Драматичен раст на тензиите на северот на Косово
28 мај 2019Последните информации од Косово говорат дека состојбата се смирува, но тензиите се на високо ниво. Утрово, специјалните единици на косовската полиција во акција во повеќе градови уапсија десетици лица кои се осомничени за корупција и злоупотреба на функциите. Најдраматична била состојбата во Зубин Поток каде локалните Срби подигнале барикади и се обиделе да го спречат апсењето на локалниот полициски командир.
Во Србија се одржа седница на Советот за национална безбедност по која претседателот Александар Вучиќ изјави дека целта на полициската акција е да се заплаши локалното население. Издадена е наредба и за подигнување на борбената готовност на српската страна од границата.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека акцијата е дел од борбата против криминалот во земјата, а цел се корумпирани полицајци, цариници и граѓани.
Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека полициската операција била целосно легална и не била „насочена кон ниту една заедница“.
Тачи рече дека меѓу уапсените има „Албанци, Срби, Бошњаци, како и еден руски државјанин кој се камуфлирал како дипломат за да ја спречи полициската операција“.
Реагираше и Русија која побара ослободување на рускиот дипломат кој бил дел од мисијата на ОН во земјата. Официјална Москва смета дека акцијата е „уште една провокација од Приштина“.
Погледнете ја атмосферата во Митровица во нашето видео: