1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан ќе добие вакцини заедно со ЕУ

ДТЗ /ДВ
18 декември 2020

Имунизацијата во земјите на ЕУ ќе започне од 27 декември. Европската комисија демантира дека вакцините нема да пристигнат пред мај.

BIONTECH Impfstoff
Фотографија: Laci Perenyi/imago images

Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Ваквата вест ја сподели еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој утрово имаше состанок со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и колегите од регионот. За специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на ЕУ. 

- повеќе на темата:Германија очекува дозвола за корона-вакцината до 23 декември

„Работиме на тоа да се осигураме дека вакцините против Ковид-19 ќе бидат на располагање на Западен Балкан на време, кога ќе започне дистрибуцијата во ЕУ“, напиша Вархеји на Твитер по состанокот.

Вакцините против Ковид-19 ќе бидат на располагање на Западен Балкан на време, кога ќе започне дистрибуцијата во ЕУФотографија: EU/Gent Shkullaku

Медумите од регионот пренесуваат дека западнобалканските земји кои се надеваа на брза имунизација преку Ковакс програмата, вакцините најверојатно ќе ги добијат дури во мај, но портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро експресно го демантираше тоа. „Вархеји не кажа дека вакцините нема да стигнат пред мај“, вели таа. Србија, во меѓувреме најави дека набавка на вакцината на Фајзер и од понеделник ќе ги добие првите дози на вакцината на Фајзер. Станува збор за околу 5.000 вакцини, кои ќе бидат распределни по старските домови. Имунизацијата во земјите на ЕУ ќе започне од 27 декември.

Солидарност на Унијата

Според вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. „Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров. Тој додаде дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ којшто врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи, посочувајќи дека се финализира анализата на овие групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани. Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови.

Првите дози во Србија

Првите дози на вакцината „Фајзер“ во Србија ќе пристигнат во понеделник или вторник, во првата транша ќе има нешто помалку од 5.000 дози, а ќе ги примат корисниците на домовите за стари лица, изјави српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.

-повеќе на темата: Зошто корона-пандемијата посилно ги погаѓа сиромашните

Дозволата за увоз на вакцината на компанијата „Фајзер“ и „БионТек“ е издадена вчера во Агенцијата за лекови и медицински средства. „Тоа е голем успех ако се знае дека само неколку земји во Европа и светот можат да се пофалат дека ќе имаат вакцини во тој период“, вели српскиот министер. Според него, Србија е меѓу првите кои добиле вакцини затоа што била една од првите пет земји во светот кои потпишале договор со компанијата „Фајзер“.

Донации од ЕУ за надминување на јазот

Европската комисија заедно со земјите-членки работи на координација на донацијата на вакцини, што ќе бидат испорачани на земјите од Западен Балкан, пред да пристигнат првите испораки од механизмот Ковакс. Портпаролката за проширување во ЕК, Ана Писонеро наведе дека донациите од ЕУ и Ковакс се два различни систама.Таа потврди дека ЕК обезбедила дополнителни средства за земјите од Западен Балкан за набавка на вакцини.

-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

„Не можеме да ги потврдиме точните бројки, работиме на обезбедување на фондовите заедно со земјите-членки, кои би помогнале вакцините да бидат распределени на време и за партнерите од Западен Балкан“, истакна Писонеро. ЕУ претходно соопшти дека ќе обезбеди околу две милијарди вакцини, што е повеќе од доволно за граѓаните на Унијата, а вишокот дека ќе биде поделен на земјите од Западен Балкан ширум светот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми