Новиот собраниски претседател, Талат Џафери, утрово дошол на работа директно во претседателскиот кабинет и таму го почнал работниот ден: прв гостин амбасадорот на ЕУ
Реклама
Клучевите од кабинетот предадени на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери и прв гостин кај него е амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.
Како што неофицијално дознаваме, поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, уште вчеравечер почнал да ги изнесува неговите лични работи од претседателскиот кабинет и тој набрзо бил ослободен за работа на неговиот наследник. Талат Џафери утрово влегол директно во претседателскиот кабинет и таму го почнал работниот ден.
Уште во утринското соопштение, СДСМ потенцираше дека „институциите и вработените во нив се должни да овозможат спроведување на мнозинската волја на граѓаните“.
„Неопходно е новиот претседател на Собранието, избран на законски и легитимен начин, целосно да ги преземе одговорностите. Врвен државен интерес е мирен трансфер на власта и формирање на ковата реформска Влада и тоа брзо ќе се случи“, порача СДСМ.
На истата темалидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера попладнето разговарал со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Како што соопшти партијата, заеднички било констатирано дека е заокружено формирањето на Парламентот со изборот на новиот собраниски претседател, и дека демократскиот процес мора да продолжи со формирање на новата реформска Влада.
„Очекувам сите институции и вработените во нив да го сфатат својот дел од одговорноста во овозможувањето на развојот на демократските процеси. Новиот претседател на Парламентот е легитимно, законски и деловнички избран и низ официјална процедура во брзо време ќе го информира Ѓорге Иванов дека постои декларирано парламентарно мнозинство и дека Иванов е должен да му го даде мандатот на претседателот Заев за формирање на новата Влада“, рекол Заев.
Сведоштва за „крвавиот четврток“ во македонскиот парламент
Невидени хаотични слики: Откако мнозинството пратеници го избра пратеникот на ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието, на противење на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, во законодавниот дом упадна толпа насилни луѓе.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Навала пред вратите на Парламентот
По изборот на Талат Џафери за нов претседател на Парламентот, од иницијативата „За заедничка Македонија“ ги повикаа граѓаните да излезат уште помасовно на протест, со цел да ја спасат државата од, како што истакнаа, влегување во сценарио од кое нема враќање назад. Толпата почна да притиска кон вратите на Собранието за да влезе во него.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Слабо присуство на полицијата
Неколку големи групи граѓани влегоа во парламентарната зграда, во пленарната сала, во фоајето и во други простории на парламентот, откако полицијата не го спречи првиот бран од граѓани кои протестираа против изборот на нов претседател на Собранието.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Незапирливо „заземање“ на Парламентот
Меѓу оние кои упаднаа имаше и маскирани лица со качулки, кои фрлаа столици во собраниските простории и медиумска опрема.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
„За заедничка Македонија“ во Собранието
Во закондавниот дом завладеа хаос. Тука беа организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, тука беа и министри и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski
Знамиња и песни
Дел демонстранти ја „зазедоа“ и Пленарната собраниска сала, каде што пееја песни и вееја знамиња.
Фотографија: picture-alliance/abaca/B. Ademi
Напади врз пратениците на СДСМ
Демонстранти навлегоа и во прес-центарот, каде што беа пратениците на СДСМ и ДУИ и почнаа да ги тепаат со столови и со сè што ќе им дојде до рака. Крвнички напаѓани беа Зоран Заев, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски, Радмила Шеќеринска, Хари Локвенец, Зијадин Села. Полиција немаше.
Фотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev
Полицијата се „разбуди“
По повеќе од еден час по почетокот на инцидентите, полицајци влегоа во Собранието и се обидоа да ги извлечат пратениците од прес-центарот, но беа избркани од толпата што ги држеше како заложници. Толпата се забарикадира во прес-центарот.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Евакуација на повредените пратеници
Некаде пред 22 часот дојдоа и специјалци, па почнаа да се обидуваат да ги вадат повредените од забарикадираниот прес-центар.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Извлечени пратениците
Кратко пред полноќ пратениците од парламентарното мнозинство беа извлечени од Собранието, а пред него и понатаму останаа насобраните демонстранти.
Вкупно стотина лица се повредени, од кои четворица се пратеници. Целото Собрание е демолирано, тврдат новинари, од кои дел исто така беа напаѓани.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Шатори пред Собранието
Припадници на движењето „За заедничка Македонија“, кое ги предводи демонстрациите, кои синоќа прераснаа во безредија и насилство, поставија шатори пред Собранието и најавија дека ќе останат таму „колку што е потребно“, за да ја „одбранат Македонија“.