1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вељаноски експресно свика собраниска седница

БГ/мкф/мета18 мај 2016

Неколку часа по одлуката на Уставниот суд, собранискиот спикер Вељаноски закажа седница на Собранието во 16 часот. ДУИ ја поздрави одлуката на Уставен, според СДСМ таа е само привид за решавање на кризата.

Фотографија: MIA

Собранискиот спикер Трајко Вељаноски за попладнево свика собраниска седница на која пратениците се очекува да ја повлечат одлуката за распишување избори на 5 јуни. Вељаноски соопшти дека одлуката ја донел врз основа на претходното решение на Уставниот суд за утврдување на уставноста на одлуката за распуштање на парламентот.

Вељаноски е уверен дека натамошниот развој на демократските процеси во земјата најдобро може да се оствари во Парламентот.

„Истовремено, го изразувам и своето силно уверување дека единствено преку постојано надоградување на меѓусебните односи помеѓу сите релевантни чинители во државата, на најдобар можен начин ќе се помогне во насока на остварување на носечките македонски стратешки приоритети какви што несомнено се, членството во НАТО и ЕУ, унапредувањето на стратешките односи со САД, како и создавањето на сите неопходни претпоставки за економски, социјален и сеопшт развој на Македонија“, додава Вељаноски.

Собранието се распушти на 6-ти април врз основа на изменетата одлука што ја изгласаа пратениците на 23 февруари, со цел предвремените парламентарни избори да се одржат на 5 јуни, на кои пак, се пријави за учество само една партија, владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Трајко ВељаноскиФотографија: MIA

Од опозициската СДСМ попладнево оценија дека одлуката на Уставен суд „е уште една потврда дека решенијата ги пишува Груевски, а не оние што ги носат тогите во судот“. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Дескоска потсети дека пред точно три месеци, Уставниот суд се прогласил ненадлежен за уставноста на одлуката за распуштање на Собранието со одложено дејство, а денеска донел сосема спротивна одлука.

„Денешната одлука на Уставниот суд создава само привид дека со неа се отвара пат за решавање на кризата. Се додека Уставниот суд одлучува во зависност од тоа кое копче ќе го притисне врхушката на власта нашата земја има сериозен проблем“, рече Дескоска.

Таа додаде дека решението на длабоката политичка криза е поништување на срамната одлука на Ѓорге Иванов за аболиција, како и свикување на Собранието за одложување на изборите и спроведување на фер, демократски, регуларни избори со исполнување на сите услови.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети претходно ја поздрави одлуката на Уставниот суд која дојде по иницијатива на неговата партија:

„Ги повикувам сите лидери, медиумите и граѓанското општество да дејствуваат со целосна одговорност во однос на ситуацијата во која е земјата и да придонесат за враќање на безбедноста, стабилноста и силно да се заложат за сериозната агенда на реформи“, порача Ахмети.

Од движењето Протестирам оценија дека Уставниот суд со својата одлука „покажа знаци на живот“, но тоа не е доволно. „Продолжуваме да протестираме до исполнување на барањата!“, велат од Протестирам.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми