Игри - најбрз растечки сектор во економијата
5 август 2015Цели пет дена саемот во Келн ќе биде подиум за претставување на нови компјутерски игри. Повеќе од 800 излзагачи од педесетина земји ќе ги презентираат своите нови производи. Тоа е за 14 отсто повеќе од минатата година, што укажува на актуелниот пораст на таа бранша.
Билетите одамна се распродадени
Во последните шест години бројот на излагачи се искачил дури за 53 проценти, притоа најголем пораст е забележан на странските излагачи. Сличен раст бележи и бројот на професионална, но и широка публика. Минатата година, саемот на суперлативи го посетиле 335.000 љубители на игри. Како минатата, така и оваа година има лоша вест за посетителите, кои на саемот не доаѓаат со акредитација: сите билети за пошироката публика се веќе распродадени. Но, тоа не значи дека многумина нема да се обидат на лице место да дојдат до билети кои биле резервирани, но не се подигнати. „Никаде во светот на едно место за толку краток период не се собираат толку многу експерти, автори на игри и трговци“, вели Гералд Безе, директор на келнскиот саем. Неколку дена пред саемот започна и конгрес на експерти за развој на игри.
Потреба од експерти
Одделот за компјутерски и видео игри денес стана еден од поважните економски фактори и тоа не само во Германија, каде што во таа гранка работат повеќе од 32.000 лица. Секојдневно се потребни се’ повеќе експерти. Побарувачката за инженери за развој на програми денес ја надмина побарувачката за инженери во класични економски гранки, на пример машинството. Само во Германија минатата година со продажбата на хардвер и софтвер за игри се заработени 2,67 милијарди евра. Во првите шест месеци од оваа година забележан е раст од три отсто. „Ниту една друга гранка, ниту еден друг сегмент од животот во Германија, не се развива толку брзо како сегментот за видео игри“, вели Маркус Шенк, директор на германскиот Сојуз за производители на интерактивна забавна индустрија.
Во тренд: симнување од интернет и апликации
Продажбата на програми се’ почесто се прави со кликнување на „download“, односно симнување од интернет. Сепак, одлучувачка улога во продажбата на игри се’ уште имаат традиционалните носачи, како што се ДВД или Блуреј. Истовремено, расте и продажбата на апликации. Се’ повеќе корисници играат „во од“ на своите смартфони.