1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Вечното враќање на бегалските трауми

7 март 2022

Ако сега случајно заталкаат бегалци од Украина во Македонија, не би ме изненадило кога дури и некои од потомците на некогашните егејски бегалци не би ги дочекале со раширени раце. Пишува Кица Колбе.

Бегалци од Украина на граничниот премин кон Полска, Медика
Бегалци од Украина на граничниот премин кон Полска, МедикаФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Во македонската јавност бегалските приказни не се многу омилена тема. Ниту како тема во литературата, ниту како извештај во медиумите. За македонската перцепција бегалството  уште се идентификува со  „Егејците“ и со „егејската тема“.  Во  просечната македонска свест  „Егејците” се синоним за бегалците воопшто. Во таа смисла бегалството за просечниот ум остана стигма и проклетство. Тоа што „Егејците” не беа никогаш  многу омилени, често ме тера да се прашам  зошто Македонците  немаат повеќе емпатија за бегалците? Бидејќи историјата на регионот Македонија сведочи за многу војни, промени на граници, размена на население меѓу новите држави. А од тоа би се очекувало нејзиното население да има повеќе емпатија за бегалците. Нашите македонски предци  раскажуваа постојано за војните во нивните биографии. Барем така беше со моите егејски роднини.

Историјата на регионот Македонија  сведочи за многу бегалци кои во неа нашле нова татковина. Етничката разновидност во Македонија е резултат и на бегалски бранови во различни периоди. Во Македонија  имало голема  дијаспора на сефардски Евреи. Од нив логорот во Треблинка го преживеаја само малкумина. Меѓутоа тие во петнаесеттиот век  дошле во  Македонија, во Османското царство,  како бегалци од Шпанија, каде биле гонети од Инквизицијата.  Во  Македонија  пристигнаа по Октомвриската револуција и многу руски бегалци, кои бегаа пред  болшевиците. Тие што останаа во Македонија, тогаш дел од кралството Србија, придонесоа во изградбата на земјата како архитекти, лекари, научници. Таков беше историчарот Владимир Мошин, професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Но и прочуениот православен богослов  Николај Афанасјев кој,  пред да замине во Париз како професор на прочуениот богословски институт „Сан Серж”, бил учител по веронаука во една женска гимназија во Скопје.  

Фотографија: Privat

И, сепак, кај многу Македонци  е уште присутен амбивалентен однос кон бегалците воопшто. Дури и академици пред неколку години ширеа лажни вести дека кога Македонија ќе биде примена во ЕУ, во неа ќе бидат изградени големи бегалски центри. Ако сега случајно заталкаат бегалци од Украина во Македонија, каде се чини дека восхитот за Путиновата политика е многу силен, не би ме изненадило кога дури и некои од потомците на некогашните егејски бегалци не би ги дочекале  со раширени раце.

Повеќе од авторката: Бегалците отсекогаш и насекаде ги сместуваат во предградијата

А тие самите знаат дека бегалците се немите сведоци за долгата историја на војните и бегалствата. Тие се сведоци за темната страна на  славните освојувачки војни. Тие се жртвите на границите на новите национални држави. По Втората  светска војна, по Јалта, границите во Источна и Средна Европа беа  наново исцртувани, што резултираше со милиони раселени и протерани луѓе. Последните бегалци, од последната војна на Балканот по крајот на Втората светска војна и пред почетокот на „Студената војна”, беа токму егејските бегалци. Нивната судбина потоа беше табуизирана, и во Југославија и во Грција.

Можеби токму политичкото табу во Југославија, кое произлезе од грчко-југословенскиот договор за мир и пријателдство потпишан уште додека траеше Грчката граѓанска војна, беше причината за одбивниот однос кон „Егејците”. Политичкото табу направило егејските бегалци  често да се доживуваат како „туѓинци”. А можеби тој ресантиман го обои односот на Македонците кон бегалците воопшто.

Расизам на украинско-полската граница

01:39

This browser does not support the video element.

На пример, Македонците не се прославија со емпатија и солидарност кон сириските бегалци. Иако го гледаа нивното страдање секоја вечер на вестите.Во преполните бродови во Средоземното море,  во Сицилија, на  грчките острови, но и на македонско-грчката граница. Откако пред дванаесет дена Русија ја почна инвазијата во Украина, во бегалство се наоѓаат повеќе од милион украински бегалци. На железничката станица во Берлин минатиот викенд секои десет минути пристигнуваше од Полска воз со украински бегалци. Нивниот прием и сместување го организираат доброволци. Најголемиот број од бегалците  се млади мајки со деца. Нивните сопрузи и татковци останале  да ја бранат татковината. Дедовците и бабите останале да ги чуваат домовите. Моите егејски роднини знаеја што се случува со напуштените домови на бегалците. Од нив по некоја година не  останува камен врз камен.

Повеќе од авторката: Балканот и бегалските приказни

За да имаме емпатија со бегалците, треба да  ја согледаме нивната траума. Тие го носат со себе не само стравот што го доживеале при бомбардирањата. Тие се занемени и од болката што ја доживеале на границата, на разделбата од татковината,  оставајќи таму се‘ свое, познато од раѓање. Прашајте се, што може да се понесе во куфер од тоа што е дом, граден со децении, некогаш од повеќе генерации? Нив подоцна секој ден во егзилот ќе ги демне стравот за животот на нивните татковци, синови и браќа кои останале да се борат во Украина.  Сето тоа ќе ја сочинува нивната траума која ќе ја носат со себе до крајот на животот, а ќе им ја пренесат и на своите деца родени во егзил. 

Првите украински бегалци пристигнаа во Германија

02:47

This browser does not support the video element.

Тоа го знае  современата наука за траумата, тоа го знае светската литература и уметност. Но тоа не го знаат ( или свесно го заборваат) диктаторите како Владимир Путин. Неговата цел тој ја остварува без оглед на страдањето на милиони бегалци кои ќе бидат последицата од оваа војна. По Втората светска војна европските државници како Де Гол и Аденауер сакаа да направат се‘ за европското обединување,  за да се спречат војните во Европа. А тој проект беше успешен се‘ дури не  почна како огромен Титаник да се урива  социјалистичкиот свет.  Милиони  луѓе од тој свет, жедни за слобода на движење и патување, кои зад „железната завеса” со децении копнееја по единствениот симбол за слобода, за човекови права и за демократија – Западот – тргнаа тогаш кон него како кон „ветената земја”.

Повеќе од авторката: Преспа како место за паметење на сите балкански бегалци

Меѓутоа, само по  триесет години, во голема мера и под влијанието на „хибридната војна” против Западот од лабораторијата во Кремљ, многу од нив денес пак се вратија на старата националистичка идеологија од деветнаесеттиот век, та  сонуваат за силни национални држави – среде обединета Европа! А во Русија се врати и старата „чекистичка”, КГБ-овска  доктрина и идеологија, според која Западот е нејзиниот најголем непријател. Ние, пак, од постјугословенските војни научивме дека тие се возможни и во дигиталниот свет. Тие во него стануваат само уште поперфидни, иако во суштината се варварски како  и архаичните војни. Но научивме дека и  стравот и болката при разделбата од татковината се исти и кај новите бегалци како кај оние во древните времиња. Ако не можеме да ги спречиме војните, барем да бидеме емпатични и солидарни со бегалците. Тоа мора да стане моралниот императив на секоја модерна демократија. Затоа што општеството што не сочувствува со бегалците пропаѓа во длабоко варварство.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми