор за заобиколување на земјата, туку причина е краткото време на патувањето. Министерот има на располагање само дваипол дена за Западен Балкан и во некоја наредна прилика радо ќе ја посети и Македонија.

“Во основа е добро што министерот за надворешни работи го обиколува Балканот и ќе посети повеќе земји. Според мене, секако би требало тука да биде и Македонија. Тоа ќе беше добра можност со македонското раководство да се продискутира за членството во ЕУ, постигнатото ниво на доближување со Унијата и секако, за позициите на Германија во спорот околу името со Грција.” Изјави за Дојче веле Валтер Колбо, социјалдемократ, актуелен претседател на Германско-македонското друштво и поранешен пратеник, кој потсети дека уште од 2004 година постои резолуција на германскиот Бундестаг за правото на Македонија да го користи своето уставно име.

Недоволно лобирање!

Темите кои ќе бидат во фокусот на разговорите на министерот Вестервеле со неговите домакини од Балканот се веќе дефинирани. Покрај билатералните односи на дневен ред ќе бидат европските перспективи на државите во кои шефот на германската дипломатија ќе престојува.

Министерот Милошоски нема да има можност идната недела во Скопје да му биде домаќин на ВестервелеФотографија: DW

Дали со заобиколувањето на Македонија, Вестервеле меѓу редови сака да испрати некаква порака до македонската политичка гарнитура, во Берлин официјално не се коментира! Прашање за размисла е и дали тој ќе го заобиколеше Скопје доколку новиот македонски амбасадор нормално си работеше во Берлин. Зашто практика е за патувањата на германскиот министер за надворешни работи да бидат во тек амбасадорите од земјите домаќини, па сигурно дека првиот македонски дипломат во Германија ќе се обидеше патувањето да му го продолжи за уште некој саaт со посетата на земјата која околу вратот го има нерешениот спор со Грција.

Балканот не е германски приоритет!

Од другастрана, доколку се погледне списокот на земјите во кои Вестервеле во последниве осум месеци патувал (од Турција и Словенија, преку Авганистан, Русија, Латинска Америка, до Шведска, Бугарија, Грција, Јапонија и Кина) тогаш е јасна пораката дека Западен Балкан не е во центарот на приоритетите на германската политика. Аргумент за ова е и конференцијата во Сараево од пред некој месец, на која ја немаше првата германска и ЕУ-министерска гарнитура. Обиколка од дваипол дена на Западен Балкан има повеќе симболично значење и претставува повеќе сигнал за интересот кој го има Германија за регионот, отколку конкретна подадена рака за разрешување на постоечките проблеми. Зашто, какошто истакнува добриот познавач на Балкан, Кристијан Шварц Шилинг, Западен Балкан може да има корист само доколку кон него Германија и ЕУ водат долгорочна, јасна, трпелива и доследна политика.

Германските политички приоритети не се сконцентрирани на Западен БалканФотографија: AP

"Ваквите блиц посети, тоа не може да го надополнат,” смета Кристијан Шварц Шилинг.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми