Видео-снимки го докажуваат бегството на напаѓачот од Берлин
Ж.А. /агенции
27 декември 2016
Претпоставките околу патот по кој избегал Анис Амри по нападот во Берлин се чини се потврдени. Ден пред да биде застрелан во Милано, Тунижанецот е снимен на железничка станица во Лион.
Реклама
Осомничениот напаѓач на божиќниот панаѓур на берлинскиот Брајтшајдплац на снимките од камерите за надгледување се гледа како на 22 декември стои на еден перон на железничката станица во Лион, јавуваат повеќе медиуми, повикувајќи се на извори од истрагата.
24-годишниот Амри на снимките стои сам, носи капа и ранец со себе. Француските истражители претпоставуваат дека Тунижанецот во Лион купил билет за Шамбери, кој се наоѓа меѓу Лион и италијанската граница, и оттаму го продолжил патувањето кон Милано. Ноќта кон петокотАмри Анис беше убиен во Милано при рутинска полициска контрола.
И натаму е нејасно како атентаторот успеал да побегне од Берлин и на кој начин отпатувал за Франција.
Во нападот врз божиќниот панаѓур на Брајтшајдплац на 19 декември беа убиени 12 луѓе, еден од нив - возачот на полскиот товарен камион со кој според истрагатаАмри влетал во масата луѓе.
Нови сознанија околу полскиот возач
Возачот на камионот, кој по нападот беше пронајден мртов на совозачкото седиште, според информаците на весникот „Билд“, бил застрелан во главата неколку часови пред изведувањето на атентатот. Досега се претпоставуваше дека човекот кратко пред нападот водел борба со атентаторот во возачката кабина.
Резултатите од обдукцијата покажуваат дека Полјакот бил ранет со огнено оружје уште во времето меѓу 16:30 и 17:30 часот и загубил многу крв. Но, можно е тој сепак да бил жив до моментот на атентатот, кратко по 20 часот.
Хронологија: терористички заговори во Германија
Во неколку наврати во последните 18 месеци, полицијата успеа да спречи терористички напади и заговори во Германија. Земјата стана цел на исламските милитанти во Европа. Ова се досегашните обиди
Фотографија: Reuters/M. Rehle
Лајпциг, октомври 2016
Полицијата во Лајпциг го уапси 22-годишниот сириски бегалец Џабер ал Бакр по дводневна потрага откако беше откриен експлозив и опрема за производство на бомби во неговиот стан во Кемниц. Беше осомничен за планирање напад врз аеродромот во Берлин. Два дена подоцна, беше пронајден обесен во затворската келија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Willnow
Ансбах, јули 2016
Во јули годинава, „Исламската држава“ ја презеде одговорноста за два напади извршени од баратели на азил. 15 луѓе беа повредени во вински бар во близина на влезот на музички фестивал во баварскиот град Ансбах, откако сириски бегалец активираше бомба. Напаѓачот загина во атентатот.
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Karmann
Вирцбург, јули 2016
17- годишен барател на азил вооружен со секира и нож изврши напад во регионален воз кај Вирцбург. Пет лица беа тешко повредени, а напаѓачот беше застрелан од полицијата. Германските власти соопштија дека тинејџерот бил осаменик инспириран од „Исламската држава“, но не бил член на мрежата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand
Диселдорф, мај 2016
Три осомничени членови на „Исламската држава“ беа уапсени во три германски покраини. Власатите велат дека двете лица планирале да се разнесат со експлозив во центарот на Диселдорф, додека третиот напаѓач и четврто лице кое беше уапсено во Франција, планирале да отворат оган врз случајните минувачи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij
Есен, април 2016
Полицијата уапси три лица откако бомба повреди три лица во храм на Сиките во Есен. Бомбата беше активирана по свадбена прослава, уништувајќи ја внатрешноста на објектот. За нападот е осомничен 16- годишник кој и се предаде на полицијата, додека уште еден малолетник беше уапсен во неговиот дом.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kusch
Хановер, февруари 2016
Германката со мароканско потекло Сафиа С. е обвинета за напад со нож врз полицаец на главната железничка станица во Хановер. Оваа 16- годишна девојка била мотивирана од „членови на Исламската држава во Сирија да го изврши нападот“, вели јавниот обвинител Симон Хенрикс.
Фотографија: Polizei
Берлин, февруари 2016
Во неколку одвоени рации низ државата, полицијата уапси тројца Алжирци осомничени за врски со „Исламската држава“ и за планирање терористички напади во Берлин. Покраинското јавно обвинителство вели дека постоеле „конкретни“ планови за напад во главниот град.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Оберурсел, април 2015
Локалната велосипедска трка беше откажана откако полицијата откри дека е можна цел на исламски терористички напад. Еден 35-годишен маж со турско потекло и неговата 34-годишна сопруга беа уапсени под сомнение дека планирале напад. Во нивниот дом полицијата пронајде материјал за изработка на бомби.