1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Виена- центар на џихадисти од Балканот?

Штефан Ожват
5 ноември 2020

Терористичкиот напад во Виена, кој го изврши радикален исламист со австриско и македонско државјанство го актуелизираше прашањето за Австрија како легло за џихадистите од Балканот.

Österreich Anschlag in Wien - Leere Strassen
Фотографија: Alex Halada/AFP/Getty Images

За време на нападот во историскиот центар на Виена, тој носеше лажен појас со експлозив и беше вооружен до заби со автоматска пушка, пиштол и мачета. И, тој очигледно бил решен да убие луѓе. 20-годишниот Кујтим Ф. бил добро познат на безбедносните органи во Австрија. Минатата година Австриецот со албанско-македонски корени сакаше да и’ се приклучи на Исламска држава во Сирија. За тоа тој беше осуден на 22 месеци затвор. На 5 декември 2019 година, меѓутоа, тој бил пуштен на условна слобода, бидејќи се сметаше за млад возрасен и во Австрија за оваа возрасна категорија важат привилегиите на Законот за судовите за млади (JGG).

За Кујтим Ф. се грижеше здружението ДЕРАД, кое е специјализирано за дерадикализација на муслиманската младина и соработува со Министерството за правда во Виена, „Никогаш не помислив дека е можно тој да стане атентатор“, рече неговиот поранешен адвокат Николаус Раст за австриската новинска агенција (АПА). Според него, Кујтим Ф. потекнува од „нормално семејство“ и веројатно наишол на погрешни пријатели. „Да не одеше во џамија, туку да тренираше бокс, ќе станеше боксер“, смета Раст. Пред две години, мајката на атентаторот дошла во неговата канцеларија целосно скршена затоа што нејзиниот син исчезнал. Тој се радикализирал на интернет. Полициските куршуми му ставија крај на животот на младиот човек во понеделникот вечерта во близина на црквата Св.Руперт во центарот на Виена.

Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Но министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер еден ден по нападот мораше да го признае дека постоеле индиции дека Кујтим Ф. може да изврши напад, бидејќи 20-годишникот објавил фотографија на својот Инстаграм профил на која се гледа со две од оружјата кои веројатно подоцна ги користел во нападот.

Затворите како „легла на радикализација“

Имамот Рамазан Демир, кој и самиот бил затворски свештеник, стави прст во рана. „Затворите се легла за радикализација“, изјави муслиманскиот свештеник за агенцијата АПА. И магазинот „Профил“ во своето последно издание известува за значителни безбедносни празнини во затворите во Австрија. Според виенското Министерство за правда, бројот на шверцувани мобилни телефони се зголемува. Во изминатата година, во затворите беа одземени повеќе од 1.000 нелегални мобилни телефони - 720 повеќе отколку во претходната година.

Повеќе:

-Како терористот од Виена Кујтим Ф. стана радикален исламист

-Австрија бара податоци за петмина осомничени од Македонија и Косово

-Европа и понатаму под закана од џихадистички тероризам

Во Грац во ќелијата на приврзаник на Хамас беа пронајдени мобилен телефон и четири патрони од куршуми. За него се вели дека поттикнал обид за атентат од ќелијата, што неговиот адвокат го негира.  Магазинот Профил  известува и за осудениот поддржувач на ИД Лоренц К., кој од затворот Штајн разговарал со приврзаниците на ИД во Сирија. Тој и’ испратил слика на една жена која го покажува пред црното знаме на ИД во неговата ќелија. „Ова знаме секогаш беше во ќелијата“,  изјавил тој на сослушувањето во  австриската сојузна служба за заштита на уставот и борба против тероризмот (БВТ).

Фотографија: Leonhard Foeger/REUTERS

„Дека таму нешто се случува“ можеше многу јасно да се почувствува на соодветните форуми во последните неколку дена, изјави шефот на Канцеларијата за контак за спречување на екстремизмот во исламската верска заедница, Надим Мазарвех. Треба да се научи да се толкува реториката на овие луѓе, бараше тој, со цел да се спречат ваквите терористички напади во иднина.

Австрија- центар за џихадисти

Австрија одамна е центар на џихадистите од Балканот, но и од Кавказот. „Повеќето џихадисти кои ја напуштија Австрија за да се борат за терористички организации во странство се Чеченци“, рече австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер по неодамнешниот напад во Париз. Владата во Виена по нападот во Париз,  најави формирање на  „работна група“ за справување со „опасноста од формирање паралелни општества“. Виенското здружение ДЕРАД има за цел да ги одврати радикализираните муслимани од џихадизам во затворите и да спречи муслимански младинци да навлезат во сцената на политичкиот ислам.

Овој систем сега е ставен на тест; во иднина, при предвремено ослободување од затвор, ќе бидат вклучени и сознанијата  на службениците за државна безбедност, изјави министерот за внатрешни работи на Виена. Во пролетта, водечки џихадисти беа осудени на затворски казни во Грац. Тие шверцувале борци на Блискиот Исток преку религиозно здружение во Грац. Исламска држава со години регрутира џихадисти на Балканот, а жариштата таму се Санџак во триаголникот Босна и Херцеговина, Србија и Косово, како и соседните земји. Пропагандни видеа на ИД се насочени кон млади мажи на Балканот. Нивните борбени имиња го означуваат нивното потекло: Ал-Босни, Ал-Косови, Ал-Албани тие самите се нарекуваат. Визијата на радикалите е да го интегрираат Балканот во калифатот што треба да се создаде. Секогаш одново нивните траги водат и кон Виена. 

Херои на социјалните мрежи

По нападот во Виена, двајца млади спортисти на боречки вештини со турско потекло станаа херои на социјалните мрежи. Тие извлекоа две повредени лица од  линијата на огнот во понеделникот вечерта, вклучително и еден ранет полицаец. „Ние муслиманите со турско потекло се гадиме од секаков вид терор“, рече еден од мажите во видео на Инстаграм. Тие сакале  да испијат, како што рекоа, „последно кафе пред стапувањето во сила на полицискиот час поради пандемијата“.

Во психосоцијалните служби во Виена (ПСД) „телефоните се вжештија“ по нападот, рече главниот лекар на ПСД, Георг Псота. Меѓу оние кои се јавуваа не биле само сведоци на терористичкиот напад, туку и луѓето „кои едноставно се исплашени“, особено во годината на пандемијата на короната.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми