Мичел во Скопје: Силна поддршка, но без булдожерски погон?
13 март 2018Поделени се очекувањата од разговорите со помошникот државен секретар за европски прашања на американскиот Стејт Департментот, Вес Мичел, кој денеска во Скопје ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. По Косово, Македонија е втора дестинација на балканската турнеја на американскиот функционер. До 17-ти март тој ќе ги посети и Белград, Атина и Никозија. Мичел од Приштина замина со пораката дека „Русија игра се подеструктивна улога во голем дел од Балканот поткопувајќи ги демократските институции“, и дека „САД ги поддржуваат евроинтеграциските аспирации на земјите од Западен Балкан“. Во Скопје го дочекуваат со пораката дека освен добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, Македонија се надева и дека наскоро ќе стане и следната членка на НАТО.
„Посетата на високиот претставник на Стејт департментот е потврда на пријателството, но и поддршка за евроатлантските интегративни процеси на Македонија“, изјави вчера премиерот Заев.
Тој нагласи дека Мичел доаѓа во време кога Македонија сака да ја унапреди соработката со стратегиските партнери.
„Една од главните стратегиски цели на Македонија е НАТО, а земјата е буквално на чекор од членство во НАТО. Ќе разговараме за соработката на двете земји, но и за НАТО перспективите, а ќе имаме поддршка и за нашата интеграција во ЕУ, бидејќи таа е стратегиски партнер“, рече Заев.
Главна тема - името!
Но, извесно е дека главниот фокус на разговорите сепак ќе биде ставен на главната пречка за интегративните цели на Македонија.
„Прашањето за името ќе биде една од главните теми на средбата“, потврди вчера шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
„Мислам дека секако состанокот ќе тргне со тоа прашање. Тоа ќе биде убава прилика да го запознаеме со динамиката во процесот за надминување на разликата околу името“, рече Димитров. Притоа посочи дека од македонска страна ќе биде поставено и прашањето за шансите Македонија годинава да стане дел од НАТО, истакнувајќи дека според последните анкети 80 проценти од граѓаните на РМ го поддржуваат членството во Алијансата.
Повеќе на темата:
-Павлопулос исцрта нови „црвени линии“ во спорот за името
-Дијаспората на протести против промена на името
-Споено име - формула за бришење на кратенките МК и МКД
Посетата на Мичел ги подигна надежите во домашната јавност дека можеби тој е дипломатскиот „тешкаш“ кој ќе помогне во надминување на бариерите во тешките прашања од разговорите за името. Но, искусни македонски дипломати сметаат дека „ова не е тоа“.
„Со оглед на приоритетите во политиката на претседателот Доналд Трамп, сметам дека оваа средба повеќе ќе биде информативна, со цел американскиот функционер да се запознае со проблемите“, оценува поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор, Денко Малески.
„Со други зборови, Мичел повеќе ќе сака да слушне, отколку да каже. Секако, тој ќе даде поддршка и охрабрување на процесот меѓу Македонија и Грција, но не на начин на кој јавноста очекува. Ќе биде оставено на Македонија и Грција да најдат решение преку преговори. И видливо е, дека секоја нова гарнитура амбасадори во регионов и политичари во САД одново и одново се изненадуваат од тоа колку тешко се решава проблемот“, смета Малески.
Дека во својата актовка не носи ништо специјално, Мичел потврди и вчера во Приштина.
„Не сум тука да откријам некој специфичен план, туку дојдов за да разговараме за дијалгот за европскиот пат на земјите од Западен Балкан. Видовме зголемување на руското влијание низ целиот Балкан минирајќи ги демократските институции. Бевме јасни и во нашите дискусии со Русите дека ова влијание не е нивен интерес и интерес на балканските народи“, изјави тој.
Реформски натпревар врз европски принципи
Поддршката од САД за евроатлантските аспирации и за раговорите за името, нема да бидат единствени теми. Дел од пораките на Мичел до македонската Влада ќе се однесуваат на спроведување на реформите за зајакнување на демократијата, владеењето на правото и слободата на медумите. Од Владата го потврдуваат значењето на овие теми.
„Во контекст на стратегијата и вклучувањето на Балканот, јас често зборувам дека ни треба реформски натпревар. Да се натпреваруваме кој ќе биде поуспешен во судски реформи, во борба против корупција, слободни медиуми итн. По аналогија, во делот на билатералните прашања ќе биде убаво со нашите соседи со кои уште имаме разлики, да се натпреваруваме кој ќе биде поевропски, кој ќе покаже разбирање за другите и кој ќе ги има предвид вредностите и принципите на Европа бидејќи токму и во тој контекст се обидуваме да го решиме тоа прашање“, изјави вчера Димитров.
Од Грција засега не стигнуваат сигнали за разбирање на другите. Шефот на грчката допломатија, Никос Коѕијас, останува на веќе декларираните позиции и не верува дека меѓународен договор може да ја надмине моќта на уставот.
„Промената на Уставот на пријателот и сосед, значи прво имплементација на ерга омнес, односно употреба на новото име во сите случаи, на меѓународно и внатрешно ниво, како и избегнување на идни несогласувања што би произлегле без оваа промена. Второ, дека во иднина би се избегнало една друга влада кај соседот да побара објаснувања за прекршување на Уставот“, изјави Коѕијас во интервју за грчкиот весник „Документо“. Тој нема да стигне во Скопје со најавениот нацрт-договор за решавање на спорот за името пред да се сретне со Мичел, кој во Атина ќе престојува на 15-ти март.
Но, поставувањето црвени линии засега не му помага на процесот.
„Ако повторуваме позиции јавно, тие стануваат црвени линии, а со црвени линии не се оди на состанок со другата страна. Иако и јас имам желба да се отворам сосема, ќе биде грешка, и во таа стапица не би требало да влегуваме“, изјави Никола Димитров. Тој повтори дека целта е да се постигне достоинствен компромис со соседот, да постои јасна дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија, а притоа да не се чепнат идентитетските прашање.
Во која мера оваа тема ќе биде третирана денеска, ќе се знае повеќе средбата на Заев и Мичел, кои во 13:45 часот ќе дадат заедничка изјава за медиумите.
Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид