1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветер во грб од Грција за македонските евроинтеграции

ДТЗ
15 октомври 2021

Грција како прва југоисточна европска земја која стана членка на ЕУ, смета дека има зголемена обврска да обезбеди интеграција на Западен Балкан во европското семејство

Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

По „закопувањето на секирите“ и решавањето на македонско-грчкиот спор за името,  кој беше надминат со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година,Атина им дава ветер во грб на напорите на Западен Балкан за што поскоро интеграција во ЕУ. Тројца високи грчки претставници вчера испратија силна порака дека Грција е стратешки партнер на Северна Македонија и дека дава голема поддршка во процесот на интеграција во Европската Унија. Тие бараат брзи и одлучни чекори од Европа и нудат техничка помош што побрзо да се изоди патот кон ЕУ. 

Сојузник и столб на стабилноста 

Грција како прва југоисточна европска земја која стана членка на ЕУ, има зголемена обврска да обезбеди интеграција на Западен Балкан во европското семејство, порача министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, кој во четвртокот во Стејт департментот разговараше со американскиот државен секретар Антони Блинкен, во рамки на третата рунда стратешки дијалог меѓу Грција и САД. 

Антони Блинкен и Никос ДендиасФотографија: Jonathan Ernst/Pool via AP/picture alliance

САД сметаат дека Грција е надежен сојузник и столб на стабилноста во регионот. Во тој контекст, Дендиас е дециден дека „Грција промовира стабилност и се обидува да спречи да доминираат силите кои сакаат да го отфрлат наназад овој немирен регион“. 

Лобирање и техничка поддршка 

Пораките коишто ги испрати алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милтиадис Варвициотис, кој во четвртокот престојуваше во Скопје, беа уште поконкретни. Тој вели дека Европа треба да преземе брзи и одлучни чекори за интеграција на регионот. Тој повика веднаш да се свика меѓувладината седница за двете земји, Албанија и Северна Македонија, така што, да се расчистат позициите за следните чекори во преговорите и со евентуалните забрзувања на проширувањето како за Србија, така и за Црна Гора.

Киријакос МицотакисФотографија: picture-alliance/Russian Look

„Европа е нашиот дом и ние сакаме тој дом да се прошири, да ги прифати сите земји од европскиот континент и на тој начин да се воспостави една географска целина и заокружување, а со тоа земјите од Западен Балкан да се приклучат кон заедницата“, порача тој. 

Јужниот сосед нуди и техничка поддршка за процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ.  „Подготвени сме да учествуваме во сите аспекти на европската политика, но подготвени сме и да ја зајакнеме и нашата економска соработка во духот на пријателството и меѓусебното разбирање и добрососедските односи. Добрососедските односи сигурно се потпираат на довербата и правилното спроведување на Договорот од Преспа“, вели Варвициотис. 

Жртви и компромиси 

Слични пораки од грчкиот државен врв изминатиов период беа упатени и на средбите во Брисел, на Самитот во Брдо, но и преку изјавите на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во Љубљана неодамна порача дека е време ЕУ да ги преземе обврските кон регионот. „Ако ЕУ не е присутна во овој регион, нема сомнение дека другите ќе побрзаат да ја пополнат таа празнина“, предупреди тој. 

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, кој преку видео-врска, учествуваше на самитот на „Економист“ во Скопје, рече дека Северна Македонија направи многу жртви и политички компомиси со цел да оди напред. 

Јоргос ПапандреуФотографија: AP

„Но, ние не сме подготвени да им дадеме ниту датум. Тоа е голема одговорност за ЕУ“, рече Папандреу, потенцирајќи дека Западен Балкан секогаш имал визија за заедничка соработка и за унапредување на демократијата. „Ние не можеме да градиме ѕидови околу ЕУ, за да ги игнорираме проблемите во земјите коишто се случуваат во регионот. Ако има криминал во регионот, проблем со мигрантите, тоа ќе се одрази и на Унијата“, порача Папандреу. 

Ставот на Атина е дека Унијата мора да направи чекор и да преземе одговорност за иднината на регионот. На земјите од Западен Балкан мора да им се кажат прецизни датуми и да се постави патоказ за нивниот напредок кон ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми