1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветото на Макрон ги убива надежите и мотивацијата

БГ
25 октомври 2019

Францускиот претседател Емануел Макрон им застана на патот на ветувањата на ЕУ дадени уште во 2003 на самитот во Солун. Неговото вето ги уништува перспективите на целиот регион, пишува Зидојче цајтунг.

Frankreich: Macron beim Treffen der biologischen Vielfalt und des Ökosystems in Paris
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Yalcin

„Најпрво добрата вест: Туристичкиот каталог Lonely Planet ја прогласи Северна Македонија за трета најдобра туристичка дестинација во светот“, пишува Зидојче цајтунг. „Но, ова фино признание", продолжува натаму весникот, „кое ги отвора перспективите за туризмот тешко дека ќе ги залечи болката и лутината поради лошата вест која претходно стигна од самитот на ЕУ во Брисел."
„Поради ветото на францускиот претседател Емануел Макрон, ЕУ одби да започне пристапни преговори со С. Македонија како и со Албанија. Тоа е едно јасно прекршување на ветување, и само по себе е доволно лошо. Но уште полошо е што оваа политичка кусогледост може да има далекусежни последици- не само за малата и убава Северна Македонија, туку и за целиот Балкан и за стабилноста на Европа“, пишува Зидојче.
„Франција ја оправдува својата блокада, која во случајот на Албанија ја поддржаа и Данска и Холандија, со тврдење дека реформите не биле спроведени докрај. Никој не може да лаже дека не постојат уште многу дефицити. Но во овој момент не се решаваше за влез во ЕУ, туку за почеток на долги преговори.“
„Со тоа Макрон ја принуди ЕУ кон еден курс, кој ги убива надежите, мотивацијата и перспективите. Од тоа ќе бидат погодени сите шест земји од Западниот Балкан. Од овој сигнал од Брисел сите ќе сфатат дека ЕУ не си ги исполнува ветувањата и не е веродостоен партнер. Српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш стави до знаење дека во неговата земја „ЕУ ќе стане уште понепопуларна и ќе има помала доверба“. Неговиот заклучок: „Ќе си се грижиме за себе“, пишува Зидојче цајтунг..
„Како тоа конкретно изгледа, ќе видиме уште в петок во Москва кога ќе биде потпишан договор за слободна трговија меѓу Србија и Евроазиската унија. Рускиот премиер Дмитриј Медведев тоа го најави деновиве при посетата на Белград со зборовите дека земјите од регионот не треба да се тераат да одлучуваат меѓу истокот и западот. Со други зборови: Тој нуди поблиско поврзување со Русија како замена за ЕУ."
„Доколку Балканот ја загуби вербата во членство во ЕУ, се заканува враќање кон национализмот и, во најлош случај, разгорување на старите конфликти.
Стравот од вакви сценарија ја донесе ЕУ до ветувањето од Солун во 2003 година: 'Иднината на балканските земји е во ЕУ', гласеше таа. Сега, Макрон им застана на патот. Наместо да го стабилизира, ЕУ предизвика нестабилност на Балканот."
„Но не е се загубено. На почетокот на следната година повторно ќе се најдат на дневен ред преговорите со С. Македонија и Албанија. Претседателот на С. Македонија Стево Пендаровски бара причина за оптимизам: 'Ниту една политичка одлука не е вечна’“, вели тој, пишува Зидојче цајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми